Министерството за правда не коментира судски и јавно обвинителски одлуки, но во секој случај треба да направиме консултации какво влијание ќе има ова на одредени одредби во законот за околу кои дебатираме и дали тие треба да се менуваат.
Ова е одговорот што го добивме од министерството по објавување на соопштението на Специјалното јавно обвинителство за писмото кое Катица Јанева од притвор го пратила до обвинителите. Во него таа испраќа полномоштво со кое ги овластува тимот на специјални обвинители да ги предадат предметите кои досега ги воделе на државното Јавно обвинителство. Станува збор за кривичните предмети кои се во судски процес, истрагите и предистражните постапки.
„Имајќи го предвид законот за СЈО и одредбите за автономија на Обвинителството, во текот на денешниот ден ќе биде испратен допис до Јавното обвнителство на Република Северна Македонија со цел запознавање на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија со ваквото полномошно, по што ќе биде донесена одлука за евентуално понатамошно постапување,“ се вели во соопштението од СЈО.
Поранешниот обвинител Александар Наков вели дека нејзиното полномоштво нема никаква права важност затоа што со приведувањето на Јанева таа е веќе суспендирана од вршење на обвинителската должност.
„Таа заборава дека и покрај тоа што СЈО е организирано на еден монократски систем, што значи од неа се црпат овластувањата на нејзините заменици, но таа е под суспензија. Тоа значи таа е отстранета од нејзиното работно место специјален јавен обвинител,“ објаснува Наков.
Видете и ова: Отворена седница за разрешување на Јанева ќе и наштети на истрагата?
Овој потег на Јанева доаѓа на само еден ден пред оддржувањето на собраниската Комисија за избори и именувања, на која ќе треба да се разгледува разрешувањето на Јанева.
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, на денешното рочиште за предметот „Титаник“, рече дека предлогот на бранителите на обвинетите за одлагање на постапката треба да биде отфрлен, бидејќи, како што појасни, Катица Јанева е сѐ уште специјален јавен обвинител и дека не може притворот да влијае врз судењата.
„Во овој момент, Катица Јанева е специјален јавен обвинител и ниту едно овластување кое ѝ е дадено, не ѝ е одземено и не може притворот во друг предмет да влијае врз судењата во одобрените обвинителни акти“, рече Стефанова.
Наков додава дека ова нејзината наредба со која бара предметите да бидат предадени во државното Јавно обвинителство нема да придонесе работите да тргнат на подобро во преговорите за статусот на СЈО.
Мандатот на СЈО истекува на 15 септември и неговиот статус треба да се одреди со новиот закон за кој власта и опозицијата со месеци не можат да најдат конечно решение.