Достапни линкови

Македонските нафтени компании со милионски профит во нафтена криза


Четирипати поголеми суми од претходната година заработиле македонските три најголеми нафтени компании во земјава во ек на пандемија и нафтена криза. Вкупната добивка на Окта, Макпетрол и Супертрејд за лани изнесува 45 милиони евра. Само во првите три месеци од годинава Окта заработи 10 милиони евра. Причините се зголемените цени и побарувачка.

Со секојдневна промена на цените на горивата од Регулаторната комисија за енергетика, граѓаните за изминативе девет дена плаќаат за најмалку 15 денари поскап бензин по литар. Цената на Еуросупер, од 95 денари за литар колку што чинел на 30 мај, денеска може да се купи по цена од 111,5 денари. Дизел горивото кое пред 9 дена чинеше 86 денари за литар, денеска чини 107,5 денари за литар. Македонските компании кои продаваат гориво во изминативе три месеци, во ек на сериозна нафтена криза кога вртоглавно растеа цените на горивата, заработија милионски суми.

Нафтената криза која по пандемијата се интензивираше со руската инвазија врз Украина влијаеше на светските берзи на нафта, а со тоа и на цените во малопродажба. Регулаторната комисија го смени правилникот па промената на цената на горивата се одвива на дневна основа, наместо на две недели како што беше праксата до март годинава пред усвојувањето на новите антикризни мерки.

Извештаите на нафтените компании за лани па и за годинава покажуваат дека најголемите компании во кризата заработија милионски суми. Во овој бизнис, според последните податоци од РКЕ, се вклучени 27 компании.

Колона од возила на бензинските станици во Скопје

Според податоците од клубот 200 на најуспешни и најголеми компании кои се занимаваат со трговија со гориво се Макпетрол, Окта и Супертрејд. Извештајот на РКЕ покажува дека акционерското друштво ОКТА учествува со 69 проценти во увозот на нафта. По него следува Супертрејд со 11 проценти од увозот, додека останатите помалку од 20 проценти отпаѓа на другите 25 компании.

Акционерското друштво Окта во првите три месеци од годинава заработило бруто добивка од 10,2 милиони евра, што е за 5,6 милиони повеќе од истиот период минатата година, односно скоро двојно. Оперативната добивка во првите три месеци од годинава изнесува речиси 7,9 милиони евра, што е за 5,2 милиони евра повеќе од истиот период минатата година.

Според годишниот извештај, Окта лани заработила 18,9 милиони евра бруто добивка за разлика од 2020 година кога во ек на пандемијата заработила 12,8 милиони евра бруто добивка. Од 1999 година, ОКТА Рафинерија на нафта АД Скопје е акционерско друштво со приватен мнозински пакет на акции од стратешкиот грчки инвеститор ЕЛ.П.ЕТ Балканика.

Од нафтените компании кои ги проверивме, само Окта на својата веб страна го објавила задолжителниот периодичен извештај од работата, додека на дел од нив можеше да се најде само годишниот финансиски извештај.

„Супертрејд игра значајна улога на домашниот и регионалниот пазар, преку дистрибуција на над 100 милиони тони нафта и нафтени деривати во Република Македонија и соседството, а воедно е вториот најголем увозник на нафта и нафтени деривати во земјата, во согласност со извештајот на Регулаторна Комисија за енергетија на Република Македонија“, е наведено на нивната веб страница.

Но, нивните финансиски извештаи не се објавени на нивната веб страница. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија во завршната сметка за 2021 година навела дека нејзината нето добивка изнесува 3,2 милиони евра што е речиси двојно повеќе од минатата година.Но, тоа е податок само за една од трите фирми заведени под името Супертрејд во Централниот регистар кои се занимаваат со трговија на горива.

САД во разговори со ЕУ за ограничување на приходите од руската нафта

Во однос на продажбата на нафтени деривати преку бензински пумпи, Макпетрол е на прво место со над 40 отсто удел на пазарот, покажуваат податоците за 2021 на Регулаторната комисија за енергетика. Финансискиот годишен извештај на Макпетрол објавен на нивната веб страница покажува дека минатата година добивката на оваа компанија изнесувала над 22 милиони евра што е 4 пати повеќе од претходната година.

И покрај фактот што денес значително е променета сопственичката структура во малопродажниот сектор, Макпетрол АД Скопје поседува најголем број на бензински станици и тоа 126. Потоа следуваат Лукоил Македонија ДООЕЛ Скопје со 33 бензински станици, ОКТА Бренд со 27 бензински станици, додека преостанатите околу 186 бензински станици се во сопственост на повеќе други домашни претпријатија. Во Македонија тековно работат околу 372 бензински пумпни станици“, покажува извештајот за 2021 година на РКЕ.

Дел од претпријатијата што поседуваат бензински станици, покрај основната дејност да продаваат горива на своите бензински станици, се јавуваат и како трговци на големо, односно дел од набавените течни горива не ги продаваат преку бензинските станици, туку ги продаваат директно на крајни потрошувачи.

Зголемени цени и поголема побарувачка

Цените на суровата нафта во текот на 2021 година се зголемија како резултат на олабавувањето на ограничувањата поврзани со ковид-19 пандемијата, зголемувањето на стапките на вакцинација против ковид-19 и растечката економија. Сето тоа резултираше со зголемување на глобалната побарувачка од нафта, при што потребите ја надминаа понудата на нафта на светско ниво
Минатата година земјата и нафтениот сектор, покажаа напредок во закрепнувањето од неповолните ефекти од пандемијата со ковид 19, што беше поддржано од летната и рано есенската туристичка сезона, кои придонесоа за зголемување на сообраќајот и прекуграничните движења.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG