Политичка кавга избувна во Битола за јавното улично осветлување. Советниците од опозицијата обвинија дека локалната власт планинара одржувањето на осветлувањето да и го даде на приватна фирма, наместо оваа должност да ја извршува градско јавно претпријатие.
Советникот од СДСМ, Горан Козаров, обвини дека договорот е штетен и побара негово поништување.
„Наше барање е поништување на тендерот и преземање на одржувањето на јавното осветлување од страна на некое од јавните претпријатија. Наместо одржувањето и големата добивка да им се дадат на некое од претпријатијата со што индиректна корист би имале сите жители на општината, одредени партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да го реализираат овој тендер пред локалните избори само заради исполнување на лични интереси“, изјави Козаров.
Тој уште обвини дека деновиве се врши притисок врз вработени во општинската администрација за да се парафира договорот.
„Токму од овие причини истите тие моќници од ВМРО-ДПМНЕ деновиве вршеле големи притисоци врз членовите во тендерската комисија вработени во општината за да стават потпис на овој штетен договор. Ги охрабруваме сите оние кои се вклучени во оваа постапка да не потклекнуваат на притисоците и да не дозволат 15 милиони евра, народни пари, да завршат во приватни џебови. Моќниците кои вршат притисок и се добро познати на битолската јавност, но и на основното јавно обвинителство“, вели тој.
Козаров уште обвини дека сумата која ќе и се плаќа на фирмата за улично осветлување собрана од граѓаните ќе биде фиксна, а во меѓувреме ќе се намалат трошоците за одржување на осветлувањето.
„Треба да се даде осветлувањето на 15 години, сумата која ќе ја добива фирмата е фиксна за сите години, а во тендерската документација е наведено дека трошоците за штедливи светилки и ред друга опрема да бидат намалени со сооднос 50-50, значи да се намалат давачките за трошење на електрична енергија, а тие пари кои ќе се заштедат на тоа да завршат во приватни џебови“, рече Козаров.
На ваквите обвинувања со писмено соопштение реагираше општина Битола. Во него се вели дека СДСМ ја лаже јавност дека на повидок бил штетен договор во висина од 15 милиони евра.
Во соопштението пишува дека се работи за потенцијален договор за јавно приватно партнерство во следните 15 години со високи економски ефекти, а извештајот за тоа следната седница ќе биде разгледан во Советот. Понатаму додаваат дека за шест месеци ќе се инвестира во замена на повеќе од 10 илјади светилки низ улиците во градот, ќе се остварува заштеда од минимум 60 отсто електрична енергија, со што градот ќе добие квалитетно осветлување според европски стандарди. Цената ќе изнесува 3,9 милиони евра, а општината на ваков начин ќе заштедува минимум 450 илјади евра годишно.