Повисоките цени ја продлабочуваат сиромаштијата

Иако во бројки нема да видиме зголемена стапка на сиромаштија, од Македонската платформа за борба против сиромаштијата се убедени дека бранот поскапувања ќе ја зголеми нееднаквоста и ќе ја продлабочи сиромаштијата и неквалитетниот живот кај семејствата кои веќе живеат на раб на сиромаштија

Повисоките цени на горивата, на дел од прехранбените производи, на зеленчукот и овошјето на пазарите, на храната, на недвижниот имот итн веќе некое време се реалност за секој македонски граѓанин. Статистиката покажува дека скоро 22 проценти од населението живее под прагот на сиромаштија и на тие луѓе секој денар им значи премногу. Новите поскапувања на маслото, лебот, шеќерот, кафето и други основни продукти веќе ги исплашија граѓаните кои се жалат дека нивната трпеза ќе станува се посиромашна и дека со истите плати и нискиот животен стандард секој денар повеќе претставува оптоварување за семејниот буџет.

Од Македонската платформа за борба против сиромаштијата велат дека бранот поскапувања ќе ја продлабочи сиромаштијата, иако тоа во бројка нема да се види.

„Ако лани семејството имало 6000 денари приход и со нив можело да си купи одредена количина храна за да го помине месецот, оваа година со истата сума на пари нема да можат да си ја дозволат истата количина на храна туку помалку и тоа ќе направи проблем во семејството иако во бројот на сиромашни ние ќе калкулираме дека сиромаштијата не се покачила“, вели Билјана Дуковска од Македонската платформа за борба против сиромаштија.

Снајди се па живеј

Во делот на тоа како ќе се одразат новите поскапувања врз сиромашните граѓани, Дуковска вели дека тоа ќе значи дека луѓето коишто се блиску до линијата на сиромаштија, ќе јадат понеквалитетна храна за да ги задоволат своите потреби за прехрана.

„Ние секогаш храната ја гледаме изолирано, но треба да се каже дека оние кои се најсиромашни дополнително ќе се обременат со проблеми предизвикани од намалено количество на храна или внесување на неквалитетна храна, од аспект на човеков развој тоа ќе има и некакви здравствени последици“, вели Дуковска.

Видете и ова: Секое четврто семејство зимоска грее само едно сопче

Сиромаштијата е појава која одамна е присутна во македонското општество, а пандемијата само дополнително ја влоши сликата. Растот на невработеноста и намалената економска активност, неизбежно го зголеми делот на сиромаштијата. Со најновите поскапувања може да се очекува само пораст на сиромаштијата во земјава, вели професорот Зоран Ивановски.

„Трендовите во овој момент покажуваат јасна тенденција на пораст на цените, а тоа секако ќе го погоди македонскиот стандард, особено кај граѓаните со понизок доход, а тоа од друга страна ќе предизвика дополнителна појава на нееднаквост. И анализите кои се прават сугерираат дека добар дел од населението се соочува со економски проблеми, а генерално се зголемува нееднаквоста во општеството“, вели Ивановски.

Замрзнувањето на цените на некои производи како инструмент кој некои влади го преземаат за ублажување на ценовниот шок, според Ивановски не е најдобрата опција, зошто како што вели истото предизвикува вештачки недостиг на производите и креира сива економија.

„Она што државата може да го направи е дополнително фискално да интервенира, со фискални стимуланси, во делот на енергенсите, или преку откажување на дел од акцизата, преку намалување на даночните стапки за државата или пак интервенции на енергетски план, со обезбедување домашно производство се со цел за да се амортизираат ефектите од покачувањето на цените кои доаѓаат од светските берзи, а тоа не може да го контролираме“, посочува Ивановски.

Угоре високо - удолу длабоко

Ако прагот на сиромаштија е 22 отсто на ниво на држава, кај семејствата кои се многудетни тој процент изнесува 46. Тоа значи дека во вкупната бројка сиромашни најсиромашни се тие семејства кои имаат повеќе деца.

Видете и ова: Капиталните инвестиции рекордни само на хартија?

Последните податоци во делот на стапката на сиромаштија покажуваат дека 35 проценти од македонското население е во ризик од сиромаштија. Упатените велат дека овие поскапувања нема да ги погодат подеднакво исто сите, односно пак ќе дојде до исраз нерамномерното распоредување на приходите.

Во моментов граѓаните купуваат поскапа храна за 5 до 10 проценти, а најавите се дека во наредните три месеци се очекува раст на цените на основните прехранбени производи од 40 до 50 проценти.

Во последните четири години потрошувачката кошничка, што ја мери Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) се зголемила за 2100 денари, од кои само во последната година е порасната за повеќе од 800 денари. Во тој период од четири години трошоците за живот, според Завод за статистика, пораснале за 8,5 отсто, односно ако пред четири нешто чинело 1000 денари, сега за истото ќе треба да платите 1085 денари.

Во меѓувреме, прогнозите се дека цените ќе продолжат да растат, a Светска Банка очекува стабилизација идната година. Според нивната прогноза, инфлацијата во земјава ќе изнесува 2,4 отсто. Од НБРМ соопштија дека засега се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки, како што предвидува и Меѓународниот монетарен фонд.