Достапни линкови

Лоша година за странските инвестиции


Премирот Зоран Заев.
Премирот Зоран Заев.

Странските директни инвестиции се во минус и во третиот квартал годинава, објави Народната банка. Бележат нето-одлив од 5,4 милиони евра. За првите девет месеци од годината се забележани 119,5 милини евра странски инвестиции, што е еден од најслабите резултатите во последните години.

Странските инвестиции два квартали по ред бележат пад, односно инвеститорите си ги повлекуваат парите. Власта вели виновна е кризата предизвикана од коронавирусот, но дека сепак и во тие услови има инвестиции, опозицијата забележува дека и за време на пандемија во регионот странските инвестиции бележат раст. Статистиката на Народна банка покажува дека и во третиот квартал странските директни инвестиции(СДИ) се во минус, односно инвеститорите си ги повлекуваат парите од земјата, а и покрај тоа што имало и нови инвестиции, сепак е забележан минус од 5,4 милиони евра странски инвестиции.

Во вториот квартал исто така имаше минус и тој изнесуваше 9,3 милиони евра, или вкупно во последните два квартали од почетокот на кризата -14.7 милиони евра нето-одлив на СДИ. Ако на оваа бројка се додадат 133-те милиони евра од првите три месеци од годината, се доаѓа го тоа дека во првите девет месеци од годината се забележани 119,5 милини евра странски директни инвестиции во земјава, што е еден од најслабите резултатите во последните години.

  • 2019 година 326,3 милиони евра
  • 2018 година 624,49 милиони евра
  • 2017 година 181,73 милиони евра
  • 2016 година 338,43 милиони евра
  • 2015 година 216,72 милиони евра
  • 2014 година 205,14 милиони евра
  • 2013 година 252, 20 милиони евра

Дополнително во овој период државата раскинала договори за добивање државно градежно земјиште со четири странски инвестиции поради ненавремен почеток на градежните активности. Од појавата на кризата, 71 отсто од странските компании работат со добивка, останатите се со загуба, но ниту еден од инвеститорите не си отишол, објави Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ).

Премиерот Зоран Заев, пак вели, дека и покрај тоа што е криза, годинава има 12 директни странски инвестиции, кои се во фаза на реализација, на потпишување на договори или во фаза на преговори. Тој вели дека членството во НАТО е сериозно охрабрување и гарантира стабилност и сигурност при инвестирање во нашата земја. Тој рече дека само во изминатите три години, 35 нови странски фирми инвестираа во земјава.

Не треба да се „вадиме“ само на кризата во економијата предизвикана од ковид, на инвестициите влијае и политичката состојба во земјата и понудата на работна рака, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

„Важен сегмент за странските инвеститори, не само оваа година, туку и претходните години е дека тие внимаваат во која земја ќе инвестираат и дали има политичка стабилност или не. Од 2006 ние не успеавме да имаме редовни парламентарни избори, секогаш, за жал, на две, на три години имаме предвремени парламентарни избори, а тоа се одразува на развојот на стопанството, а во тоа насока и на намалување на инвестициите, како на странски, така и на домашни. Владата доколку сака да привлече повеќе инвестиции во иднина не смее веќе да игра на картата дека државата нуди евтина работна сила, туку квалификувана“, вели тој.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски соопшти дека платите на работниците во индустриските зони се пониски од просечните плати, но и побавно растат во однос на просечните нето плати на другите граѓани во државата, рече тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека и во услови на криза земјите од регионот бележат раст на странските инвестиции.

„Податоците за Бугарија покажуваат прилив на СДИ во вториот квартал од годината од 143 милиони евра, додека цели 465 милиони евра во третиот квартал, или вкупно 638 милиони евра во последните два кварат али од 2020 година. Србија во истиот период бележи уште поголем приливна СДИ. Имено, во вториот квартал е забележан прилив од 650 милиони евра, додека 277 милиони евра во третиот квартал, што значи 930 милиони евра приливна СДИ во период от од почетокот на кризата“, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

фабрика во ТИРЗ Струмица
фабрика во ТИРЗ Струмица

Гувернерката на Народна банка, Анета Ангелова-Бежовска вели дека догодина постепено ќе се стабилизираат директните странски инвестиции. Странските директни инвестици годинава ќе бидат забавени на ниво од 1,6 проценти од БДП, што е околу 170 милиони евра, а за догодина се очекува постепено стабилизрање на три проценти од БДП, односно враќање на преткризното ниво, рече Бежовска преставувајќи ги проекциите на Народна банка за следната година. Странските директни инвестиции пред кризата во просек изнесуваа некаде околу 3,3 проценти од БДП.

„За наредната година очекуваме прилив на странски директни инвестици од околу три проценти од БДП, а потоа постепно зголемување на нивното учество во БДП на среден рок од 3,5 проценти. При секоја кризна епизода инвестиците се еден од најзначајните пунктови каде што највеќе доаѓаат до израз неповолните ефекти од кризните состојби. За наредните две години очекуваме постепено стабилизирање на инвестициите односно поповолни трендови и во глобални рамки се очекува попозотивен амбиент закрепнување. Очекуваме и раст на странските директни инвестиции, имајќи ги во предвид стапките на ММФ за стабилни финансиски пазари и поповолни очекувања на меѓународните инвестори“, рече гувернерката.

Претседателот на Асоцијацијата на странски компании Виктор Мизо во интервју за МИА вели дека институционалната грижа за постојните инвеститори значи дополнителни инвестиции и реинвестирање. Тој вели дека на нивно барање Владата почнала да ги ги усогласува царинските стапки со царините што постојат во Европската унија, што ќе овозможи земјава да биде на исто ниво на конкурентност како другите земји во ЕУ, а тоа ќе придонесе за дополнителни инвестиции и креирање нови работни места од страна на постојните инвеститори во државата.

„Сега имаме начин пред нашите централи да презентираме дека сме на исто ниво на конкурентност со ЕУ и зошто да не реинвестираме нешто во Македонија“, вели тој.

Пандемијата не се одрази лошо врз сите економии во светот. На пример Кина е единствена земја меѓу големите економи која годинава ќе забележи раст. Во земјата е забележан раст на странските директни инвестиции за 2,5 отсто во првите девет месеци од годината, во споредба со истиот период лани. Кинеското Министерство за трговија сега смета дека инвеститорите ја гледаат нивната земја како „безбедно пристаниште“.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG