Достапни линкови

ЗНМ против државни пари во приватни медиуми


Министерот без ресор задолжен за транспарентност Роберт Поповски.
Министерот без ресор задолжен за транспарентност Роберт Поповски.

Владата е подготвена финансиски да им помогне на медиумите, но оттаму посочуваат дека таква одлука ќе биде донесена само доколку за тоа се согласат новинарските здруженија. Ставот на ЗНМ за ова прашање е дека медиумите треба да добиваат непарична државна помош.

Државното финансирање на медиумите придонесе за падот на земјава на најниското ниво во регионот во однос на медиумските слободи, бидејќи тие пари во голем дел беа користени како обид за корупција на медиуми, вели претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Младен Чадиковски. Тој смета дека македонското општество се уште не е зрело за модел кој дозволува финансирање на медиуми со јавни пари, особено кога станува збор за електронските медиуми.

„Ние принципелно сме против јавни пари во медиумите. Тоа сум го истакнал и пред да станам претседател на ЗНМ и сега сум на истото мислење“, вели Чадиковски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Коментарите доаѓаат откако во јавноста се отвори прашањето дека Владата планира формирање на Фонд за медиуми, со цел подобрување на финансиската состојба во медиумите.

Од Владата велат оти засега немаат планови за формирање на таков Фонд, односно дека по дадената поддршка на печатените медиуми подготвени се да им помогнат на медиумите, доколку за тоа се согласни и новинарските здруженија.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски за РСЕ вели дека постои волја и расположение кај Владата да им се помогне на медиумите, доколку за тоа има „добри консензуални предлози.“

„Подготвени сме да разговараме. Не е точно дека Владата има донесено било каква одлука. Има расположение да се разговара за идеја базирана на меѓународни практики“, вели Поповски.

Чадиковски смета дека постојат локални и регионални медиуми кои треба да добијат извесна поддршка во нивното функционирање преку таканаречени непарични вложувања или субвенции за вработуња во медиумите, но не за нетранспарентно делење на пари во медиумите.

„Тоа би значело извесни даночни ослободувања, извесни ослободувања од давачки кои овие медиуми ги плаќаат кон државата и кон разни аганции и други државни институции. Тие се обременети со сето тоа, сето тоа се пари, но кога тоа на една хоризонтална основа во локалните и регионалните медиуми би било ослободено, тоа би значело многу за нивното финасиско работење и за вработување на нови луѓе“, вели Чадиковски.

Во почетокот на годинава Владата реши на единаесет печатени медиуми да им биде дадена парична поддршка, односно да им бидат распределени 42,5 милиони денари.

Владата во 2017 година го стопираше рекламирањето на комерцијалните радиодифузери, печатените медиуми, билборди и интернет портали. Оттаму информираа оти јавните огласи, според законот, ќе се објавуваат на јавниот дифузер и во печатени медиуми. Владината одлука за стопирање на рекламирањето беше дел од реформскиот план 3-6-9.

За спрегата власт – медиуми претходната Влада беше силно критикувана во сите извештаи на меѓународните организации и институции за нетранспарентно владино рекламирање и поткопување на медиуми преку реклами.

Сепак, новата власт се соочува со критики од дел од домашната јавност дека со новите политики за финансирање на медиуи се обидува да ја продолжи праксата за контрола врз медиумие, но на поинаков начин.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG