Пензионерите се големо, стабилно и дисциплинирано гласачко тело и затоа секоја влада се обидува да ги придобие. Во четвртиот пакет владини мерки за справување со економските последици од пандемијата, меѓу другите се најдоа и пензионерите со пензии под 15 илјади денари. Тие ќе добијат платежна картичка за купување на домашни производи во вредност од 6000 денари. Тоа беше и едно од предизборните ветувања на владејачкиот СДСМ пред изборите кои се одржаа на 15 јули.
Видете и ова: Фрли рипче, фати гласчеПензионерите се една од ретките социјални групи кои не претрпеа директни финансиски последици од ковид-кризата. Пензиите не се намалени и редовно, па и предвремено, се исплаќаат во текот на целата криза која почна во март годинава со појавата на новиот коронавирус во Македонија. Во исто време, 40 илјади луѓе ги изгубија работните места, платите на многумина им се намалени, малите фирми се мачат да преживеат.
Политикологот, професор Ненад Марковиќ вели дека пензионерите генерално имаат ниски примања, а поради големата невработеност, многу семејства зависат од пензиите на нивните родители. Приоритетите при распределбата на владината помош се и економски и политички, вели тој.
„Пензионерите се огромно гласачко тело, кои можат, ако ги придобиете на своја страна, да одлучат избори. Така што, мислам дека досега немало власт или влада која не се обидувала на некој начин да ги придобие симпатиите на пензионерите и во таа смисла нормално е секојпат да се таргетираат. Нормално, постојат и многу други ранливи категории на луѓе кои се социјално загрозени, особено во приватниот сектор каде што многу фирми и не преживеаја, така што прашање е колку се работи за рамномерна и фер распределба на овие средства во рамките на мерките за ковид“, вели Марковиќ.
Како дел од четвртиот сет владини мерки за помош продолжува помошта за исплаќање плата на работници од погодените фирми, одложување на кредитите за фирмите и евтини кредити за стопанството, а платежни картички ќе добијат 182 илјади пензионери со ниски пензии, 85 илјади пасивни баратели на работа и 5700 самохрани родители. Претходно, платежни картички добија активните баратели на работа, вработените со ниски плати, младите и здравствените работници. Околу 117 илјади вработени со плати под 15 илјади денари, пак добија и ваучери за туризам во вредност од 6 илјади денари.
Видете и ова: Пензионерите гласаат, сите им се умилкуваатВицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека Владата не им помага само на оние кои претрпеле штета поради пандемијата, туку на сите кои имаат приходи под 15 илјади денари, кои се сметаат за социјално загрозени категории на граѓани. На нашето прашање зошто тогаш не се покачат пензиите, туку се оди на еднократна помош како дел од ковид-пакетот, Битиќи вели дека не може да се зборува за системски решенија во ек на криза.
„Не отстапуваме од нашите намери за одржливо решавање на проблемите. Ние и во нашата владина програма велиме дека веднаш после периодот на пандемијата, во моментот кога ќе почне опоравувањето ќе зборуваме и за зголемување на минималната плата, за зголемување на просечната плата, за зголемување на пензиите, односно поставување на минимална пензија итн“, вели Битиќи.
Во изминатите години, пензионерите речиси секогаш добиваа зголемување на пензиите во изборна година, владата им овозможи бесплатно користење на автобусите на јавниот градски превоз, во 2014 година владата дозволи бесплатно користење железнички превоз за пензионерите секој втор викенд во месецот, имаше бесплатно бањско лекување и бесплатно скијање. Аналитичарите тогаш коментираа дека власта им се умилкува на пензионерите.