Текстот на измените на Законот за работни односи не ја содржат формулацијата за 60 работни часа, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски кој соопшти дека го потпишал законот, но и останатите четири кои беа усвоени во Парламентот за изградба на автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка.“
„Во однос на законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон, не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд, којашто предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“, рече Пендаровски.
Пред да ги потпише измените на законот за работни односи, законот за експропријација, законот за градење, урбанистичко планирање и специјалниот закон, тој рече дека направил консултации со експерти од трудовото право, поранешни уставни судии и советници во неговиот Кабинет. Синдикатите, партиите и сите други страни имаат право да поднесат иницијатива во Уставниот суд, како институција која го дава последниот збор за уставноста на законите, наведе Пендаровски.
Тој исто така рече дека изминатите недели во јавноста се развила легитимна дебата за содржината на овие закони, но дека дебатата била употребена или злоупотребена од мал број субјекти за зголемување на и онака високата поларизација во нашето општеството.
Видете и ова: Антикорупционерите го анализираат договорот со „Бехтел и Енка“Договорот со американско – турскиот конзорцум „Бехтел и Енка“, кој треба да ги гради автопатиштата Тетово - Гостивар – Букојчани, Прилеп – Битола и Струга Ќафасан, последните месеци е топ тема во јавноста. Со месеци се зборува за тоа колку точно ќе чини проектот, кои се роковите, дали ќе се плаќаат пенали, зошто договорот е означен како доверлив?
Владата предложи со европско знаменце да се носат измените на Законот за работни односи, на Законите за градба, со образложение дека ќе овозможат поефикасна, побрза и поевтина изградба, откако претходно постапката во собранието ја блокираше опозицијата со илјадници амандмани.
Собранието во петокот на 26 мај ги донесе измените и дополнувањата на петте закони, и покрај тоа што Делегацијата на Европската унија во Скопје претходно изрази загриженост за одлуката законите да се носат со европско знаменце.
Опозицијата гласаше против законите. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека „најголемиот проект на оваа Влада е покриен и целосно исполнет со основни сомненија за злоупотреба и можен криминал од невидени размери со народни пари“.
Опозициската партија во периодот пред законите да бидат изгласани, обвинуваше дека договорот, кој е означен како „доверлив“ е штетен и дека има услови за корупција. Од ВМРО-ДПМНЕ бараа да го видат договорот.
Видете и ова: Агелер-Опозициските критики за „Бехтел“ се за политички поениАмериканската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер, пак, рече дека е уверена дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ е законски и транспарентен. Таа во изјава на 18 мај изрази разочараност од тоа што опозицијата критикува, како што наведе, без да ги има сите информации, а само за добивање политички поени.
„Сметам дека мошне е разочарувачки тоа што тие во опозицијата критизираат без сите факти или критизираат нешто за што немаат информација. Тоа го прават едноставно само за да бидат против Владата. Да, тоа е работа на опозицијата, но истовремено сум целосно уверена дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ е целосно транспарентен и законски“. рече Агелер во интервју за МИА.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Но, според холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, договорот со „Бехтел и Енка“ не е усогласен со ЕУ законодавството и според него целиот начин на кој е спроведен е нетранспарентен. Тој во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека употребата на европското знаме за законите за коридорите 8 и 10д, може да има последици во натамошниот процес за евроинтеграции на Северна Македонија во ЕУ.
„Да, мислам дека може (да има последеци). ЕУ законодавството е многу јасно. Не може да ги игнорирате правилата за јавни набавки, односно да ги избегнете тендерските постапки во договорот. Има два услови кога е дозволено тоа. Првото е кога се работи за национална безбедност, кога имате тенкови на границата, не мора да чекате најдобар договор за да купите оружје и вториот е кога се работи за национална катастрофа“, рече Коп.
Проектот кој го следат низа скандали од почетокот ќе чини 1,3 милијарда евра. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.
Официјално, почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше означен на свечена церемонија на 4 април, додека „камен темелник“ на Коридорот 10 Д се постави на 12 мај.
Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци, а проектот за изградба на коридорите ќе чини 1,3 милијарда евра.
Видете и ова: ЕПИ - европското знаме за законите за автопатите, лош сигнал за ЕУСобранието во јули 2021 донесе закон за стратешко партнерство со Бехтел и Енка за градба на автопатиштата. Според тој закон, требаше да се сменат и усогласат уште неколку постоечки закони во рок од шест месеци од стапувањето на сила на Законот за стратешко партнерство, односно до јануари 2022. Но, тоа не се направи, а Владата по 20 месеци откако го донесе Законот, потпиша Договор со Бехтел и Енка.
Еден месец подоцна пратеници од владејачката коалиција СДСМ – ДУИ, предложија измени на закони без да го видат за да се олесни изградбата на патиштата. Договорот е означен како „доверлив“. На 10 април, во Собранието се усвои потреба по скратена постапка да се носат осум закони, а Законот за културно наследство беше повлечен.
На 5 мај, обвинувајќи дека опозицијата ги блокира законите, Владата предложи овојпат измените да се носат со европско знаменце.