Јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола, кое е надлежно за уличното осветлување во градот, започна со замена на старите натриумови и живини со нови лед светилки. Надлежните велат дека со новото лед улично осветлување, ќе се заштедат над 200 илјади евра само од главните сообраќајници во градот. „Комуналец“ досега ги замени старите со нови лед светилки на една од најфреквентните сообраќајници „Васко Карангелевски“. На оваа улица во должина од 830 метри се поставени 91 арматура со лед светилки. Заштедата на годишно ниво, само од една светилка, е околу 100 евра, а вкупно од сите - 9000 евра на годишно ниво.
Видете и ова: Власта и опозицијата сплотени за осветлувањето во Битола„Со поставувањето на лед осветлувањето во дел од сообраќајниците и локалните патишта во зоните на живеење дополнително се инвестира во енергетската ефикасност на системот за улично осветлување, а притоа граѓаните ќе имаат придобивки и во однос на социјалната и сообраќајната безбедност. Во иднина, замената на уличното осветлување и на останатите улици во градот, особено живините светилки, ќе предизвика не само заштеда во пари, туку ќе има учинок и во аерозагадувањето зашто при нивното уништување се испуштаат гасови кои се штетни за околината“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Ќе следи процес на целосна замена на светилките во другите населби и главните сообраќајници, а потоа и уличките во централното градско јадро.
„Во Битола има преку 2000 светилки од ваков тип и наши заложби се да ги замениме што поскоро. Паралелно ќе работиме и на замена на светилки во помалите улици. Почнуваме од централното градско подрачје, а очекуваме до Нова Година да бидат заменети од 500 до 800 такви сијалици. Посебен акцент ќе ставиме на установите, односно градинки, училишта каде има реална потреба од поставување на вакви светилки“, рече директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.
Паметното осветлување има вклучено самопрограмирање, односно се прилагодуваат спрема условите и во различен период од ноќта има различен интензитет на светлина, а лед светилките имаат три пати поголема трајност од постојните. Во следната фаза информациите за дефект или замена на светилки автоматски ќе пристигнуваат до ЈП „Комуналец“.
„Во следна фаза ние ќе ги извадиме орманчињата за уличното осветлување од главните трафостаници, односно трансформаторите на ЕВН и оние воздушно поставени кабли ќе ги спуштиме под земја, по што ќе поставиме командни ормари и преку Wi-Fi сигнал секоја светилка во градот ќе испраќа сигнал до командниот ормар, а од таму пак до командниот центар кој ќе биде сместен во ЈП Комуналец. Вработените со апликација на мобилниот телефон ќе имаат сознание каде и какво тип на дефект има во уличното осветлување“, рече Богоевски.
Сите понатамошни активности ќе се реализираат од средствата што ќе се заштедат од уличното осветлување, без оптоварување со кредити. Правото на сервисирање и тековно одржување на уличното осветлување на територијата на Општина Битола беше пренесено во надлежност на Комуналец на почетокот на годинава, а во изминатиот период бизнисот им се даваше на приватни компании.