Достапни линкови

Упад во приватноста или оданочување на приходите од странство


Законските измени со кои УЈП сака да има постојан увид во банкарските сметки на граѓаните е обид за оданочување на приходите од странство, вели економскиот консултант Горан Рафајловски, кој смета дека спроведувањето на ваквите измени ќе биде многу тешко.

Упад во приватноста на граѓаните или обид за оданочување на приходите од странство? Најавата на УЈП за законски измени со кои ќе има постојан увид во банкарските сметки на граѓаните за да може самата да ги пополнува годишните даночни пријави предизвика големи реакции во јавноста. Во УЈП велат дека ваков начин на работа веќе се практикува во Естонија, Шпанија, Данска и во Грција.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Љубе Трпески, вели дека на тој начин се врши упад во приватноста на граѓаните и крај на банкарската тајна. Трпески вели дека ваквите измени ќе направат поголема штета, отколку што ќе донесе корист. Тој смета дека измените може да придонесат до намалување на девизните дознаки од странство, зашто луѓето, од страв од државата, почесто ќе им праќаат кеш на своите роднини во Македонија. Трпески не се согласува со забелешките од УЈП дека тие и сега имаат пристап до сметките на граѓаните.

„Не е баш така, тие мора до банката да достават причини зошто се бара увид во сметката на некој граѓанин, не оди тоа автоматски“, вели Трпески.

Економскиот консултант Горан Рафајловски, пак, не гледа ништо страшно во ваквите измени, но гледа сериозен технички проблем што ќе го отежне спроведувањето. Според него, мора да се донесат законски измени со кои сите кои ќе ги гледаат сметките, а тоа треба да бидат исклучително малку луѓе, треба да имаат безбедносни сертификати, како и оние кои ќе го изработат и одржуваат софтверот што ќе се користи, за да не ни се случи да бидеме сведоци на нова афера „прислушувани разговори“, само овој пат со банкарски податоци. Рафајловски вели дека УЈП ќе треба да инвестира десетици милиони евра за софтвер и за компјутерски систем кој ќе може да ги обработува овие податоци.

„Ова се прави најмногу поради приливите од странство, затоа што граѓаните досега не ги пријавуваа во годишната даночна пријава, а тоа не е мал број на приливи, зашто има сè поголем број на луѓе коишто работат аутсорсинг на различен начин. Модерново време овозможува да не сте стационирани во земјата во којашто работите“, вели тој.

Рафајловски посочува дека тие пари е редно да бидат оданочени, но оти тоа можело да се направи и досега, без овие измени.

Според законот за банки, неколку државни институции може да добијат увид во банкарските сметки на граѓаните за водење постапка, но по претходно писмено барање. Ниедна институција сега нема постојан увид во сите сметки.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG