Достапни линкови

ЕПИ - европското знаме за законите за автопатите, лош сигнал за ЕУ


Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во работна посета на Црна Гора, каде учествува на министерска конференција за поврзаност на земјите од Западен Балкан
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во работна посета на Црна Гора, каде учествува на министерска конференција за поврзаност на земјите од Западен Балкан

Од Институтот за европска политика велат дека потпишувањето на анексот на Договорот со ЕУ со којшто Коридорот 8 влегува во мапата на главните европски коридори, не ја оправдува постапката на Владата за користењето европско знаменце за петте закони поврзани со изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“. Од ЕПИ предупредуваат дека оваа постапка остава простор за реакција од ЕК во натамошниот процес на отворање на поглавјата.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска во Црна Гора потпишал Спогодбата помеѓу Северна Македонија и Европската Унија, со која, како што изјави, Коридорот 8 и официјално влегува на мапата на главните европски коридори.

„Оттука наша е обврската да продолжиме со изградбата на патниот и железничкиот Коридор 8, да го доведеме до ниво на модерна, квалитетна и безбедна патна врска, со што и на дело ќе покажеме дека овие политики не се политики само за на хартија, туку политики кои ги реализираме на терен. За Република Северна Македонија ова е стратешки важна одлука на Европската Унија со што веќе сме позиционирани централно како крстосница во регионот на два главни европски коридори, на Коридорите 8 и 10“, изјави денеска министерот Бочварски во Црна Гора.

За Владата токму тоа е еден од аргументите за користењето европско знаменце на предлог-измените на пет закони поврзани со изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“.

Но, за Симонида Кацарска од Институтот за европска политика овој аргумент е тешко прифатлив и не ја оправдува постапката на Владата.

„Никој не го спори значењето на коридорите, но постапката во парламентот со овие специфични закони и ставањето на овој коридор во мапата на европски коридори тешко дека ќе го реши процедуралниот момент кој е ставен во прашање. И да не заборавиме ЕУ е заедница базирана на право и со ваквото користење на знаменцето ние не испраќаме добри сигнали за поимањето на истата и нашето членство како идна земја членка, бидејќи повторно не го врзуваме носењето на овие закони со правна норма, коешто би го оправдала носењето на законите со европско знаме“, вели Кацарска.

Од Владата повторуваат дека измените на петте закони се со европско знаменце бидејќи беа блокирани од опозицијата, а во тој процес, посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ се крие зад Левица која ги поднесува амандманите.

Делегацијата на ЕУ, како и евроамбасадорот Дејвид Гир неколку пати досега реагираа дека европско знаменце треба да се користи само при усогласување на македонското со законодавството на ЕУ, што во овој случај, не се прави.

Кацарска вели дека постои ризик за тоа како понатаму ќе се интерпретира самиот закон и постапката и во контекст на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и во делот од обврските во поглавјето „Јавни набавки“ од кластерот Основи (фундаменталс).

„Значи ова несомнено отвора простор за реакција од ЕК. Може дел од тие одредби да се протолкуваат како спротивни на она што ќе бидат идни одреденици во дел од овие поглавја, а особено е значајно бидејќи се тоа дел од првиот кластер којшто е клучниот во преговорите“, вели Кацарска.

Во меѓувреме во Секретаријатот за европски прашања пристигнало и писмо преку кое ЕУ бара детално објаснување за проектот. Од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ објасниле дека станува збор за кредибилен и транспарентен проект поддржан со специјален закон со кој автопатите треба да се изградат побрзо и поевтино.

Од ЕПИ не очекуваат какво било дополнително објаснување од Владата да ја промени перцепрцијата во ЕУ, бидејќи како што повторуваат, многу е тешко да се поврза носењето на тие закони со јасен акт на ЕУ, што е оригиналната намена на користењето на европското знаме.

„Не загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ,“ изјави неодамна евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир во одговор на новинарско прашање.

Реакцијата на евроамбасадорот следуваше откако Владата предложи пет закони поврзани со проектот да се донесат по скратена постапка, за како што велат, побрза и поевтина изградба на автопатите. Претходно опозицијата ги блокираше измените на осумте закони поврзани со проектот за автопатите.

Владата предлага со европско знаменце да се носат измени на Закон за работни односи, на Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација, и на специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Проектот ќе чини 1,3 милијарда евра. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG