Пресуда - државата ги дискриминирала лицата со попреченост при остварување на правото на глас

Илустративна фотографија

Државата доби пресуда дека сторила директна дискриминација кон лицата со попреченост, не овозможувајќи им да го остварат правото на глас на последните избори, со тоа што не обезбедила пристап до избирачките места. Пресудата говори многу за состојбите и потребата од подобрување на истите.

Владата и Државната изборна комисија сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас, утврди неодамна основниот граѓански суд во Скопје.

Според пресудата, државата директната дискриминација ја направила поради тоа што не обезбедила никаква инфраструктура и простор во избирачките места со што не овозможила на лицата со попреченост да го остварат своето право на глас, а со тоа о попречиле и нивното активно учество во политичкиот живот на државата.


Поради тоа, судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат пристапност, рамни патишта, соодветни паркинг места и други услови кои ќе им овозможат пристап на оваа категорија на граѓани.

Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес.

Пресудата е одраз на состојбите со правата на лицата со попреченост во државава

Пресудата е значаен исчекор за лицата со попреченост, вели Елена Кочовска, која го предводи движењето против хендикеп „Полио Плус“.

Кочовска вели дека токму пристапноста е и најголем проблем за лицата со попреченост во државава.

Истовремено според неа пресудата претставува и преседан во судството затоа што констатира реална фактичка состојба во која се повредуваат граѓанските и политичките права на овие лица.

„Претставува пример за тоа како треба всушност да биде поставен системот на владеење на правото каде што судската, но и извршната и законодавната власт мора да ги почитуваат обрските што ги презеле согласно меѓународните договори за правата на лицата со хендикеп, но истовремено покажува дека постоечките механизми може да им бидат одлична алатка на овие лица за остварување на нивните лични и колективни права“, вели Кочовска.

Во изминативе години и поединечно организациите поднесувале различни тужби, но речиси никогаш од судот не била согледувана дискриминацијата од страна на државата, додава Кочовска.

Видете и ова: Средношколците со попреченост повторно без образовни асистенти

Судството според неа има голема улога во уредувањето на граѓанските и политичките права на лицата со хендикеп.

„Ние за жал се уште сме во областа на пристапноста и тоа дали имаме или немаме рампа, но и покрај тоа во преусдата се споменуваат и другите форми кои што всушност ни се обврска нам како држава да ги воведеме и да им ги овозможиме на граѓаните со хендикеп за да можат не само да пристапат до објектите туку и да ги добијат информациите изворно во пристапен формат што значи и дека отвора и една друга „Пандорина кутија“, а тоа е и пристапноста до информациите, за што биле поднесувани претставки до судот, но одлуките на судиите биле дека тоа било за наше добро“, нагласува Кочовска.

Владата ја префрла одговорноста кај ДИК

Пресудата се уште не стигнала до Владата, велат оттаму. Владата воопшто не ниту запознаена со нејзината содржина.

Одговорноста за пристапноста до објектите ја префрлаат во Државната Изборна Комисија (ДИК), за која велат дека надлежноста и обврската е исклучително кај неа.

„Владата, преку своето Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, редовно комуницира со ДИК околу позитивните законски прописи преку кои треба да се обезбеди пристапност на лицата со попреченост до правото на избор( како физичка пристапност така и правото на соодветно прилагодување). Уште пред Претседателските избори во 2019, Владата испрати допис до ДИК за иницијатива да се коригираат (заменат) сите избирачки места кои се непристапни со нови пристапни“, велат оттаму.

Видете и ова: Повеќе пари за достоинствен живот, бараат лицата со попреченост

Во меѓувреме, Владата се правда дека пристапноста за лицата со попреченост е комплексен проблем и дека многу од објектите се стари поради што не може да се стават пристапни рампи.

„Потенцираме дека пристапноста е еден од комплексните проблеми кои бараат време за корекција, од причина што повеќето институции располагаат со стари згради кои се градени во минатото и не располагаат со статика и можности за коригирање на пристапни стандарди, или поради афтентичност од националната култура, нема можност за коригирање. Владата е одлучна да продолжи по патот кон унапредување на стандардите за инклузија и функционалност на лицата со попреченост во државата“, додаваат од оттаму.

ДИК ќе се жали на пресудата

Државната изборна комисија пак ќе се жали на пресудата.

Но, објаснување и одговори на прашањата на РСЕ од ДИК до овој момент не пристигнаа.

Државата има уште многу што да направи за подобрување на состојбите

Од Комисијата за заштита од дискриминација велат дека тие давааат препораки, а државата треба да преземе посеопфатни активности за да овозможи еднаков пристап на лицата со попреченост.

„Тука државата треба да преземе повеќе активности и не можеме да говориме дека има завршен процес на преземање на активности по препораките на Комисијата, но тука даваме подолг рок и потоа проверуваме дали има напредок“, вели Игор Јадровски од Комисијата за заштита од дискриминација.

Во изминативе 12 месеци до Комисијата за заштита од дискриминација има пристигнато десеттина пријави за дискриминација, а уште четири се покренати од самата Комисија.

Јадровски потенцира дека се уште најголем дел од претставките се однесуваат на пристапноста, но дискриминација има и во делот на работните односи, здравствената заштита, во образованието и социјалната заштита.

„Државата има уште многу што да направи. Тоа е генерален извештај и од Комитетот за заштита на правата на лицата со попреченост кој ја следи имплементацијата на правата, ние имаме дадено препораки, кога ќе видите областите тоа се области кои што претставуваат еден цел спектар на уживање на правата односно го опфаќаат целокупниот нивен дневен живот. Се уште зборуваме за физичка пристапност и ако тргнеме дека ова е најосновен проблем за кој што децении наназад нема решение можеме да заклучиме дека државата има уште многу што треба да направи“, заклучува Јадровски.

И Кочовска порачува дека државата ќе има уште многу работа во делот на подобрување на правата на лицата со попреченост, почнувајќи од самите закони кои во старт ги дискриминираат лицата со попреченост.

„Има голем број закони кои што директно или индиректно водат кон дискриминација. Еве на пример, законот за вработување на администрација, каде што државата од старт вели ќе ги вработувам тие што се во добра општа здравствена состојба, меѓутоа со самото тоа веќе индиректно цела една заедница ја става во неповолна положба и самото тоа претставува дискриминација кон нас“, нагласува Кочовска.