Достапни линкови

Вработувања во државни компании само за блиски до власта


Роднини на функционери од СДСМ и ДУИ, се чини дека имаат специјален третман во МЕПСО и ЕЛЕМ со оглед на бројот вработени членови на семејства на актуелни министри во овие компании. Власта се соочува и со обвинувања за мешање на политиката во фамилиите и во однос на делење на тендери.

Вакви случаи во последно време се повеќе се присутни во медиумите, односно дека во државни компании се вработуваат блиски роднини на функционери од актуелната власт на СДСМ – ДУИ. Критиките се во насока на десетици вакви случаи кои се обелоденети за неполни две години откако коалиционите партнери ја преземаа власта, во мај 2017 година.

И не се само вработувањата во државни компании. Фирми на блиски роднини на министри, пратеници или други владини пртставници добиваат тендери, нешто што долго време се практикува на овие простори.

СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и секако ДУИ, кога се во опозиција гласно се противат на ваквите злопупотреби. На прес конференции или преку партиски соопштенија излегуваат со обвинувања за непотизам, а од позиција на власт секогаш смислуваат бројни оправдувања.

„Непотизмот секогаш бил главна карактеристика на СДСМ“, пишуваат деновиве од центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ, пак, во време на нивното десетгодишно делување во опозиција, ја обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ дека ја „продолжува праксата на вработувања на партиски и нестручни кадри.“

Последните критики се кон министерот за економија Крешник Бектеши, бидејќи неговата сестра добила вработување во МЕПСО. Овој месец медиумите пишуваа дека во истата компанија била вработена и ќерката на поранешниот градоначалник на Општина Гостивар Невзет Бејта.

Премиерот Зоран Заев излезе со оправдување дека Бејта веќе не бил функционер. Според него ваквите случаи „се минорни“, бидејќи не можеле да најдат кадри за одредени позиции, со што пропаѓале огласи за вработувања.

Во политиката за таканаречениот непотизам се вели дека обично е присутен во политичките и образовните системи, но и во приватниот бизнис. Во демократијата тој исто така се препознава како форма на корупција, а од непотизмот страдаат оние кои неправедно се одбиени за одредени позиции за кои се квалификувани.

ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН се чини дека оваа се најпривлечни за вработувања на роднини на актуелните функционери, кои за своите блиски велат дека ги поседуваат потребните квалификации за позициите кои ги добиле.

Постојат примери кога овие компании одбивале кандидати пријавени на нивните огласи кои биле најдобри студенти во Македонија, со скоро 10 преосек и остварени врвни резултати на меѓународни натпревари по математика или физика.

Вработувањето на братот на градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска како професор по математика во основно училиште во Битола, беше едно од првите обвинувања „за непотизам“ кон власта на СДСМ. Петровска на критиките одговори дека нејзиниот брат бил единствениот пријавен кандидат за работното место.

Следуваа случаите за вработувањата на ќерката на претседателот на Собранието Талат Џафери во команијата ЕЛЕМ, за генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, кој мајката на неговата сопруга ја поставил на второстепена владина комисија, односно за претседател на Комисијата за жалби.

Во ЕЛЕМ беше вработен синот и на советникот за култура во кабинетот на Заев, Мирослав Грчев; пратеникот Александар Кирацоски кога бил генерален секретар на СДСМ ја вработил својата сестра како советник во Централен регистар; во Акционерското друштво за Стопанисување со деловен простор бил вработен синот на поранешниот функцеионер на СДСМ, Љубомир Фрчкоски, а синот на поранешниот премиер Владо Бучковски добил работа во МЕПСО; портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, пак, ја вработил својата мајка во Централниот регистар во Струмица.

Во текот на минатата година беше обелоденето дека ќерката на министерот за надворешни работи Никола Димитров, добила стипендија од 40 илјади долари од Министерството за образование и наука.

Исто така неодамна, власта се соочи со критики дека фирма во која еден од сопствениците е сопругата на заменикот министер за животна средина Јани Макрадули, доби тендер од околу 90 илјади евра.

Владини функционери беа обвинети и за злоупотреби при одобрување на грантови од Фондот за инвестиции и технолошки развој, по што Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предистражна постапка. Грантовите биле одобрувани на новоформирани фирми поврзани со вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот Хари Локвенец.

Непотизмот е дефиниран како практика на оние кои имаат моќ или влијание да ги фаворизираат нивните роднини или пријатели, особено овозможувајќи им работни места, се вели во речниците на Оксфорд.

Потеклото е од италијанскиот збор „nepotismo“, од средината на 17 век, што значи „внук“ во врска со привилегиите што им се доделувале на внуците на папите.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG