Посетителите на нашата ФБ страница изминатава недела биле најмногу заинтересирани за надворешно политичките теми за кои редовно информира РСЕ.
Премиерот Зоран Заев е оптимистички расположен што се однесува на натамошниот развој на билатералните разговори со соседна Бугарија за да се надмине блокадата на соседот околу македонските европски аспирации. Тој го посочува завршувањето на локалните избори кај нас и на третите вонредни парламентарни избори кај нашиот сосед: „По изборите во Бугарија има добра шанса за договор“, рече. „И јас мислев така пред 20 години за Бугарите ама сега гледам дека таму нема со кого да се преговара... А на тебе изгледа нешто ти се сонува ама погрешно го тумачеш сонот??“, го искоментирал Зоран Кузманов оптимизмот на премиерот. Коцев Зоран, веројатно превидувајќи ги нашите црвени линии во преговорите со соседот, реагирал со прилична доза на иронија: „Спремете се сите да бидете Бугари до 1941 година, и да плаќаме репарации за нашата окупација на Бугарија...“ Љупчо Цветковски постирал: „Пак само обеќање, каде е датумот за преговори, нели беше уште минатата година...“ На нашата ФБ страница редовно коментира и Георги Георгиев Пеев од Бугарија, чиј пост на нашата ФБ страница се објавува на бугарски јазик, и обично пишува со навредливи зборови за Македонија и Македонците, па и овој пат на бугарски напишал дека „Во Бугарија никој не сака да преговара со оние што бришат споменици и продолжуваат да зборуваат за окупација и татари“.
Видете и ова: Мал самит - големи очекувања: Западен Балкан чека одговор во Брдо
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, даде интервју за грчкиот весник То Вима, пред неговата посета на Атина на 4 и 5 октомври, во кое изразува жалење што „ситуацијата го спречува почнувањето пристапни преговори иако земјава веќе ги има исполнето сите предуслови“ и дека „ќе продолжиме да дејствуваме конструктивно во разговорите со Бугарија“. Џемал Џафероски му советува на претседателот Пендаровски: „Дај му совет на Заев многу го лаже народот“, па ја врти темата на домашни прашања: „... ги умре пензионерите со скапани мизерни мали пензии“. Ѓорѓи Затуроски критикува и почнува со непримерен јазик што заради професионални причини ќе го игнорираме, а понатаму вели: „... Народот страда за леб а вие играте пајдушката ама кога народот ќе се свести вие ќе ја играте на колена, срам и јадос да ви е“.
И универзитетскиот професор Ненад Марковиќ во неделното интервју на РСЕ не го дели оптимизмот на премиерот Заев и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен дека Македонија може да ги почне преговорите за членство во ЕУ до крајот на годинава.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој покрај другото вели дека не е сигурен дека со некоја заедничка формулација бугарската страна ќе биде задоволна. Професор Марковиќ зборува и за Преспанскиот договор при што вели: „Откажувањето од сонот за ЕУ ќе го направи тој договор комплетно бесмислен...“ Благојче Наков коментира: „Во ред си е, и онака е бесмислен. Ние дури ги избрусивме шахтите, а од нивна страна сѐ уште стои знакот Скопје наместо Северна Македонија“.
Има коментар на една домашна вест, за бројката новозаболени од Ковид 19 во вчерашното деноноќие. Зоран Гроздановски постирал, веројатно како реакција на предизборните митинзи: „После избори ќе биде јако, 5-ти бран, 300 мртви на ден, по 4000 заразени, полициски час ќе ни опнат и ќе нѐ гушат со реклами за вакцини“.