„Плавооката“ за сајбер булингот на Тик-Ток

Илустрација- Жртва на сајбер булинг

Тиктокерката Симона Ковачески вели дека била жртва на сајбер булинг, но успеала да се избори со притисокот и да продолжи. Со цел арсенал погрдни зборови ја напаѓале најчесто деца, но вели дека има и возрасни кои ја користат тастатурата за вакви цели.

Младата охриѓанка Симона Ковачески на Тик - Ток ја знаат како __plavookataa__. Ја следат повеќе од 60.000 луѓе, а нејзините видеа до овој момент се лајкнати повеќе од 1,7 милиони пати. Вели дека меѓу следачите има такви кои ѝ велат дека ја обожаваат нејзината позитива и едвај чекаат нејзино ново видео, ама тука се и тие кои имаат цел арсенал од негативни коментари.

„Не кријам дека буквално се чувствував како да сум на дното, дозволив и емотивно да ми влијаат и да се нервирам и бев во ситуација во која не знаев што да правам“, изјави Ковачески за РСЕ.

Во тој период имала 19 години и полн профил со многу коментари полни со омраза, и не само од деца, туку и од возрасни.

„Добивав погрдни зборови кои не се за кажување и што деца не би требало да ги употребуваат и сигурно не ги слушнале од своите родители туку најчесто доаѓаат токму од деца кои ги гледаат своите врсници како се однесуваат еден кон друг. Ми пишуваа: „да умреш“. Има негативни коментари и од возрасни. Ќе симнат Тик-Ток и ќе пишат некој коментар бидејќи со тоа се ситат. Едноставно на тој начин тие си ги лечат комплексите според мене“, се сеќава Симона.

Денес има 22 години и отворено зборува за тој прериод и додава дека кога кај неа почнала анксиозноста, проблемите и, како што вели, „секакви мисли кои беа многу, многу лоши“. Се „повлекла“ од Тик-Ток околу 6 месеци, но потоа решила да не им ја исполни желбата на хејтерите - и се вратила. Лошите коментари продолжиле, па пресудна била една подадена рака - од сопругот. И продолжила порачувајќи им на сајбер насилниците да не го прават тоа што не сакаат ним да им биде направено.

Симона со сопругот и ќерката

Побарајте стручна помош

Психотерапевтката во системска и семејна пракса, Деспина Стојановска, вели дека нејзиното искуство покажува дека тие што побарале помош од неа честопати првично не биле ни свесни дека причината за одредено однесување е всушност насилство на интернет. А, пак, кога работеле со сторители на булинг доаѓале до податок дека многу често и тие биле жртви на семејно или на врсничко насилство.

„Поривот на луѓето да бидат надмоќни и доминантни над некој друг и да повредат нечија туѓа личност или емоција, потекнува од стравот од немоќ, од срам од сопствените недостатоци и слабости. И во неможност да се справат со нив, прават една маска за себе со која сѐ додека се груби кон другите, имаат впечаток дека се заштитуваат самите себе“, вели психотерапевтката.

Видете и ова: Тик-Ток во Македонија: Меѓу ризикот и забавата

За првите симптоми на жртвата, пак, вели дека се сите депресивни доживувања, од типот на повлекување во себе, чувство на безволност, безнадежност, тага, па се прашуваат од каде и зошто луѓето ги понижуваат и навредуваат на каков било начин. Тоа им влијае и стануваат тивки, покорни и избегнуваат да се вклучуваат во сајбер животот. Психологот, односно психо-терапевтот, вели Стојановска, може да помогне за да ја поттикне самодовербата, да ги зајакне јаките страни на личноста.

Пред 2 месеци, низ регионот одекна веста дека младата јутјуберка и тиктокерка од Србија, Кристина Кика Ѓукиќ, извршила самоубиство, а како главна причина се наведуваше долгогодишното злоставување кое го трпела на социјалните мрежи. Според Стојановска, еден ваков случај не би можел да направи промена во ставот на насилниците, а она што може да ги промени работите е едукација за емпатија, емоции и чувства на другите луѓе.