Повисоки цени и пакувања со помали грамажи

Брашно и шеќер во маркет во Скопје

Од денеска повторно се ограничува маржата на трговците. Владината мерка доаѓа откако цените на основните прехранбени продукти драстично се зголемија. Граѓаните велат одвај врзуваат крај со крај и не само што цените се покачени туку и грамажата на одредени производи е намалена.

Цените на основните продукти не само што вртоглаво растат, туку грамажата на одредени производи се намалува.

Така на пример киселото млеко од половина килограм сега е намалено на 400 грама.

Илустрација

Зејтинот наместо литар сега е 900 милилитри. Исто е и со шеќерот и солта кои се продаваат по помалку од килограм.

Илустрација

Граѓаните кои ги анкетиравме пред скопските маркети велат одвај врзуваат крај со крај.

„Па еве киселото млеко од пола литро сега е 400 грама и ако не им дозволат да ги накачат цените ќе ја намалат грамажата. Кај нас секој прави што сака“.

„Одамна е тоа, прво почна со киселото млеко од пола кило на 400 грама исто е и со зејтинот. Нема домашно производство се увезува од странство а се е скапо“.

„Забележав дека има намалување на амбалажите, има и кај шеќерот, солта, вегетата, месото паковано, а ти го продава како кило, има доста производи, до каде мислат да одат не знам, а со цените и платите на питачки стап сме“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Инспекторите на терен - утврдени триесетина неправилности

Од пазарниот инспекторат велат дека поплаки за вакви случаи каде што грамажата на производите е намалена, а цената зголемена досега не стигнале до нив.

Но, пријави добиле околу цените на основните прехранбени продукти.

Дел од трговците покрај тоа што ги одмрзнале цените и на нив пресметале 5 отсто ДДВ, вкалкулирале и маржа за дури над 20 проценти за одредени производи.

„Досега се пријавени неправилности од граѓани кои главно се однесуваат на цените на основните прехранбени производи во маркетите. Инспекторите постапуваат по сите пријави и ги проверуваат истите и во трговија на мало и во трговијата на големо и онаму каде утврдуваат дека има неправилност за истото се постапува согласно закон“, велат од Државниот пазарен инспекторат.

Видете и ова: Македонските нафтени компании со милионски профит во нафтена криза

Во овој временски период инспекторите утврдиле околу 30 неправилности по Законот за трговија. Најчесто трговците не доставувале на увид евиденција за набавка и продажба на стоките во трговијата или истата не ја воделе ажурно согласно Законот за трговија.

Глобите за ваквите прекршоци утврдени со закон се движат од 400 до 5000 евра за правно и од 80 до 300 евра во денарска противвредност за одговорно лице.

Откако цените отидоа до плафон владата го врати ограничувањето на маржите

Од почетокот на месецов престанаа да важат антикризните мерки за ограничување на цените на основните животни производи, што резултираше со поскапување на храната.

Откако цените се вивнаа до плафон Владата одлучи повторно да го го врати ограничувањето на маржите.

Согласно владината одлука од денеска па се до крајот на септември, лебот, шеќерот, маслото , брашното, макароните, оризот, кравјото млеко, јајцата, ќе се продаваат со маржи од 5 и 10 отсто. До крајот на оваа година на производителите и трговците им се кратат и сите дополнителни трошоци.
Министерот за економија Крешник Бектеши со мерката очекува намалување на цената на производите за 6 до 7 денари.

Во меѓувреме пак се заканува поскапување од 20 до 30% и на сувомеснатите производи, но и за исто толкав процент отпуштања, доколку Владата не ја продолжи мерката за укинување на царината за замрзнатото свинско месо.

Месната индустрија се пожали дека со важечките царински давачки е ставена во нерамноправна положба со странските производители, дека готовите производи од надвор влегуваат во земјата со 0 отсто царина, додека домашните преработувачи, при увоз на суровина плаќаатт царина во висина од 20 до 35 отсто.

Платите не го следат растот на цените

Дека од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домакинство, а платите не го следат истиот раст, потврдуваат и анализите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ за мај изнесува 38.791,00 денари, а од јануари 2022г ( 35 811.00 ден) е зголемена за 2 980.00 денари односно 8,32 %.

За само една година или од претходната 2021 година истиот месец мај кога синдикалната минимална кошница изнесувала 34.156,00 денари истата е зголемена за 4.635,00 денари односно 12,78%.

Видете и ова: Како кај нас, а како во Европа се справуваат со растот на цените на храната и горивата


Најголемо зголемување има кај исхраната и пијалоците за 3,3% во однос на предхониот месец март 2022 година, додека пак споредено со предходната 2021 година истиот месец зголемено е за 17,0% .

Пресметките покажуваат дека со просечната плата не може да се задоволат ниту основните потреби.