„Очекувам пратениците да ја испочитуваат одлуката на Извршниот комитет”. Ова е одговорот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на прашањето како ќе гласаат пратениците од опозициската партија на пленарната седница на која ќе се одлучува за мандатот на нивниот почесен претседател, азилантот во Унгарија, Никола Груевски.
„Тоа треба да го видиме на денот кога ќе се закаже седницата на Собранието. Јас повторно кажувам, Извршниот комитет е највисоко тело на партијата и очекувам пратеничката група да ја следи одлуката на Извршниот комитет”, вели Николоски.
Извршниот комитет деновиве, по состанокот со пратеничката група соопшти дека пратениците треба да ги почитуваат законите и Уставот во случајот со пратеникот Груевски и доколку се исполнети условите за престанок на неговиот мандат да постапат законски.
По оваа одлука следуваше седницата на собраниската Комисија за мандатни прашања која изгласа да му се одземе мандатот. Но, некои од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на таа седница тврдеа дека отсуството на Груевски е оправдано.
„Вие и вашите репресивни мерки не дозволивте, согласно она што го предвидува Деловникот, пратеникот Никола Груевски да се пријавува за оправдано отсутен“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменовска – Стојковски.
Видете и ова: Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ „не го даваат“ ГруевскиНиколоски, пак, во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела, зборувајќи за законските можности вели оти „мисли дека ќе се оди на ставот за неоправдано отсуство од шест месеци”.
Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, пак, е убеден дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за одземање на мандатот.
„Мислам дека тие што се останати во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ или нема да се појават или ќе ја напуштат седницата, меѓутоа нема да дадат поддршка за одземање на мандатот на Никола Груевски”, вели Гаџовски.
Инаку по одлуката на Комисијата за мандатот ќе се одлучува на пленарна седница, која претседателот на Собранието Талат Џафери ја најави за по седми јуни. За да се одземе мандат на пратеник потребно е двотретинско мнозинство, односно за тоа да гласаат 80 пратеници.
Собранието и во почетокот на ноември минатата година се обиде да му го одземе мандатот на Груевски, тогаш поради недостојност за вршење на пратеничката функција откако беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“, но немаше двотретинско мнозинство. Груевски потоа избега во Унгарија, каде што доби политички азил, а Собранието одлучи да не го води како оправдано отсутен и му ја намали пратеничката плата за пет отсто.