Дали само пандемијата ги обесхрабрува странските инвеститори?

илустрација

Пандемиската 2020 година беше лоша за странските инвестиции во земјава. Во четвртиот квартал има нето приливи, за разлика од претходните два, кога инвеститорите си ги повлекуваа парите. За разлика од нас, во соседна Србија која исто така има корона криза, постојано влегуваат нови инвестиции

Тоа што 2020 година Македонија ја заврши со вкупни странски инвестиции од 240 милиони евра, за економските аналитичари не е изненадување, но треба да го подигне алармот кај надлежните да ја променат стратегијата за привлекување странски капитал.

Народната банка објави дека вкупните директни инвестиции во земјата се главно резултат на нето-приливите врз основа на меѓукомпаниски долг (128, 4 милиони евра), односно приливи на постоечките компании. Останатиот дел од оваа сума се резултат на вложувања во сопственички капитал (96,7 милиони евра) и реинвестирање на добивката (14,8 милиони евра). Само во четвртиот квартал нето приливите изнесуваат 95,3 милиони евра, што е значителна промена во однос на претходните два квартали во кои наместо приливи имаше одливи на девизи од земјава.

Аналитичарите велат дека пандемијата не треба да биде изговор, а како пример за инвестиции во кризната година ја земаат соседна Србија од каде деновиве најавија дека претставници на 16 големи американски компании заинтересирани за соработка и деловно работење во Србија, поради според нив, поволната деловната клима и добрите макроекономски показатели земјата.

Ако се споредат податоците за вкупните директни инвестиции во земјата во претходните три години може да се забележи дека 2019 година вкупните директни инвестиции изнесувале 326,3 милиони евра, а 2018 година дури 624 милиони евра. Многу полоша од минатата година била 2017-та кога се забележани само 181, 73 милиони евра директни странски инвестиции.

Лошиот резултат во однос на годината зад нас, според економистите не е само поради пандемијата и економските последици кои таа ги донесе, туку и поради немање соодветна стратегија и неконзистентност на економските политики.

„Факт е дека пандемијата негативно влијае на инвеститорите да вложуваат во други земји и мене не ме изненадува падот на инвестициите, но исто така мислам дека има потреба од нудење на дополнителни стимулации за странските инвеститори, зошто и во вакви услови сепак постои интерес кај некои од нив да вложуваат, особено ако се привлечени со поволни фискални стимулации или други видови економски политики“, вели професорот Зоран Ивановски.

Даночните олеснувања, субвенциите, правната и политичката сигурност се основните индикатори врз основа на кои инверситорите одлучуваат дали ќе инвестираат, посочува Дрилон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија. Северна Македонија е веќе членка на НАТО, но значителен скок на инвестициите годинава не видовме.

„Ако се анализираат последните 5 години на ниво на држава се гледа дека во годините кога сме имале предвремени парламентарни избори (2017 , 2020 година)имаме најмал прилив на странски инвестиции, а во 2020 забележан е пад од околу 42 проценти на странските инвестиции, како на глобално ниво, така и во земјава. Други причини кои се пресудни за неодлучување на странските инвеститори да вложуваат тука е честото менување на законите кои придонесуваат за правната несигурност, потоа даночните реформи и промени поврзани со прогресивното оданочување, или со други зборови нема конзистентност на економските политики“, вели Исени.

Видете и ова: Лоша година за странските инвестиции

Професорот Ивановски пак смета дека добро би било да се направи стратегија со која би се одело кон привлекување на странски инвеститори и од другите пазари, а не само од европските земји. Иако годината не беше поволна за инвестиции, Ивановски не ја отфрла можноста дека и во вакви услови може да се забележат подобри резултати.

„Имајќи го предвид платниот биланс и трговскиот биланс, несомнено е дека ефектите од овие компании во зоните се многу поволни за нас и оттука треба да се задржи фокусот на привлекување на странските инвестиции. Јасно е дека овој пад треба да го вклучи алармот кај носителите на економски политики посмело да носат политики во таа насока“, заклучува Ивановски.

На крајот од претходната година премиерот Зоран Заев изјави дека иако се случи корона кризата, сепак има 12 директни странски инвестиции, кои се во фаза на реализација, на потпишување на договори или во фаза на преговори. Тој рече дека само во изминатите три години, 35 нови странски фирми инвестирале во земјава.

„Една е инвестицијата на Кромберт и Шуберт, со сосема нов погон, инвестиција, дуплирање на сите капацитети низ територијата на целата држава. Дополнително нова инвестиција е Дура, поголема од 100 милиони евра, Магна во Струга, Костел со втората инвестиција во државата и многу други странски компании“, изјави премиерот Заев во декември.

Во меѓувреме има најави дека италијанската индустриска групација „Витило“ ќе инвестира нови 10 милиони евра во земјава во третата фаза од планираната инвестиција, а турската компанија од автомобилската индустрија Пурпласт ќе ја отвори својата нова фабрика во ТИРЗ Скопје 2 со инвестиција од 5,1 милиони евра, каде се планира да се вработат 40-50 лица.

Власта тврдат дека членството во НАТО е сериозно охрабрување и гарантира стабилност и сигурност при инвестирање во нашата земја и покрај тоа што се случи во време на пандемија и ефектите не се почувствуваа во целост. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна изјави дека со отвореност, посветеност во креирање на уште подобра деловна клима, креирање на низа мерки за поддршка на инвестиции во производството и стимулирање на извозните компании, Владата ја заслужила довербата на компаниите.