Пандемијата жестоко удри врз работничките

Протест на текстилни работнички.

Текстилните работнички се едни од најпогодените во кризата. Десетици работнички во штипска конфекција, кои се на принуден одмор, протестираат и си ги бараат заработените пари. Пандемијата остави жени без работа, со помали плати, а станаа зависи и од државна помош, покажува истражувањето на ЕСЕ.

Бисера Кафтанова е текстилна работничка која решила да биде гласна и да си ги бара своите работнички права. Фирмата во која работи испратила голем дел од работниците на принуден одмор, а еден дел потпишале договори дека се префрлаат во нова фирма. По завршуваањето на принудниот одмор, работничките се во вакуум простор, а не зеле ниту плата за април. Кафтанова вели дека платите и така не им се големи, оти околу 90 отсто од текстилните работнички земаат минимална плата, која е некаде околу 15 илјади денари, а десет отсто од работничките земаат плата по 1000 или 2000 денари повисока од минималецот. Затоа Кафтанова, заедно со уште десетици работнички од штипската конфекција „Алкон-текс“, неколку денови протестираат, но како што вели, од другата стана немаат одговор. Таа додава дека фирмата во која е вработена, работела добро и буквално во „пет до три“ ги пратиле на принуден одмор.

„Проблемот е во тоа што ние претходно не добивме известување дека фирмата е во некакви проблеми. Се исплати К-15, плата имаше, да се намалуваше во последните 2-3 месеци, меѓутоа имаше исплата на плати, немаше најава дека ќе имаме потешкотии“, вели Кафтанова.

Бисера Кафтанова, текстилна работничка

Ковид-19 ги остави жените без работа

Вработените во конфекциите, во угостителството, самовработените жени, оние кои работат во акционерските друштва во државна сопственост, се меѓу најпогодените од пандемијата, оти во овие сектори се намалил бројот на вработени. За време на пандемијата се зголемил бројот на вработени жени само во секторот фармација, покажува извештајот на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) за првите шест месеци од пандемијата. Според нивното истражување, за време на пандемијата многу жени во државата се соочиле со губење на работното место, пад на месечните приходи, зависност од државна помош, отежнат пристап до здравствени услуги. Според податоците, просечната плата на жените во периодот јануари-август 2020 година е намалена за 338 денари, но кај осум отсто од жените падот надминува 8.000 денари. Пандемијата двојно го зголеми бројот на жени зависни од државна помош, а бројот на домаќинства кои гладуваат пораснал од три на седум отсто, стои во истражувањето.

„Она што е интересно од истражувањето е што во месец август за 100 проценти е зголемен бројот на жени кои користеле некаков тип на државна помош во споредба со периодот пред пандемијата, основно во февруари. Во февруари жените користел класични типови на помош, како гарантирана минимална помош, образовен додаток и енергетски додаток, мал е бројот на жени кои користеле помош во случја на невработеност, што не е случај во август. Во август се зголемува број на жени кои користат помош во случај на невработеност, за разлика на оние кои користеле традиционален тип на помош“, вели Дарко Антиќ од ЕСЕ.

Видете и ова: Работничките протести скромни, барањата гласни

Гзиме Фејзи, сопственичка на фирма, вели дека пандемијата особено се одразила врз работничките, пред сè на оние со деца, оти, при домашното договарање кој ќе остане дома со децата да следи онлајн настава, изборот паднал врз жената.

„Се знае дека мајката е поповрзана со децата, дека мажот може да работи по две работи и затоа многумина решија жената да остане дома. Тоа ја продлабочува кризата на една фамилија и на едно општество. Тие што остана без работа, пак се пријавија во Агенцијата за вработување, зашто им е потребно здравствено осигурување, оти утре може и да боледува, а многу прејдоа и на социјална помош. Јас мислам дека и затоа се зголеми бројот, оти жените беа први што се оддалечија од работните места“, вели Фејзи.

Таа вели дека и многу бизнисменки ги затвориле своите фирми, особено помалите како бутици и фризерници.

Многу жени работеа без прекин, но платите не се зголемија

Но многу жени останаа да работат и во време на пандемијата, работеа и кога на сила беа карантини и во полициски час, но останаа со помали примања и целосно без пари.

Текстилната работничка Кафтанова, посочува дека плата нема, а сметки и рати за кредити мора да се плаќаат.

„Сите луѓе што се дома на принуден одмор се трудат да најдат работа, да заработат пари за егзистенција, а од фирмата им вршат притисок дека ќе ги пријават затоа што работат. Секој може да работи со договор на дело, а од друга страна си ги чекаш своите заработени пари. Луѓето кои не се информирани и не знаат го трпат тој притисок и се принудени да си потпишат отказно решение. Меѓу нас има луѓе пред пензија, имаме трудница, имаме многу случаи. Луѓето нема да седат мирни, макар и да останеме само 10 луѓе да се бориме“, вели текстилната работничка.

Tекстилни работнички од штипската конфекција „Алкон-текст“, кои се на принуден одмор протестираат пред фабриката.

Кафтанова додава дека разбира оти пандемијата ги погодила сите, но, како што вели, фирма работи 10-15 години, има капитал, имале бонуси, но не ги делеле со работниците, а платата на годишно ниво не им била покачена ниту пет отсто.

Текстилните работнички добија поддршка од Здружение за заштита на работничките права Гласен Текстилец – Штип и од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Видете и ова: Ќе има ли седми пакет мерки, за помош на текстилците?

Кристина Ампева од Гласен текстилец, здружение кое особено за време на пандемијата им пружаше помош на работниците, вели дека фирмите кои се принудени да делат откази, тоа да го направат од деловни причини, за да може и работниците да си ги остварат своите права кои им следуваат во случај на губење работно место.

„Со тоа треба да исплатат соодветна испратнина, а понатаму работникот не може да најде работа, да си се пријави во Агенција за вработување, од каде ќе зема некаков надоместок. Ова што државата и законите триесет години се правени во корист на газдите, на олигархијата, се такви што секој во државата може да биде работодавач, да прави една фирма, друга фирма и да го злоупотребува трудот на работниците и да ги манипулираат цело време, што се рефлектира и во меѓународните извештаи за работничките права во Македонија“, вели Ампева.

Таа вели дека побарале од надлежните во државата повторно да воведат мораториум за плаќање на ратите за кредити и извршителите, како што вели, барем во овој период да престанат да го касапат работникот. Но, нивните предлози не биле земени предвид. На почетокот на пандемијата во два наврати беше одложено плаќањето на рати за кредите, а имаше и мораториум за извршителите, но мерките потоа не продолжија.