ФБ страницата на Радио Слободна Европа во изминатите денови се наполни со ваши коментари, почитувани, на повеќе теми, се чини повеќе од кога да е.
За почетокот на преговорите за членство во ЕУ
Видете и ова: План на Вархеји-Силва: во Софија нема промени на позицијата, за Скопје добра основаДипломатите на членките на ЕУ што ја поддржуваат побрзата интеграција на Македонија како да се особено активни. Пред некој ден во Скопје престојуваа австрискиот, словенечкиот и чешкиот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг, Анже Логар и Јакуб Кулханек коишто се сретнаа со нашиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи. Претходно тие ја посетија Софија, од каде што, меѓутоа, беа повторени бугарските ставови дека нема промени во нивните позиции за Северна Македонија.
Коментарите на ФБ страницата се комбинирани – некои, со непримерен јазик, се упатени против „власта на северџаните“, како што ја нарекува Душан Јевремовски, кој прашува: „Кај ви е Франција, Холандија и тн? Недокваканите сѐ уште не разбраа дека клучот е во Франција“. Слободанка Камчева ѝ забележува на „г-ѓата Могерини“, како што вели, „која беше многу активна додека не го сменивме името, а повеќе нигде ја нема. Во што сега да веруваме! ЕУ не си го смени Правилникот за начинот на прием“. Али Рамадани предвидува: „И, што? Ќе стане .... Франција, ќе ти постави уште некој фантом услов, и ај цурик“.
За сомнителниот мазут
Посетителите на нашата ФБ страница реагираат и на изјавата на министерот за економија, Крешник Бектеши во врска со увозот и дистрибуција на сомнителниот мазут, кој најави дека ако не се реализирани сите процедури согласно Правилникот за квалитет на течни горива, документите што сега се собираат ќе му бидат предадени на Јавното обвинителство.
Горан Здравески постирал: „Не туку бегај од одговорност, ти си надлежен за правилникот“, а Тоди Табанов изјавата ја нарекува „виц“ и додава: „30 години сѐ истио виц се врте и пак е смешен“. Сашко Тутенкоски прашува: „Как ќе проверат кога изгорел веќе“.
Универзитетот на Плаошник
И извештајот на Државниот ревизор кој утврдил серија неправилности за изградбата на Св. Климентовиот Универзитет на Плаошник во Охрид, кој почна да се гради во 2012 година и чија карабина наместо 6,6 милиони евра чинела 12 милиони евра и уште не е завршена, предизвикал потсмешливи коментари, главно против актуелната власт.
Видете и ова: Потрошени 12 милиони евра за Универзитетот на Плаошник, а него го немаНа коментарот на Тоди Табанов дека „Универзитетот го нема, а и 12-те милиони евра ги нема...“, Блаже Павловиќ додава: „Идат на посебен курс за тоа“. Но Соња Данева коментира: „Не е ништо чудно од режимот кој го уништи македонскиот народ. Пљачки се случуваа на секој чекор, а никој не смееше да каже ниту збор... “ Ордана Николова смета дека „парите се на виделина. Мијалков нуди 11 милиони евра за слобода. Еее, вакви проекти имаше на секој чекор. Но и новата власт слабо се занимава со старите арамии. Зошто, тие си знаат???“
За автопатот Кичево - Охрид
При посетата на автопатот Кичево – Охрид, што почна да се гради во 2014 год. министерот за транспорт, Благој Бочварски, најави нов анекс на договорот со кинеската фирма со што рокот за изградба се продолжува до крајот на 2023 или почетокот на 2024 год. Инаку, поради проблеми во проектот, автопатот што требаше да биде готов во 2018 год. беше потпишан анекс на договорот со кој цената се зголеми за скоро 200 милиони евра, а рокот за изградба беше продолжен до јуни годинава. Ѓоре Апостолоски постирал: „Во 2050 пак ќе го продолжите и така...“ И Коцев Зоран со краток коментар: „Добро е... имаме шанси за Гинис...“
Принудно слетаниот авион во Минск
Видете и ова: ЕУ со санкции против Белорусија за „киднапирањето“ на авионот на Рајан-ерАпсењето на белорускиот опозициски активист и новинар, Роман Пратасевич, кој со авион на Рајанер летал за Литванија, но бил пренасочен да слета во белорускиот главен град Минск, на нашата ФБ страница исто така предизвикал коментари. Барањето на ЕУ до Белорусија итно да објасни зошто го пренасочила комерцијалниот лет кон Минск, Благица Нанева го коментира со свое мислење: „Нема што да ѝ се објаснува на ЕУ... ЕУ и онака не е од корист“. Панде Лазаревски, меѓутоа смета дека „КГБ супер работи...“