Почна „операцијата“ преименување во Северна Македонија

Веб страна на Владата со новото име Северна Македонија

Поставувањето на табла со новото уставно име на државата на граничниот премин Богородица е првиот чекор откако и официјално земјата е Северна Македонија. Нареднaта видлива промена ќе биде ажурирањето на интернет страниците на институциите со новото име.

Македонија и официјално го смени своето име во Северна Македонија откако во сила стапи Договорот од Преспа и уставните амандмани, како и уставниот закон за нивното спроведување. Првиот чекор кон исполнување на обврските е денешното поставување табла со новото уставно име на државата на граничниот премин Богородица, а во рок од три дена треба да се променат и таблите на останатите гранични премини, како и на двата аеродроми.

Интернет страницата на Владата делумно е преименувана. Наведено е дека Владата е на Република Северна Македонија, но премиерот Зоран Заев се уште е претседател на Владата на Република Македонија. Доколку се обидувате да ја пребарувате и страницата на Владата на интернет, се уште не е ажурирана со новото име.

​Ист е случајот и со официјалните профили на Владата на социјалните мрежи и на Јутјуб. Буквите од објектот на Владата пак беа извадени и не се знае кога точно ќе бидат поставени новите, но од Владата велат тоа ќе биде спроведено согласно роковите.

Не е преименуван ни официјалниот профил на премиерот Заев на Фејсбук. Единствено досега тоа го направил министерот за надворешни работи Никола Димитров. Иако официјалниот профил на социјалните мрежи на Димитров е ажуриран, тоа не е случајот со интернет страницата на МНР, како и на другите министерства.

Министерствата заедно со сите институции имаат рок од 3 дена да извршат промена на своите дигитални записи. Визуелниот приказ на новото име во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции треба да биде изработено за 7 дена.

За МНР важат поинакви правила, таблата со новото име пред седиштето на министерството треба да биде поставена за две недели, а за останатите институции рокот изнесува 4 месеци. Освен таблите на институциите со новото име за 4 месеци видлива ќе биде промената и на регистарските таблички на возилата.

Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјата ќе бидат сменети во рок од 2 месеци. Граѓаните можеби ќе патуваат од Северна Македонија, но во пасошите тоа ќе биде видливо од крајот на годинава и тоа само за тие што ќе вадат нови документи. Останатите ќе имаат печат во својот пасош кој ќе биде појаснување. Новото име пак на парите ќе се најде наредната година, а целосно парите ќе бидат заменети до 2025 година.