Достапни линкови

Короната ќе отера во сиромаштија илјадници луѓе


Човек со маска стои пред пекарница во Скопје
Човек со маска стои пред пекарница во Скопје

Корона-кризата ќе ги осиромаши и вработените луѓе, вели Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија. Над 9000 луѓе останале без работа во овие два месеци, а во Агенцијата за вработување има поднесено околу 3.900 нови барања за користење на надоместок во случај на невработеност. Околу 980 барања се поднесени во Министерството за труд за користење на минимална помош.

Во март и во април над 9000 луѓе ги изгубиле своите работни места, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за вработување. Спроведените истражувања на стопанските комори и економските тинк-тенкови покажуваат дека над 70 отсто од компаниите се погодени од корона-кризата. Над 70 отсто од корисниците на кредити го одложиле плаќањето на рати, покажуваат податоците на Народна банка.

Да имаш, па да немаш

Кризата ќе ги осиромаши и вработените луѓе, вели Билјана Дуковска од Македонската платформата против сиромаштија. Таа вели дека сиромашните луѓе кои живеат под линијата на сиромаштија се згрижени во системите за социјална заштита, но дека сега има ситуација кога тие што до вчера не биле сиромашни, сега се соочуваат со сиромаштија. Сега само станаа видливи работите како навистина живеат сиромашните и сега трагедијата – Да имаш, па да немаш почна помасовно да се чувствува, вели таа.

„Тие и пред кризата живееле месец за месец, немале заштеди за шест месеци тргнато на страна, тоа ние го објаснувавме со лаекен индикатори, ако не можеш да исполниш четири од деветте индикатори, ти си сериозно материјално депривиран, тоа не значи дека немаш доволно пари, тоа не значи дека немаш приход, меѓутоа значи дека дома ти се расипе нешто поголемо, ако не дај боже треба да правиш операција, да правиш заби или слично, тешко може да го поднесеш тој товар. Тоа се дополнителни пари кои не сите ги имаат настрана. Во оваа ситуација кога мора да се извадат сите пари, оти не стигаат, луѓето реално може да преживеат месец, два“, вели Дуковска.

Во Агенцијата за вработување има поднесено околу 3.900 барања за користење на надоместокот во случај на невработеност. Досега се решени 1.800, а 1.900 се во обработка, додека само 100 се негативни, вели вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска во интервју за ТВ 24.

Таа вели дека системите се подготвени да одговорат и да им излезат во пресрет на луѓето да не влезат во длабока сиромаштија заради невработеност.

Откако Владата донесе уредба за брз влез на граѓани во системот за социјална заштита, за оние граѓани кои останале без приход поради кризата или пак биле дел од неформалната економија, од 3 април поднесени се околу 980 барања, од кои над стотина се решени, а од 4 мај почнува да се врши исплатата на сите права од социјална заштита, одговорија од Министерството за труд на прашање на РСЕ.

„Минималната помош изнесува 4.000 денари за едночлено домаќинство до 10.000 денари за домаќинство сочинето од пет возрасни членови. Ние кога ја донесовме уредбата кажавме дека ќе биде просечно околу 7000 денари. Ние не застануваме тука, ги олеснуваме постапките за добивање гарантирана минимална помош. Апелирам до сите луѓе кои имаат потреба од ваква помош да аплицираат до центрите за социјална работа таму каде што живеат, секој ден од 9 до 13 часот“, вели заменик министерот за труд и социјална работа Ѓонул Бајрактар.

Процедурите олеснети, но парите се малку

Дуковска од Платформата против сиромаштија, вели дека според она што го следи, Министерството за труд добро реагира, ни како што вели, проблем е што државата е сиромашна и што минималната гарантирана помош е во просек седум илјади денара. Дуковска вели дека Министерството во голема мера ги олесни процедурите за добивање помош, но дека парите што се даваат се малку.

„Проблемот се јавува со администрирањето на целата работа. Граѓаните поради целата недоверба што ја уживаат во системот не ги мотивира да одат и да поднесат барање, прибегнуваат повеќе кон барање на хуманитарна помош. Сето она што го зборувавме, излегување од сиромаштија е со ново вработување, преквалификација, нови можности, сето тоа е стопирано. Не е проблем во една месец да земете 4000-5000 денари, и со тоа ајде ќе се скрпи, но ако ова потрае ќе биде сериозен проблем“, вели Дуковска.

Таа вели дека тука се погодени и семејствата во кои до вчера децата оделе на училиште и таму примале еден оброк, а сега тоа мора да го прават дома. Потоа луѓе кои подработувале настрана по нешто, се снаоѓале со дополнителен приход или дополнителни ресурси, сега тоа им е ускратено. А парите дополнително одат и за почитување на мерките, па дополнително се троши на средства за хигиена, за дезинфекција, маски, вели Дуковска.

Последните податоци за сиромаштија на Државниот завод за статистика се објавени кон крајот на 2019 и се однесуваат на 2018 година. Според тие податоци, во Македонија 21,9 отсто од граѓаните живеат во сиромаштија, што значи дека секој петти жител живее во сиромаштија. Податоците меѓу другото покажуваат дека 8,8 отсто од вработените луѓе се сиромашни. А речиси толкав процент е и на сиромашни пензионери.

Работниците им се мили, ама фирмите им се помили

Бранимир Јовановиќ од Институт за општествени и хуманистички науки, Скопје вели дека Владата не направи доволно да ги заштити работниците и сиромашните во кризата, кои се и најпогодени од неа. Тој вели дека Владата многу повеќе беше фокусирана да им помогне на фирмите и на газдите на фирми, отколку да ги заштити работниците, а тоа, како што вели, се гледа и во мерките што ги преземаат.

„Некои од мерките кои се погрешни според мене - тоа што дозволија банките да наплаќаат и да пресметуваат камати на грејс-периодот, тоа не смееше да се дозволи, затоа што всушности и не им прави никаква помош на луѓето коишто се во криза, затоа што само им ги одложува обврските сега, но утре кога треба да ги плаќаат тие обврски ќе треба да платат и дополнителна камата. Има и други погрешни мерки, како на пример се дозволува да се намалуваат плати и до 50 отсто и на они што работат. Работодавачите се повикуваат на виша сила и ги намалуваат платите на работниците, што не само што не е дозволиво, туку е и спротивност со Општиот колективен договор за приватниот сектор, којшто вели дека не смее да се намали плата на работник повеќе од 20 проценти. Имате и многу примери на луѓе кои останаа без работа и кои сега не може да остварат финансиска поддршка од државата, затоа што условите за надоместок за невработени лица може да ги користат само луѓе коишто се прогласени за технолошки вишок, а ако некој спогодбено го прекинал работното место, не може да оствари паричен надоместок во случај на невработеност“, набројува Јовановиќ.

Нови правила за фирмите и за државната помош

Јовановиќ ја критикуваше и мерката со која им се дозволи на фирмите да добијат државна помош и покрај тоа што можат да отпуштаат до 15 отсто од своите работници. По критиките и напорите на неколку организации и здруженија, владата ја промени одлуката, па нема да им дава помош на фирмите што отпуштаат работници.

„Сите овие мерки придонесуваат да има тежок удар, голем удар кон најранливата категорија на граѓани во оваа држава, а тоа се посиромашните и работниците и на тој начин би се влошила и нивната состојба, сиромаштијата би пораснала, но ќе се влоши и вкупната економска состојба во државата, затоа што се сузбива економската активност, тие луѓе ќе имаат помалку пари и нема да може да генерираат економска активност, односно да трошат и на тој начин се отвора тој волшебен злобен круг на сиромаштијата каде што невработеноста придонесува за сиромаштија, а тоа придонесува за пад на економската активност и понатаму повторно истиот круг“, вели тој.

Извештајот на Оксфам (конфедерација на 19 организации кои се борат за намалување на глобалната сиромаштија) покажува дека кризата со ширењето на коронавирусот, може да однесе во сиромаштија околу половина милијарда луѓе ширум светот. Организацијата предупреди дека од шест до осум проценти од светското население може да се соочи со сиромаштија, бидејќи владите го затворија текот на цели економии за да го спречат ширењето на вирусот. Тие бројки земени во Македонија би значеле дека околу 120 до 160 илјади луѓе би паднале во сиромаштија.

Потрошувачката на минимум

Според истражувањето на Фајнанс тинк – Квалитет на живот – економски ефекти од корона-кризата, најголем дел од населението може да издржи најмногу до три месеци во тековните економски околности, а главниот механизам за справување со економската криза е сведување на потрошувачката на минимум.

На прашањето - Доколку економската криза потрае, колку долго (во месеци) може да издржите имајќи ги предвид моменталните лични околности, 70 отсто од граѓаните одговориле дека во моменталните околности на економска криза предизвикана од ширењето на Ковид-19, би можеле да издржат најмногу 3 месеци. Притоа, скоро две третини од испитаниците одговориле дека месеците под удар на корона-кризата ќе ги издржат преку сведување на потрошувачката на минимум и/или преку посегање по заштедите. Не е за занемарување и четвртина од населението кои очекуваат државата да им помогне, а изненадувачки е мал процентот (14.9 проценти) на оние кои се подготвени да прифатат каква било работа со цел надминување на кризата со доходот во домаќинството. Дванаесет проценти одговориле дека ќе ги преживеат месеците без да преземаат каква било акција, стои во истражувањето.

Вирусот првпат беше детектиран во Кина на 31 декември. Заразени од вирусот има во 183 земји. Најпогодени земји освен Кина се и Иран, Италија, Јапонија и Јужна Кореја. На Балканот, случаи се регистрирани во сите држави.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG