Достапни линкови

Почитување мерки за да се избегне здравствена и економска катастрофа


Фризер и негов клиент носат маски, Скопје, Македонија.
Фризер и негов клиент носат маски, Скопје, Македонија.

Доследно почитување на мерките е клуч за спас и од ширење на заразата со ковид-19 и од намалување на штети врз економијата. Повеќе европски држави се одлучија за затворање на економијата и полициски час, но македонските власти велат дека сегашните мерки се добри и дека затворање засега нема да има.

Евентуално ново затворање на стопанството и дополнителни рестрикции во движењето на луѓето ќе се одрази на целокупниот живот. Во последните недели во земјава, како и во цела Европа, се регистрираат високи бројки на заразени. Од друга страна, пак, ниту на економска страна земјава не стои добро. Се зголемува невработеноста, долгот на државата надмина 60 отсто од БДП, се затвораат фирми.

Поранешниот гувернер на Народна банка Петар Гошев вели дека нашата економија нема голем капацитет на издржливост, а се покажа дека немаат ни големите, но сепак, можат да влијаат повеќе на социјалните проблеми и патологии кои произлегоа од оваа пандемија. Како што вели Гошев, клучно е да се одржуваа економскиот живот со најмала штета врз здравствена ситуација во земјата. Тој порачува максимално да се почитуваат мерките за ограничувањето на социјалната комуникација.

„Апсурдно е да забранувате дејности да ги обавуваат своите економски активности, а да дозволувате верски собирања, кои се случуваа уште за време на првиот бран и истовремено да делите лекции дека собирањата треба да прекинат. Мерките мора да бидат дизајнирани со најмала можна опструкција врз економските активности и со најголеми рестрикции на оние собирања на луѓето кои не се поврзани со некаква економска активност или производство, тоа е единствениот одговор на оваа ситуација. А политичкото интригантство кое се одвиваше во земјава во последниот период ја оштети повеќе економијата отколку што можеше да биде оштетена, а и денеска на таа линија интервенциите се од слаб карактер“, вели за РСЕ, Петар Гошев.

Професор Никола Поповски, кој е поранешен министер за финансии, пак во телевизиска дебата на 24 вести рече дека економската битка не може да се добие, ако се загуби здравствената. Поповски вели дека приоритет треба да биде заштитата на здравјето на граѓаните, а на тој план, како што вели, потфрливме.

„Ако ја изгубиме здравствената ситуација од контрола, економската никогаш нема да ја добиеме. Економијата функционира со три фактори, вирусот го афектуира едниот фактор – човечкиот ресурс, капиталот и природните ресурси не ги афектира. Што значи дека ако го афектира овој фактор, кој е најважен, тогаш како ќе се бориме? Ако вие во една фабрика, или банка или институција се заразат 5-10 отсто од вработените ќе ја затворите цела, значи подобро е да бидеме многу порестриктивни кај здравствените критериуми“, вели Поповски.

Според податоците од 2 ноември во земјава има речиси 11 илјади активни случи на регистрирани заразени со ковид-19. Ако на таа бројка се додаде уште толку во изолација како контакти, и уште многу кои не одат на работа чекајќи термин за тест, тогаш компаниите се соочуваат со недостиг на кадар.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека засега на планираат воведување полициски час или карантин, оти, како што вели, сегашните мерки се добро димензионирани. Тој вели дека за десетина дена треба да се видат првичните резултати од новите анти–ковид мерки, а за еден месец ќе има вистински резултати. Новите мерки предвидуваат носење маска и на отворено, забрането групирање на повеќе од четири луѓе надвор по 22 часот. Ново што предлага Комисијата за спречување на ширење на заразни болести е угостителските објекти да работат до 21 часот, наместо како досега до 23 часот.

„Ако се затворат угостителските објекти во 21 часот, како што предложи Комисијата за заразни болести, ако луѓето се прибираат дома порано затоа што ќе нема каде да одат, ако ги почитуваат мерките, тогаш и бројките ќе се намалат. Значи, во овој момент, од форма на карантин како полициски час, сметаме дека нема потреба“, рече Филипче.

Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија и професор на Медицинскиот факултет, во пишан одговор на прашањето – Дали неколкунеделен карантин, по примерот на многу европски земји, би било решение за заштита на ширењето на вирусот вели:

„Ова прашање има медицински и економски импликации. За медицинскиот дел надлежни и стручни се нашите епидемиолози и ќе мора аргументиран одговор да побарате од нив. За економските импликации од таква мерка воопшто не сум стручен да коментирам. Моето лично убедување е дека со доследно применување на моменталните мерки и со соодветно неселективно санкционирање на прекршителите сепак може да го избегнеме тоа несакано сценарио, барем во догледен период“, вели доктор Беќаровски.

Епидемиологот доктор Драган Даниловски во интервју за медиумите пред неколку дена рече дека карантин кој ќе трае две до три недели би го спречил есенскиот бран на заразата, но ќе доведе до социјална и економска катастрофа, ќе се случи невработеност и глад, проблеми со менталното здравје и ќе се соочиме со епидемии од друг вид.

„Не смееме да дозволиме мерките да предизвикаат поголема штета од проблемот заради којшто се преземаат и затоа мораат да бидат дозирани“, вели Даниловски.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани, според статистиката од 2 ноември во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 32.997. Оздравеле 21.244, а починале 1.025 лица. Активни се 10.728 случаи.

Откако во последните недели се зголеми бројот на новозаразени, многу европски земји презедоа построги мерки. Белгија ги затвори сите неесенцијални продавници и угостителски објекти и воведе полициски час. Чешка прогласи вонредна состојба, полициски час и ограничување на работното време на продавниците. Грција воведе полициски час и мини карантин во најпогодените области, а Франција воведе целосно затворање. Шпанија воведе полициски час и други рестрикции, а и Португалија размислува за вонредна состојба. Словенија затвори неесенцијални продавници и забрани собири на повеќе од 6 лица. Косово донесе одлука за затворање на трговските центри и угостителските објекти од 21 до 5 часот, а Австрија ги затвори баровите и рестораните, базените, спортските сали и фитнес центрите.

Во исто време додека Европа се бори со скок на нови случаи, Австралија објави дека вториот по големина град и поранешно жариште на коронавирус, Мелбурн, излегува од блокада по скоро четиримесечно заклучување.




  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG