Политичките препукувања за клиничкиот центар во Штип не стигнале до Обвинителството. Оттаму велат дека до нив не е поднесена кривична пријава и дека ги следат натписите и изјавите во медиумите и доколку утврди елементи на кривично дело ќе постапи согласно своите надлежности. Во меѓувреме не стивнуваат политичките напади за тоа кој е виновен што Штип се уште нема нова клиничка болница. Опозицијата обвинува дека зад доцнењето со градбата на Клиничката болница која требаше да прерасне во регионален центар стои, како што велат, рекетирање на македонски бизнисмени со што се врши незаконско преземање на фирмата за поевтино.
Кои фирми требаше да го изградат новиот клинички центар во Штип ?
Градежната задача за штипската болница во 2016 година додека на власт е ВМРО-ДПМНЕ ја добива грчката фирма „Интракат“ на меѓународен тендер. Како подизведувач се јавува „Бетон Штип“ фирма која е позната како блиска до тогашната власт и која учествуваше во изградба на Скопје 2014 и за тоа наплати 55 милиони евра од буџетот. ФИНКИ, Мепсо, Уставен суд, Факултет за физичка култура, Музеј на македонска борба, Стар театар и партерно уредување кај МНРсе објектите за кои Бетон Штип се јавува како изведувач.
Проблемите со „Бетон Штип“ започнуваат со предметот на СЈО Империја отворен во ноември 2018 година, каде што, според тогашната истрага, беше прикажано дека преку продажбата на Бетон Штип и продажбата на акциите во Фершпед биле испрани 8 милини евра.
Видете и ова: Колку пари „испрани“ преку Бетон и Фершпед, толку „рекетирани“ од Камчев
Според она што опозицијата го објави во дел медиуми, непосредно пред отворањето на истрагата, било констатирано дека грчката фирма „Интракат “ му должи на подизведувачот за клиничката болница во Штип 2 милиони евра, пари кои не ги исплатила и со тоа ја става „Бетон Штип“ во минус, при што е оневозможена да си ги исплати работниците и материјалот за работа. По притворањето на еден од сопствениците на „Бетон Штип“, Орце Камчев, осомничен во „Империја“, опозицијата се сомнева дека „Интракат“ свесно предизвикува штета за да ја купи Бетон Штип по дампинг цена со помош на сегашната власт.
Во изминативе години, четири пати беше пролонгиран рокот за изградбата. Последната причина беше ревидирање на проектот кој бил осмислен во 2015 година. Според изведувачот потребно било ревидирање во делот на машинско и електронско уредување во внатрешниот дел од зградата.
Партиски обвинувања за доцнењето со новиот Клинички центри во Штип
Според ВМРО-ДПМНЕ проектот за нов регионален центар требаше да биде готов до 2019 година. Но со последното пролонгирање рокот е сега до 2021 година со што цената со анекс договори рипнала од 30 на 37 милиони евра, пари за кои опозицијата се сомнева оти се дел од изнуда.
„Болница во Штип нема, а наместо казна за изведувачот по две години доцнење за проектот, Заев и Филипче решаваат да му дадат уште 7 милиони евра. Филипче и Заев се имиња кои се повторуваат во Рекет 1, Рекет 2 и Рекет 3. Обвинителството мора сериозно да го испита овој случај“ изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски од пред зградата на болницата во Штип.
Од друга страна пак, министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил напиша дека кога бил назначен за шеф на здравство пред две години, во болницата во Штип нашол непотполн проект во кој недостасува цела фаза за електрична машинерија без која ниту една болница не може да функционира.
„Што се однесува до дополнителните 7 милиони евра кои се потребни за изградба на Клиничката болница во Штип, ја информираме јавноста дека не станува збор за зголемени трошоци туку за проект кој го наследивме со сериозен надостаток. Во овој проект не беше предвидена електрика. Бидејќи проектот е финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа (CEB), експерти на Банката доаѓаа за технички проверки, укажаа на недостатоците и побараа ревизија на проектот. По направената ревизија, на крајот на 2018, констатирано е дека ќе треба дополнителни средства за да се надополни и модернизира проектот согласно новите европски стандарди за градење на болници, напиша Филипче на својот фејсбук профил.
Тој додава дека ВМРО ДПМНЕ искористувајќи ја нивната неспособност и пропусти во минатото, сакаат да ја измамат целата јавност.
„Сегашната Влада работи исклучиво во правец на решавање на длабоко проблематичните проекти започнати пред повеќе години,“ додава Филипче.
ВМРО- ДПМНЕ, пак, оваа афера ја нарекува „Рекет 3“ токму поради, како што велат, рекетирање на македонски бизнисмени. „Рекет 2“ беше именувана аферата за која е и поднесена кривична пријава против директорот на Фондот за здравствоДен Дончев за злоупотреба на службена должност, и како што тврдеше опозицијата, обид да стопираат влез на странска инвестиција во земјава вредна 11,5 милиони евра.