Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат препорачаа првите оценки за учениците да бидат изведени до 20 ноември. Истовремено, Министерството за образование и наука и Бирото испратија упатство до наставниците за начинот на оценување.
Учебната година 2020/2021 започна започна со онлајн настава во повеќето училишта. Поточно, дозвола за физичко присуство имаат 129 основни училишта, 5 музички училишта и три средни училишта. По 20 дена од задоцнетиот почеток на учебната година, надлежните образовни институции препорачаа учениците да бидат оценети до 20 ноември и испратија упатство за наставниците за оценувањето.
„При формирање на оценката ќе се следат упатствата утврдени од Бирото за развој на образование на почеток на учебната година. Наставниците тука имаат јасно утврдени насоки со кои ќе се заштити квалитетот на процесот на формирање на оценката. Во случаите каде што од различни причини не може да се формира оценка онлајн, треба да се организираат индивидуални средби со овие ученици, преку наставниците кои ќе ги следат нивните постигнувања и ќе ја формираат оценката“, велат од Министерството за образование и наука.
Видете и ова: Различни оценки за досегашниот тек на учебна годинаИндивидуалните средби треба да се организираат според одредените протоколи донесени со владина одлука. Според препораките од МОН и Бирото за развој на образованието, секој наставник изготвува месечен распоред за средби со учениците според неделниот број на часови. Средбите треба да траат од 20 до 30 минути и треба да присуствуваат најмалку двајца, а најмногу 10 ученици. Во текот на денот ученикот може да присуствува на најмногу три организирани средби за различни предмети.
Видете и ова: Почна школската година: Генерација на поинакво образованиеМОН и Бирото апелираат наставниците да го прилагодат оценувањето на учениците согласно учењето на далечина.
„Потребно е да се постават јасни насоки во врска со очекуваните резултати од учењето и начинот на следење, контролирање и вреднување на постигнувањата на учениците во овој период. Во рамки на формирањето оценка треба да се задаваат автентични задачи кои ја елеминираат можноста за готови одговори од наставните материјали, или од други извори на информација, а во задачите со кои се проверува познавањето и разбирањето на фактите треба да се обезбеди контрола на времето за решавање на задачите“, препорачуваат на наставниците.
Како најчести дигитални техники кои можат да ги користат наставниците за да го оценуваат напредувањето на учениците, МОН и Бирото ги наведуваат: објективните тестови со избор од понудените одговори, тестови со краток одговор, есејски прашања, дискусии, студија на случај, изведбени активности, онлајн игри, ученички списанија, блогирање и градење вики (wiki).
Дополнително, додаваат, наставникот може да направи табела за докази/продукти што ученикот ќе ги испрати како дел од електронското портфолио што ќе се оценува.
„Притоа критериумите за оценување, начинот на достава и роковите за достава треба да бидат јасно комуницирани до учениците и родителите. Учењето во виртуелна училница е во некои аспекти предизвик, но е истовремено можност да се направи исчекор во оценувањето – да се стави акцент на посложените когнитивни процеси, односно на издвојување, разбирање, анализа и помнење на она што е навистина важно, наместо усвојување на фактографско знаење. Ова е впрочем и цел на образованието и на реформите кои ќе следуваат“, велат од МОН и посочуваат дека кризата треба да се искористи како можност за поставување практики кои и понатаму ќе овозможат унапредување на образовниот процес и ќе бидат почеток на промени кои се неопходни за овозможување квалитет и адаптација на образованието за потребите на новите генерации.