Претседателот на државата, премиерот, претседателот на Собранието и пратениците имаат месечна плата од околу 1500 евра. Тоа е трипати повеќе од просечната плата во земјата која изнесува околу 500 евра. Министрите имаат од 1100 до 1400 евра плата. Работник, пак, кој има минимална плата од 18 илјади денари, ќе треба да работи повеќе од 5 месеци за да заработи колку овие функционери за еден месец. Но, тие не се најплатените функционери во државата. Директори на државни фирми земаат и двојно повисоки плати од луѓето со најголема моќ и одговорност во државата.
Видете и ова: Антикорупциска утврди дека роднини на функционери се вработувале на „штелувани“ огласиСпоред законот за плати на избрани и именувани лица, тројцата функционери од државниот врв имаат најголем коефициент од 4,5 за пресметка на плата. За пресметка на бруто плата се зема основица, која со закон е пресметана на 26.755, се множи со 4,5 и на таа сума се додаваат годините стаж, односно колку поголем стаж имаат, толку и платата им е поголема.
Пресметка на плата на претседателот на државата:
Нето платата на претседателот Стево Пендаровски изнаесува 92.941 денари, велат од Кабинетот на претседателот за Радио Слободна Европа. Основицата на платата е зголемена за 18 отсто по основ на минат труд (36 години стаж). Во бруто износ, претседателската плата изнесува 142.070 денари.
Основица: 4,5 х 26.755,00 МКД = 120.398,00 мкд
Минат труд: 18% од 120.398,00 мкд = 21.672.00 мкд
Вкупно бруто: 142.070,00 мкд
Вкупно придонеси: 49.129,00 мкд
Нето за исплата: 92.941,00 мкд
Според податоците објавени на владиниот веб сајт, премиерот Димитар Ковачевски зема плата од 88.260 денари со 23 години стаж. По него следи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со плата од 86.324 денари, но во неговата плата се пресметани и 20 отсто за извршување на функцијата. Вицепремиерите земаат плата од околу 69 илјади до 73 илјади, во зависност од вкупниот работен стаж. Од останатите министри, најниска плата од речиси 66 илјади денари има министерот за животна средина Насер Нуредини, оти имал само две години стаж минат труд, а највисока од 76.252 денари има министерот за правда Никола Тупанчески со минат стаж од 34 години.
Претседателот на државата и премиерот со своите плати може да наполнат речиси две потрошувачки кошници што ги пресметува Сојузот на синдикатите (ССМ). Потрошувачката кошница за едно четиричлено семејство за октомври, според ССМ изнесува 51.514 денари, што значи дека се потреби речиси три минимални плати од 18 илјади денари за да се задоволат основните потреби на едно семејство.
Поголема плата од премиерската и од претседателската земаат на пример директорот на Акционерското друштво за станбен и деловен простор (ПУИК), на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), на регулаторните тела, на ЕСМ, на МЕПСО... Најголемите плати се во фирмите кои се во државна сопственост, но не се буџетски, односно се финансираат од својата дејност.
Професор Борче Давитковски од Правниот факултет, кој учествувал во подготовка на многу стратегии во полето на администрацијата, за РСЕ вели дека платите на директорите на регулаторните тела и на агенциите не може да се менуваат оти се според меѓународни регулативи. Тие компании добиваат пари и од други извори, како на пример издавање на концесии или лиценции.
„Проблемот кај нас е што наместо тие пари да ги инвестираат за развој на нивната дејност, ги делат за плати“, вели Давитковски.
Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски и првиот човек на МЕПСО, Орхан Муртезани имаат плата од по 1700 евра. Муртезани претходно беше и директор на Железници. Високи плати земаат и директорите на М-НАВ, но тие реагираа дека не земаат плати од Буџетот, туку се финансираат од парите што ги добиваат од Еуроконтрол.
Директорот на Фондот за индустриски и технолошки развој има плата од 1000 евра. Директор на Македонска банка за обнова и развој, месечно зема над 2.500 евра плата. Директорот на АЕК има над 2.000 евра месечно, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство 3.300 евра месечно, директорот на ПУИК е со месечна плата од 1700 евра, објави опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, во аферата наречена „Паразити“.
Поголеми плати од министерските земаат директорите на Македонски железници, државна фирма загубар. Според ВМРО-ДПМНЕ, седумте директори на Железници имаат плати над 70 илјади денари. Директорите ангажирале и петмина советници кои земаат плати над 60 илјади денари. Фирмата пак должи 67 милиони евра.
Видете и ова: Вработувања во државни компании само за блиски до властаОпозициската партија ВМРО-ДПМНЕ на 14 ноември започна објавување на таканаречната афера „Паразити“ во која споделува информации за плати на функционери. Но, по неколкуте објавени имиња, партијата запре со објавување на нови. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека допрва ќе видат дали и кога ќе продолжи објавувањето на нови имиња во аферата „Паразит“. Од партијата велат дека сега се посветени на други „афери“ како хаосот со јавниот превоз во Скопје и изборот на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.
Од владејачката партија СДСМ пак велат дека опозициската партија е „партија на паразити“. Тие посочија дека кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, директорите на посочените компании исто така земале високи плати. Од СДСМ велат дека сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, додека бил директор и претседател на Управниот одбор на некогашни Електрани на Македонија (АД ЕЛЕМ), а сега ЕСМ, за само десет месеци од буџетот инкасирал над 31.000 евра. А како советник за енергетика на поранешните премиери Никола Груевски и Емил Димитриев, Мицкоски секој месец добивал хонорар од 1100 евра.
Откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја објави аферата „Паразити“ премиерот Димитар Ковачевски најави Закон за плати за да се знае кој ќе има највисока плата и како ќе се регулираат другите плати во јавниот сектор. Законот ќе го подготвуваат министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.
„Такви закони не се спејсшатл технологија, такви закони постојат и во ЕУ и во регионот, треба да постои политичка волја за да се направи таков закон, а кај мене постои 100 проценти политичка волја да има таков закон“, вели премиерот Ковачевски.
Тој вели дека има јавни претпријатија кои со години креираат загуби, а директорите на тие компании имаат поголема плата и од претседателот на државата и од претседателот на Уставен суд.
Професор Давитковски вели дека ставањето на ред во функционерските плати ќе биде ѓаволски тешка работа.
„Кога ќе го направат тоа јас мислам дека треба да им се даде Нобелова награда“, вели Давитковски.
Проблемот кај загубарите, додава тој, е што знаат дека државата е тука да си спаси и директорот, кој вообичаено е партиски кадар, не сноси никаква одговорност.
„Едноставно со менаџерскиот тим се прави менаџерски договор и ако има позитива ќе добие повеќе пари, ако има негатива ќе биде разрешен, но кај нас не се применуваат ти принципи“, вели тој.
Државата планира следната година да ги зголеми платите во дел од институциите, според наведеното во Предлог буџетот за 2023. Поголема просечна бруто плата ќе има и кај Претседателот на државата, во Владата, но не и во Собранието.
Оперативно техничката агенција (ОТА) е институција со највисока просечна плата, што добива пари од буџетот. Во оваа институција има 26 вработени со просечна бруто плата од нецели 2000 евра, или околу 1300 евра нето плата. Во Агенцијата за разузнавање, пак, ќе се намали и бројот на вработени и просечната плата. Од буџетските институции, пак најниско платени се вработените во Управата за водење матични книги, кои имаат просечна нето плата помала од 400 евра.
Од министерствата највисока просечна бруто плата има во Министерството за надворешни работи, а најниска во министерството за политички систем на вицепремиерот Артан Груби. Во МНР просечната бруто плата ќе порасне од 116.893 на 122.243 денари. Односно просечната бруто плата во МНР е околу 2000 евра, или 1300 евра нето. Во министерствата на Груби догодина ќе има 69 вработени повеќе, но вкупната месечна бруто плата ќе се намали од 43.154 на 38.282. Просечната нето плата во ова министерство е околу 25 илјади денари или нецели 400 евра.