Реваншизам во смената на директорите во град Скопје?

Илустрација

Во смената на неколкумина директори на скопските јавни претпријатија, новиот претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески не препознава политички реваншизам. Вели дека новиот Совет ќе работи во интерес на граѓаните и ќе го поддржи секој предлог кој е добар независно кој го предложил

Нема политика во одлуката за разрешување на директори на повеќе јавни претпријатија во главниот град, уверува новиот претседател на Совет на град Скопје, Трајко Славески во интервју за радио Слободна Европа, кое ќе го емитуваме во недела. Тој објаснува дека главната причина поради која не биле на седницата на Советот не биле прифатени извештаите за финанасикото работење на неколку претпријатија, било исклучиво поради сериозните пропусти во работењето на истите.

„На дневен ред на втората седница, а таа беше прва што јас ја раководев, имаше повеќе извештаи за деветмесечното финансиско работење на јавните претпријатија. Се поведе дискусија за секој извештај одделно и имаше многу сериозни забелешки од она што беше презентирано во извештаите од страна на повеќе советници и со гласање извештаите не беа прифатени. Подоцна стигна и извештајот за работата на Јавното сообраќајно претпријатие, тој е на дневен ред за седницата која ни е закажана за 29 декември. Неприфаќањето на извештаите и укажувањето на сериозни пропусти во работењето е некаков сигнал за градоначалникот. Нејзино дискрециско право е да врши промени на тие места и мислам дека нема политика“, вели Славески во интервјуто.

Видете и ова: Во пандемија државата се поднови со 85 возила вредни 3 милиони евра

Славески уверува дека во менаџирањето на новиот Совет нема да се раководи од партиска идеологија и дека Советот ќе работи во интерес на граѓаните. Тоа нагласува Славески, значи дека секој предлог кој е прифатлив за мнозинството, независно од која партиска опција доаѓа предлогот, ќе биде поддржан.

Во изминатиот период новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска смени неколку директори на јавни претпријатија. Директорот на зоолошка градина, институција која е во надлежност на град Скопје, сам си даде оставка, по што беше назначен нов. Арсовска го именуваше Кристијан Стаменов за нов в.д.директор на ЗОО Скопје. Арсовска го назначи и Иван Илиевски за в.д.директор на ЈСП Скопје на местото на Кристијан Чушков.

Јане Мицевски носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во општина Сопиште е именуван за нов директор на депонијата „Дрисла“. Тој го замени Коста Начевски. Арсовска го разреши Бобан Црничиќ од функцијата директор на ЈП „Улици и патишта“ Скопје и го назначи Борис Настов за нов в.д. директор на јавното претпријатие. И ЈП „Лајка“ има нов директор. На местото на Тина Петрушевска за в.д. директор е поставен Воислав Димитровски.

Видете и ова: Партиски подобни директори, наместо професионалци- пракса која не се напушта

На овие разрешувања реагираше Социјалдемократскиот сојуз. Од таму сметаат дека градоначалничката наместо да се фокусира на проектите, само разрешува директори и прекинува проекти во интерес на граѓаните.

„Данела Арсовска во континуитет докажува дека не се води од интересите на граѓаните, туку од свои лични и партиски интереси“, реагираа од СДСМ.

Во меѓувреме тројцата портпароли на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, Димче Арсовски и Марија Митева кои беа предложени за членови на управни одбори на скопски јавни претпријатија соопштија дека се откажуваат од номинациите.

Стоилковски беше предложен за член на управниот одбор на Јавното сообраќајно претпријатие, а Арсовски и Митева за членови на Водовод и канализација. За предлог-одлуката за именување на нови членови потпишана од група советници требаше да се гласа на седницата на Советот на Град Скопје која е закажана за во среда.

И тројцата во објавите на своите профили на социјалната мрежа Фејсбук наведоа дека ако биле во управните одбори јавно ќе ги објавеле „криминалите“ на компаниите, но се повлекувале поради оцрнувањето на нивните имиња од СДСМ.

Арсовска исто така го укина и тендерот за проектот за ефикасен и еколошки транспорт, познат како Бас Рапид Транзит, кој се споведуваше со поддршка од ЕБОР, вреден 70 милиони евра. Проектот го почна нејзиниот претходник Петре Шилегов, а од СДСМ побараа таа да ја преиспита оваа своја одлука. Градоначалничката деновиве изјави дека БРТ проектот е на штета на граѓаните и ја загрозува животната средина.

„Морам да кажам дека она што го видовме тука, од аспект на решението кое што беше презентирано во јавноста како нешто револуционерно, не само што не е револуционерно, туку е и на штета на граѓаните на градот Скопје. Пред се затоа што за тој БРТ превоз, нема одлука од Советот на Град Скопје,“ напиша Арсовска на својот фејсбук профил.

Видете и ова: Заев заминува - за едни како херој, за други како предавник

Инаку политиката на смена на директори и раководство на претпријатијата кога на власт ќе дојде некој од друга партиска провиниенција е позната пракса во нашето општество. Политичките аналитичари коментираат дека договорот на партиите мора да биде само за политичките функции од првиот ешалон, односно министри и заменици министри, а дека понатаму, доколку владата сака да промовира добро управување, треба да го насочи кон професионализација на раководните служби.

Институтот за демократија за потребите на истражувањето кое се однесува на начинот на кој се назначуваат раководителите на јавните институции, набљудувале 116 именувања по предвремените парламентарни избори кои се случија летото 2020 година.

Притоа било заклучено дека скоро половина од именувањата се т.н. вршители на должност, а како што им одговориле од институциите, тие немале законска обврска да спроведат компетитивен процес во случаи кога именуваат вршител на должност. Во анализата се заклучува дека употребата на ваквите именувања доаѓа, пред се, за да се заобиколи процедурата и постави посакуваното лице.