Пари од дијаспората - повеќе преку банка, помалку на рака

Илустрација

За една четвртина се намалиле парите што ги праќаат иселениците, зашто и тие останале без работа во странство, но поради затворените граници овој пат многу повеќе пари се испратени преку банки, откако директно на рака како досега.

Парите од дијаспората не секнале поради короната, но македонските иселеници оваа година испратиле за една четвртина помалку пари во земјава, зашто поради пандемијата и тие останале со намалени приходи во земјите во коишто живеат. Од друга страна, поради затворените граници и неможноста да дојдат во татковината многу повеќе пари во земјава пристигнале по формални канали – преку банките или преку брз трансфер на пари, наместо директно на рака како досега.

Видете и ова: Македонците ќе останат без парите од дијаспората?

Во Народната банка велат дека во преткризниот период дознаките од иселениците се движеле околу 15 проценти од БДП, што е околу 1,5 милијарди евра, но изминатата година се намалиле за една четвртина.

„Остварувањата се блиски до проекциите - вкупните трансфери се намалија за околу 24 проценти, при што видлив е пад на готовинскиот дел. Но, дознаките пратени преку банките и преку брзиот трансфер на пари забележаа силен раст од околу 47 отсто. Ова е јасен показател дека иселениците и работниците на привремена работа во странство коишто дозначуваат средства во нашата земја го прилагодија своето однесување на новите околности, и сѐ повеќе ги користат дигиталните канали“, велат во Народната банка.

Тие очекуваат дознаките годинава да се зголемат за 20 отсто, но со оглед на тоа што кризата продолжува и оваа година, враќањето на преткризно ниво се очекува во 2022 година.

Академик Абдулменаф Беџети, кој е и ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово вели дека печалбарите не дојдоа, но поради поголемите потреби на нивните семејства тука, тие не престанаа да праќаат пари.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Беџети - Печалбарите ќе инвестираат ако државата функционира

„Јас лично очекувам дека 2021 ќе биде уште појака. На краток рок тоа веројатно е добро, но на долг рок треба да се види, затоа што импликациите на финансиската моќ на привремено вработените работници во странство, особено во Западна Европа, ќе биде од таа гледна точка што тие самите остваруваат пониски примања таму. И додека стравуваат бидејќи и таму дел се отпуштени од работа, дел се редуцирани, така што нивната моќ за штедење таму ќе биде помала“, вели академик Беџети.

Видете и ова: Упад во приватноста или оданочување на приходите од странство

За тоа дали овие пари може да се искористат некако и наместо да им праќаат пари на фамилии за преживување, тие пари да ги искористат за инвестиции во земјава, Беџети вели дека тоа би било идеално, но треба да се направи амбиент во државата за привлекување и инвестирање, за тие да се чувствуваат сигурни.

„Знаете зошто тоа не го преферираат? Затоа што на некој начин тука има низок степен на институционални капацитети, висока корупција, несигурно судство и сето тоа значи бара длабоки структурални реформи во државата за да може тие да го гледаат амбиентот тука поатрактивен од тоа што таму развиваат бизниси. Нашата дијаспора не е веќе класична дијаспора, таа дијаспора сè повеќе е претприемничка дијаспора и таму започнуваат свои бизниси, не работат само за чиста плата“, вели Беџети.

Тој вели дека печалбарите сакаат да видат дека државата и пазарната економија функционираат, но дека тоа не е така.

„Кога на сето тоа ќе му се додаде слаб систем на образование и здравство, зошто тие би дошле да инвестираа тука“, се прашува Беџети.

Според Народната банка, дознаките од иселениците се многу важни бидејќи претставуваат битен дел од доходот на населението и значајна поддршка на потрошувачката и на билансот на плаќања.