До минатата недела, пред да стапи изборниот молк за парламентарните избори што се одржаа во средата, сите партиски лидери ги исцртаа контурите на посакуваниот и непосакуваниот партнер за идна владина коалиција.
Резултатите, кои донесоа комплицирана состојба поради блискиот број на мандати кои го добија двете најголеми коалиции СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се чини привремено ги стивнаа лидерите во давањето на конкретни услови.
Според пресметките на ДИК, засега, доколку партиските приговори не сменат ништо, најмногу мандати има коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ 46, потоа следува коалицијата„Обнова“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 44, а ДУИ 15, Алијансата за Албанците и Алтернатива добија 12 пратенички мандати, а Левица со два пратеника и ДПА еден.
Сите партиски пресметки почнуваат со 61 пратеник, колку што е минимум потребно за формирање владино мнозинство во Собранието од кое треба да доаѓа и мандатарот на новата влада, кој треба да предложи премиер и владин состав.
1. СДСМ и ДУИ
Едната опција на која упатуваат бројките од добиените мандати е повторна коалиција СДСМ и ДУИ. Коалицијата „Можеме“ која ја предводи СДСМ и партијата на Ахмети заедно би имале точно 61 пратеник.
Но, за тоа да се случи, според досега дадените изјави,ДУИ би требало да се откаже од идејата за премиер Албанец, конкретно тоа да биде поранешниот пратеник Насер Зибери кои тие го промовираа во својата изборна кампања како кандидат за прв човек на идната влада.
Имано, лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за РСЕ дадено пред изборите тврдеше дека изборните резултати нема опции повторно да ги натераат да коалицираат со ДУИ споменувајќи ги очекувањата за освоени гласови на Алијансата за Албанците и Алтернатива.
„Се прават коалиции на основа на програми, но никако на уцени“, беше дециден Заев, мислејќи на инсистирањето на Ахмети за премиер Албанец.
Во оваа комбинација нејасно е и како ќе се постави Ахмети во однос на своето лично тврдење дека Заев нема да биде премиер кое го даде во текот на изборната кампања. И двајцата за да коалицираат би требало да си простат за навредите кои меѓусебно си ги упатија додека беа во трка по гласови.
2. АА, Алтернатива, ДУИ, ДПА и СДСМ
За постабилно мнозинство постои можност и Алтернатива и Алијанса за Албанците кои имаат 12 пратеници и ДПА која има еден да се придружат на коалицијата ДУИ-СДСМ. Така владиното мнозинство би било далеку постабилно и би имало 74 пратеници.
Но, Алијансата за Албанците и Алтернатива немаат разлики со овие две партии за клучните теми- договорот од Преспа, НАТО, Европската унија или Договорот со Бугарија, но имаат силна нетрпеливост, особено со ДУИ кого лидерот на Алијансата Зијадин Села ги нарекува „сезонски Албанци“.
3.АА, Алтернатива, СДСМ, ДПА и Левица
Алијансата за Албанците и Алтернатива со своите 12 пратеници не се доволни за заедно со СДСМ да имаат мнозинство, односно вкупно би имале 58 пратеници. Мнозинството би можело да се бара и во едниот пратеник на ДПА и во двата на Левица, но ова изгледа невозможна опција поради позициите на партијата на Димитар Апасиев која првпат влегува во парламентот.
Апасиев неколкупати јавно повторуваше дека првиот услов за коалиција за формирање на владата ќе биде поништување на Преспанскиот договор.
“Прво нешто кога ќе влеземе во парламентот, првиот услов за коалиција со нас ќе биде отпочнување на процедура за поништнување на Преспанскиот договор“, велеше Апасиев пролетва.
Оваа позиција практично ја прави невозможна коалицијата на Левица со СДСМ, партијата која стои зад Договорот од Преспа и го смета како клучен за напредокот на земјава на евроатланскиот пат.
4. ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Левица
Противењето на договорот со кој земјава стана Република Северна Македонија, пак, може да доведе до сличности меѓу Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на опозициската партија Мицкоски во интервју за РСЕ пред изборите повтори дека се „против капитулацијата што ја донесе Зоран Заев потпишувајќи го Преспанскиот договор“, но дека нема да ја игнорирале реалноста. Но, од друга страна пак, ВМРО-ДПМНЕ постојано повторува дека тие се за членството на земјава во НАТО, дека тоа е стратегиска цел на државата, нешто на што Левица се противи.
„Левица е експлицитно против зачленување на Македонија во НАТО пактот и се залага за негово расформирање! Од друга страна, Левица ги поддржува европските аспирации на Македонија, но не по секоја цена. Ако европските аспирации значат уште подив и неконтролиран пазар и приватизации, што би значело уште поголемо осиромашување на македонскиот работник и негово третирање како модерен роб, тогаш Левица е против таквите процеси“, се наведува во програмата на партијата која првпат влегува во парламентот.
Левица и ВМРО-ДПМНЕ, ако успеат да ги надминат разликите за Северноатланскиот воен сојуз заедно би имале 46 пратеници и ќе им недостигаат најмалку уште 15 за владино мнозинство. Токму толку има и ДУИ, но Мицкоски, рече дека е подготвен да преговара со партијата на Ахмети, но нема да прифати премиер Албанец. Во ваква комбинација, проблем би било и согласувањето на Левица со ДУИ во евентуално владино мнозинство. За еден од најголемите свои успеси ДУИ го смета законот за употреба на јазиците донесен 2018 година кој Левица бара да се укине.
„Партијата смета дека законот е „експанзионистички изблик на албанскиот национализам заради враќање во живот на криминалната партија ДУИ“, соопштија од Левица по усвојувањето на законот.
И ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ покрај инсистирањето на премиер Албанец ги дели законот за јазиците кој партијата на Мицкоски го смета за лош, но и ставот кон Договорот од Преспа.
Според ваквиот распоред на силите, не е можна коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со сите останати освен со ДУИ. Имено, Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои имаат 12 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ со своите 44, Левица со двата и ДПА со еден прават вкупно 59, за два пратеника недоволно за формирање владино мнозинство.
5. ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, АА, Алтернатива и ДПА
Дополнително Алијансата за Албанците и Алтернатива пред изборите постави услов за коалицирање кој би можел да биде спротивен од заложбите на ВМРО-ДПМНЕ.
Села, зборувајќи се постизборни коалиции рече дека ќе коалицираат со таа политичка партија која ќе ја прифати нивната програма во којастои дека реверзибилни процеси нема да постојат и нема враќање назад од нашиот пат.
„Веќе сме членка во НАТО, на пат кон ЕУ, договорите со соседите треба да се почитуваат итн, итн“, рече Села нагласувајќи дека секоја партија која ќе се „дрзнела да не врати назад сама се отфрлала“ од опцијата за коалицирање.
ВМРО- ДПМНЕ, пак, како опозиција која се противи на Договорот од Преспа, едниот од договорите со соседите, чие почитување како услов го спомена Села, често пати повторува дека ќе се обида да ја смени таа реалност. Најексплицитна во изборната кампања се чини беше носителка во изборната едница 1 Горданата Сиљановска Давкова.
“Да ви кажам нешто околу името на нашата држава. Јас лично нема никогаш да го користам тоа наметнато име и секогаш ќе викам Македонија. Враќање на нашето уставно име е можно преку Уставниот суд. Референдумот беше неуспешен и тој факт никој не може да го промени. Затоа и ќе побарам почитување на меѓународното право, за кое еминентни светски професори, кажаа дека е повредено преку Преспанскиот договор. Името не сме го измислиле туку сме го наследиле и немаме право да го менуваме, поради нашите предци но и поради нашите поколенија. Мислам дека е добро да седнат во Парламентот и Владата луѓе кои се спремни да и дадат на државата. Луѓе кои од мали нозе сакале и се бореле за знаење, луѓе без багаж, луѓе со кредибилитет и достоинство. Ете такви луѓе се на листата на која сум носител”, рече Сиљановска.
6. Мицкоски и Заев заедно
Иако во едно предизборно соочување на Мицкоски и Заев, лидерот на СДСМ му понуди на политичкиот ривал пратеници за да формира малцинска влада и најави дека ако победи ќе побара од него да му отстапи пратеници за да не бидат уценувани од ДУИ, оваа опција неколку дена по изборите никој не ја споменува и се чини засега невозможна.
Инаку според Уставот новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните изборите што би значело дека треба да се состане најдоцна до првата половина на август. Потоа претседателот Стево Пендаровски има рок од десет дена од констиутирањето на Собранието да го додели мандатот на кандидат на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот според Уставот, потоа има дваесет дена за да го предложи составот на Владата која новиот собраниски состав треба да ја изгласа со мнозинство.
Од СДСМ, партијата предводник на коалицијата која според резултатите од средата има најмногу гласови, соопштија дека мандатот за составување на следнатавлада е кај Зоран Заев кој ќе билследниот премиер на Република Северна Македонија, но најавија дека тој од утре оди на одмор, а по Илинден, согласно законските рокови ќе влегле во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ.