Попис направивме, но лек за иселувањето нема

Човек на аеродром во Скопје.

Власта инсистираше на одржување на попис на население, но и десет месеци по објавувањето на првите резултати се уште нема план како ќе се бори со иселувањето. За две децении земјата изгубила околу девет отсто од жителите. Пописот, пак, им го олесни работењето на општините и бизнисот.

Каде да се отворат градинки, а каде старечки домови. Дали во некој град има доволно работници за да се отвори фабрика. На овие прашања локалните власти, институциите и бизнисот сега може полесно да одговорат, оти по пауза од речиси 20 години, во 2021 Македонија спроведе попис. Резултатите почнаа да се објавуваат постепено од крајот на март, 2022. Останува уште еден сет на податоци, кој од Заводот за статистика очекуваат да се објави до март годинава.

Но, и по десет месеци од почетокот на објавување на податоците државата не се изјаснила што ќе направи да го намали иселувањето и покрај тоа што пописот покажа дека Македонија сега има 1,83 милиони жители, 185 илјади помалку од претходниот попис во 2002 година.

Пред пописот гласни, потоа штама

Попис мора да се одржи, за да знаеме колку луѓе се отселиле, без нови податоци ниту државата, ниту бизнисот може да планира развој, инсистираше власта пред одржување на статистичката операција. Но, откако пописот се одржа стивнаа изјавите. Премиерот Димитар Ковачевски не коментирал ништо за пописот од лани во април непосредно по објавувањето на првите резултати.

И покрај тоа што пописот е важен за планирање на економскиот развој, во Македонија фокусот беше ставен на етничкото пребројување. Токму поради тоа пописот во 2011 не успеа, па земјата две децении оперираше со стари податоци.

Видете и ова: Наталитетот е во слободен пад

Пендаровски повика на широк консензус против белата чума

Претседателот на државата Стево Пендаровски во годишниот говор во Собранието рече дека пописот потврди дека „најголемата опасност по нашата национална безбедност, останува да биде - демографијата.

„Белата чума продолжува да ја десеткува нацијата“, вели Пендаровски и додава дека според проекциите на Обединетите нации до 2050-та, доколку се задржат овие трендови, „во земјата ќе има само околу еден милион жители од двата милиони колку што бевме кога ја конституиравме државата“.

„Нужно е час поскоро да постигнеме широк државен консензус и стратегија по ова прашање кое ќе ја дефинира нашата иднина многу повеќе отколку промената на Уставот“, рече претседателот на државата.

Од Кабинетот на Претседателот за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека Пендаровски по ова прашање веќе комуницирал со премиерот и со надлежните институции во оваа област.

„Кабинетот на претседателот дава поддршка и ќе биде активен чинител при изработката на новата стратегија за демографија на која е носител Министерството за труд и социјална политика“, додаваат од Кабинетот на Пендаровски.

Ќе се ревидира постоечката Стратегија за демографија, па потоа ќе се прави нова

Министерството за труд и социјална политика во ноември 2022 почна да ја ревидира Стратегија за демографски политики усвоена во 2015 година. Откако ќе заврши ревизија на постојната Стратегија ќе се прави нова која ќе се базира на реални демографски податоци кои се однесуваат на целото население во државата.

„Процесот ќе потрае со цел да се земаат во предвид сите сугестии, мислења, релевантни документи, процес кој ќе потрае на основ на отворени дискусии и јавни дебати“, велат од Министерството за РСЕ.

Податоците од пописот им се од голема корист додаваат од Министерството кое е координатор и носител на Стратегија за демографски политики.

Од Владата велат дека преку Министерството за труд спроведуваат политики за поддршка на човечкиот капитал за да им се овозможат „најдобри услови за сите граѓани да се школуваат, најдат работа, професионално да се надградуваат и да учествуваат во развојот на државата“. Тука ги спомнуваат и програмите за вработување, вклучително и на млади, како што „Гаранција за млади“, Законот за практиканство, Законот за младински додаток и за младинско учество и младински политики.

Теренски попис на домаќинствата во Македонија, септември 2021

Помалку луѓе, но повеќе станови

Резултатите од пописот покажаа дека во земјава има помалку луѓе. Расте бројот на стари, на сметка на намалување на младите и работоспособни луѓе. Се раѓаат помалку бебиња, а третина од паровите живеат без деца. Се градат повеќе станови, но секој трет стан е празен. Има над 200 целосно иселени места. Пописот покажа и дека над 18 илјади граѓани или еден процент од населението се неписмени. Жените во земјава се подолговечни од мажите, а има и над 50 стогодишници.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во иселеното село Мечкуевци сепак живее некој

Но, за податоците од пописот многу се заинтересирани локалните самоуправи, бизнисот и урбанистите, вели директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски. Тој додава дека статистичарите ги собраа податоците, сега на државата останува да почне да ги решава проблемите.

„Читав деновиве дека во Германија бараат 50 илјади луѓе-работници само од Балканот. Со што ние ќе влијаеме на тие процеси“, прашува Симовски.

Тој додава причините за намалениот број на население не се од вчера и не се едноставни, туку се последица на погрешни политики во еден многу долг период.

„Треба на тоа вниманието да го насочиме, да видиме зошто ни се случува и да наоѓаме начини да го намалиме тој процес, тоа е неизбежен процес и не е лесно, да беше лесно сите ќе го решеа. Ама сега државата треба да се обиде да почне да го решава“, додава првиот човек на Заводот за статистика.

На бизнисот му олесна

Сега и на бизнисот му е полесно да ги си планира следните активности, вели претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски. Тој оценува дека податоците од пописот се корисни и драгоцени.

„Па на пример ако се планира да се отвори фабрика треба да знаме колку луѓе живеат во одредени места. Ние не можеме да се потпираме на податоци стари 20-30 години и да планираме нешто на застарени податоци“, вели тој.

Видете и ова: Скопски Аеродром со најмногу жители, станови и млади

Скопски Аеродром е населено место со најмногу жители. Таму живеат 75.108 жители. Аеродром има повеќе жители од големите градови како Куманово, Битола, Прилеп, Тетово...

Аеродром е на прво место и по бројот на домаќинства. Ова скопска општина има и најмногу станови, и најмногу млади.
Градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски вели дека податоците од пописот ќе бидат предмет на анализа од страна на стручните служби во општината, но дека и пред пописот тие детектирале дека им недостасува место во детските градинки.

„Тоа е директно поврзано со зголемувањето на бројот на жители во општината. Имајќи го предвид тоа, ние веќе најавивме изградба на две нови градинки, со што ќе се реши еден сериозен проблем со кој моментално се соочуваат граѓаните на Аеродром“, вели Муцунски.

Балканот се празни

Дека Балканот се празни покажаа и неодамнешните првични резултати од пописот во Србија. За десет година оваа соседна земја останала со половина милион луѓе помалку, што е намалување од седум проценти. Македонија сега брои за околу 9 проценти помалку луѓе отколку што имало на пописот во 2002. Надвор од Босна и Херцеговина живеат околу два милини луѓе, покажуваат податоците на Светскиот сојуз на дијаспора на БиХ. Но во оваа земја не се одржал попис од 2013, кога имало 3,5 милиони жители, или за 800 илјади луѓе помалку отколку во 1991. Ниту во Црна Гора и во Албанија не се одржа пописите планирани за 2022. Пописот во Бугарија, спроведен во 2021, покажа дека за една деценија населението е намалено за 11,5 проценти.

Пописот на населението и домаќинствата во Македонија се спроведе од 5 до 30 септември 2021. Опозицијата и многу партии и организации на помалите етнички заедници ги оспорија и не ги признаваат резултатите.