Исплатата на субвенции и други социјални трансфери во време на изборна кампања несомнено е обид да се влијае врз расположението на гласачите, но неизвесно е колкав е ефектот од тоа. Луѓе вклучени во испитувањето на јавното мислење велат дека досега немало истражување за точно да може да се процени колкаво влијание може да имаат ваквите исплати, но ако сите влади во изминатите две децении го прават тоа, тогаш сигурно процениле дека носи одреден број гласови.
Видете и ова: Претседателската кампања генерална проба за парламентарни избориАлександар Цветкоски од невладината организација АГТИС, исто така вели дека исплаќањето субвенции во предизборниот период е форма на јавен поткуп на која веќе се навикнавме, но се сомнева во ефектите од тоа.
„Што се однесува до ефектите, јас мислам дека само ги лаже умот политичките партии дека со тоа имаат некаков ефект. Граѓаните не се толку глупави, но тие имаат една друга филозофија, а таа е – кога сите крадат, зошто и ние нешто да не добиеме. Тоа е една општа перцепција во општеството. Не верувам дека со тоа може да имаат какво било влијание врз тие категории граѓани“, вели тој.
Цветкоски посочува дека владите секогаш ја темпираат исплатата на субвенциите и другите социјални трансфери за пред избори, но очигледно сега задоцнија, па ги исплаќаат во ек на предизборната кампања.
Антикорупциската комисија одлучи дека исплатата на долгот од 1,25 милиони евра за околу 2000 лозари од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е спротивна на Изборниот законик и на Законот за спречување на корупцијата и оти ќе иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи. Приговорот за исплатата го поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која смета дека со тоа е направен „класичен случај на поткуп на земјоделци“.
Антикорупционерите по сопствена иницијатива одлучија и да отворат постапка за субвенциите за тутунарите.
Видете и ова: ЗНМ против државни пари во приватни медиумиЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на средба со граѓани во Сарај пред неколку дена, рече дека е добро што се исплатени субвенциите, но оти тоа е направено после месеци тактизирање.
„Мислеа дека сега, три дена пред да се случи гласањето на претседателските избори, на тој начин практично ќе го поткупат народот. Повторно го потценија и повторно го навредија народот“, рече Мицкоски.
Во Владата, пак, велат дека се работи за редовни исплати планирани пред распишувањето на изборите.
„Целосно ги отфрламе обвинувањата како неосновани и шпекулативни“, велат во Владата.
Министерството за земјоделство соопшти дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати над 80 отсто од вкупно планираната сума за субвенции за тутунот од реколтата 2018-та. На 26.776 тутунопроизводители им биле исплатени над 27 милиони евра, се пофали Министерството.
Агенцијата претходно се пофали дека на 4 април по основ на долгот што винарските визби го имаат кон лозарите за предаденото грозје во периодот од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година, им исплатила околу 1,25 милиони евра на околу 2000 лозари.
Двете исплати се во ек на предизборната кампања за претседателските избори.