Активните мерки за ограничување на движењето ќе важат до 1 јуни, одлучи Владата постапувајќи по препорака на Комисијата за спречување на заразни болести. Зајакнатите рестриктивни мерки придонесоа да се намали дневната бројка на заразени, починати и хоспитализирани. На почетокот на април кога беа воведени порестриктивни анти-ковид мерки имаше повеќе од 22 илјади активни случаи, а сега има околу 3000. Тогаш имаше четирицифрени бројки на заразени дневно, сега бројките се двоцифрени или околу стотина. Дневно има и помалку починати, а и бројот на луѓе кои се лечат во ковид-болниците е намален за трипати. Максимум хоспитализирани имало околу 1700, а сега помалку од 500. А намалениот притисок во болниците доведе до тоа многу клиники кои беа претворени во ковид-центри да се вратат на нормално функционирање со пациенти од своите области.
Но препораките на лекарите се мерките да се олабават кога ќе порасне бројот на вакцинирани.
Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари вели дека искуството од другите земји покажува дека мерките се олабавуваат кога ќе се извакцинира голем дел од населението.
„Официјалните бројки што ги добиваме од надлежните институции покажуваат дека во Македонија се вакцинирани некаде околу 10 отсто од населението, што е многу малку од тоа што бараат светските стандарди за олеснување. Секако бројките на заразени со ковид во последните денови даваат за право евентуално да се размисли во правец на олеснување на мерките, меѓутоа треба да бидеме многу претпазливи барем додека не стигнеме до 50 отсто од населението да биде вакцинирано“, вели Таравари.
Министерот за здравство Венко Филипче во интервју за РСЕ рече дека според нивната проценка, некаде до крајот на летото може да се постигне колективен имунитет со имунизација на некаде околу 60 отсто од населението.
Имунолозите, пак, велат дека граѓаните стекнаа природен колективен имунитет, додека чекаа на вакцини, оти масовната вакцинација во земјата започна неколку месеци подоцна.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од почетокот на мај почна масовната вакцинација во земјата, па досега се аплицирани околу 220 илјади дози, а повеќе од 33 илјади луѓе се целосно имунизирани. На сајтот vakcinacija.mk, пак интерес за вакцинација изразиле околу 377 илјади луѓе. Дневно се вакцинираат од 10 илјади до 15 илјади луѓе, а досега се вакцинирани 40 отсто од луѓето над 70 години.
Здравствените власти во земјава остануваат на ставот дека се уште е рано да се укине мерката носење маска на отворено.
„Веројатно ќе дојде до поништување на мерката, но сега е рано да се каже кога ќе кажеме да не се носат маските. Засега е рано, тоа ќе биде нешто следно за што ќе разговараме“, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Рано е и за одржување на свадби и организирање на концерти, вели министерот.
Рестриктивните мерки беа зајакнати на почетокот на април во ек на третиот ковид бран, откако речиси цел месец претходно во земјата имаше четирицифрени бројки на заразени и двоцифрени бројки починати. Бројот на заразени од вкупниот број на тестирани се движеше од 25 до 30 проценти, сега, пак, околу три проценти од тестираните се заразени. Властите на почетокот велеа дека нема потреба од нови мерки, оти нема да дадат ефект, а потоа го продолжија полицискиот час и ги затворија кафеаните. Од 6 април полицискиот час траеше од 20 до 05 часот наутро, а затворањето на угостителските објекти започна на 7 април. Претходно од 10 март на сила беше полициски час од 22 часот до 5 часот наутро. Рестрикции на движењето на граѓаните немаше само за Велигден и за Бајрам.
Црниот рекорд е 1511 новозаразени и 51 починат во едно деноноќие. Досега како последница на ковид починаа 5.232, заклучно со 18 мај.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Откако бројките на заразени почнаа да се намалуваат, а се намали и притисокот во болниците, почнаа да се олабавуваат мерките, па од 12 мај на сила е полициски час од полноќ од 4 часот наутро, а угостителските објекти работат до 23:30 часот. Со работа отпочнаа и фитнес центрите и спортските сали. А се зголеми и капацитетот на деца во градинките од 15 на 20 деца во групи.
Сега дневно има многу помалку заразени, бројката се движи од неколку десеттини до неколку стотини, а намален е и процентот на заразени од тестирани, па некои денови е околу 3 проценти. Бројот на активни случаи сега изнесува 3.270.
Во повеќето земји како се зголемува бројот на вакцинирани се олеснуваат и рестриктивните мерки.
Грција излезе од седумесечен карантин и дозволи влез и за трети земји, меѓу кои и за граѓани на Македонија. За влез се потребни негативен ПЦР тест за ковид, сертификат за вакцинација или потврда за прележан вирус. Србија очекува да се ослободи од ковидот кон крајот на јуни, кога, според нивните власти, се очекува да биде вакцинирано половина од возрасното население. Српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека имаат доволно вакцини, а и сами ќе почне да произведуваат, па се очекува наскоро сите граѓани од регионот да миже да се вакцинираат таму. Во Словенија учениците и студентите се вратија на настава со физичко присуство, а во затворениот дел од угостителските објекти се служат само оние кои се вакцинирани со две дози од вакцина или прележале ковид во последните шест месеци. Маските на отворено не се носат веќе во Романија, освен на фреквентни места како што се пазари, плоштади и јавен превоз.