Претседателот Стево Пендаровски му го врачи мандатот за составување на влада на претседателот на СДСМ Зоран Заев, кој сега, како мандатар има дваесет дена да состави мнозинство од 61 пратеник.
„Врз основа на член 84, став 1, алинеја прва, а во согласност со член 90 став еден од Уставот и предлогот на коалицијата „Можеме“ за мандатор за состав на Влада на Република Северна Македонија го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието на Северна Македонија “, рече претседателот Пендаровски.
Заев, пак, од кога го доби мандатот рече дека ќе состави модерна, просперитетна и стабилна влада која ќе ги почитува трите клучни договори-Преспанскиот, со соседна Бугарија и Охридскиот рамковен договор, кои ги наречеи трите столба за европската иднина на државава. Мандатарот рече и дека владата со четиригодишен мандат ќе биде ослободена од какви било етнички предрасуди и национализми.
Но, сепак одговорајќи на новинарски прашања не кажа многу за опциите за идната влада. Преговори се водат со ДУИ кои имаат 15 пратеници и заедно со 46 што ги освои коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ имаат точно колку за мнозинство-61 пратеник. Лидерот на СДСМ не откри детали од разговорите.
„Имаме навистина успех во многу аспекти, но имаме и прашања кои се уште не ни се затворени, а се прилично сериозни прашања. За детали не би разговарал, затоа што ќе стане медиумски преговарачкиот процес. Секако се надевам на успех заради тоа што граѓаните ни дадоа насоки, кој со кој да преговара и да направи напори, но опциите постојат“, рече Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак попладнево соопшти дека неговата партија ги замрзнува односите со претседателот, Стево Пендаровски и ќе ги преиспита политиките кон Кабинетот на претседателот. Тој ова го соопшти по средбата со претседателот во Вила Водно. Мицкоски со неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговор од Пендаровски зошто му го доделил мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев без обезбедено парламентарно мнозинство. Мицкоски смета дека со тоа е прекршен Уставот и претседателот ја злоупотребил својата положба. Пендаровски, пак, му кажал дека Заев го уверил дека ќе обезбеди парламентарно мнозинство, но според Мицкоски тоа не е доволно, туку е потребен доказ дека има 61 пратеници.
Претседателот Пендаровски, пак, по средбата со Мицкоски рече дека му го дал мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев зашто истекуваат уставните рокови. Ако Заев не успее да формира влада, ќе му го дадам мандатот на Мицкоски, рече тој.
„Не му барав гаранција за 61 пратеници на Заев, нема да му барам ни на Мицкоски“, рече Пендаровски.
Според досега изнесените ставови, ДУИ во преговорите инсистира на премиер Албанец, што беше нивно главно предизборно ветување, што за СДСМ не е прифатливо.
Речиси истовремено во хотел во Скопје лидерот на ДУИ Али Ахмети на средба ги повика лидерите и на другите партии на Албанците, на Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и ДПА, но тие не дојдоа. На прес конференцијата ниту Ахмети не откри многу за преговорите за формирање влада.
„Сите знаете дека ДУИ е фактор на стабилност во државата. Ние никогаш не делуваме со притисок, туку ќе изнајдеме правилен пат да послужиме на државата. Да ги надминеме сите потешкотии со кои се соочуваме. ДУИ делува и работи со ладна глава и огнено срце. Се што ќе преземеме во иднина ќе биде за придобивка за од најмало, до најстаро. Средбите се одржани и јас не знам што разговарале тие. Убеден сум дека дека ДУИ не е сила која може да биде отстранета со една средба. Изборната кампања да ја оставиме зад нас. Уште нема договор меѓу нас и СДСМ“, истакна Ахмети по денешното одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор“, рече Ахмети.
Заев како можност за идна коалиција, која како што рече се надева дека ќе ја состави пред уставниот рок од 20 дена, ги има и пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива кои заедно освоија 12 пратенички места, што сепак е недоволно за владино мнозинство. Претседавачот со конститутивната седница на Собранието и досегашен спикер Талат Џафери, првично за неколку часа по добивањето на мандатот закажа седница, но потоа ја откажа поради како што наведе приватни причини.
Ако Заев за дваесет дена не успее да формира влада, мандатот би требало да го врати и да го добие второ-рангираната, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ која освои два пратеника помалку од коалицијата на СДСМ, односно 44.
Ситуацијата беше обратна по изборите во 2016 година. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ имаше два пратеника повеќе, но по неуспехот на тогашниот партиски лидер Никола Груевски да состави владино мнозинство во рок од 20 дена, поранешниот претседател Ѓорге Иванов не му го додели мандатот на тогаш второрангираниот Заев по што следуваа протестите на За заедничка Македонија кои резултираа со упадот во Собранието откако мнозинството го избра за претседател Талат Џафери. По тој 27 април Иванов му го додели мандатот на Заев. Тој, пак, сега е убеден дека ќе успее да состави влада и мандатот нема да стигне до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Инаку, првично изборите беа закажани за на 12 април, а распишани по инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што државата не доби датум за преговори за членство во Европската унија во октомври лани, а потоа беа одложени за 15 јули.