Принципите за влада договорени, но спорно е кој ќе ги спроведува тие принципи. Друг проблем во преговорите за ново владино мнозинство меѓу СДСМ и ДУИ се и повредените суети од отровните стрели кои си ги испраќаа во предизборната кампања, па и во периодот по изборите, велат аналитичарите со кои разговаравме.
Видете и ова: Можна ли е влада без Зоран Заев?Лидерот на СДСМ Зоран Заев го доби мандатот да формира влада и ги почна преговорите со ДУИ, но победничката партија во албанскиот блок инсистира на нивното главно предизборно главно ветување за премиер Албанец. Двете партии во јавните изјави се поумерени и не ја затвораат вратата за компромис, но сепак инсистираат на својот став.
На вчерашната средба меѓу лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, биле постигнати основи за напредок кој води кон договор за нова коалициона влада. Разговорите продолжуваат и викендов на ниво на генерални секретари. Претходно, токму генералните секретари на партиите Артан Груби и Љупчо Николовски ги усогласија принципите на евентуалното идно владино мнозинство. Во заедничкото соопштение што го испратија се наведува дека тие се согласни за прочистување во правосудството, проверка на потеклото на имот, неопходноста од квалитетни и отчетни кадри, социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и спротивставување на сите форми на национализам и омраза како и за почитувањето на Охридскиот договор и договорите со соседите.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека, според она што може да се прочита во медиумите, главниот камен на сопнување е токму инсистирањето на ДУИ за Албанец премиер, а не околу принципите. Прочитавме дека ДУИ предлага Албанец премиер во првата од четирите години владин мандат, вели Арсовски.
Видете и ова: Формирање мнозинство и шест (не) возможни опции„Најверојатно компромисот ќе се состои или во терминот на траење на премиер Албанец, условно речено, или во терминот кога тоа ќе се случи, дали ќе биде во првата година или не и дали ќе трае цела година или не. Туку ги гледам линиите кои возможно може да водат кон компромис. А нормално е лидерите да бидат воздржани, бидејќи ако во оваа фаза на преговорите тие чувствуваат дека се деликатни, не би сакале тие да се одвиваат во јавноста, туку би сакале сепак да се одвиваат зад затворени врати“, вели Арсовски.
Универзитетскиот професор Башким Селмани, пак, вели дека главниот проблем е непотребната негативна енергија меѓу двете партии од изминатиот период, кога СДСМ водеше кампања дека е време ДУИ да замине во опозиција. Инаку, нема големи проблеми меѓу двете партии, вели тој.
„Порано, од независноста на Македонија имаше одредени проблеми, ама сега, откако Македонија го реши проблемот со Грција и е на добар пат кон ЕУ, најмалку им требаше на ДУИ и на СДСМ вакви односи и поради тоа сега не можат да излезат од оваа ситуација“, вели Селмани.
На предвремените парламентарни избори на 15 јули, коалицијата предводена од СДСМ освои 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива 4, Левица 2 и ДПА еден пратеник. За владино мнозинство се потребни 61 пратеници.