Достапни линкови

Партизација на Советот на млади во Битола?


Архивска фотографија: Совет на Општина Битола.
Архивска фотографија: Совет на Општина Битола.

Опозицијата критикува зашто на чело на Советот на млади во Битола е поставен висок функционер на УМС на ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија не гледа во што е проблемот.

Дали владејачката партија го партизира Советот на млади во Битола? За ова се водеше бурна дискусија во општинскиот совет. Опозицијата обвини дека на чело на ова тело, кое треба да ги обединува иницијативите на младите, стои истакнат партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ.

Сакам да ми кажете дали истиот млад господин беше на листата на советници? Сакам да ми кажете дали имаше висока функција во ВМРО-ДПМНЕ. Јас ви кажувам дека никој не може да спроведи иницијатива која ќе биде независна од партијата која е на власт.
Габриела Илиевска, советничка од ВМРО-НП.

„Сакам да ми кажете дали истиот млад господин беше на листата на советници? Сакам да ми кажете дали имаше висока функција во ВМРО-ДПМНЕ. Јас ви кажувам дека никој не може да спроведи иницијатива која ќе биде независна од партијата која е на власт“, критикуваше Габриела Илиевска, советничка од ВМРО-НП.

Програмата на Советот на млади ја одобрува општинскиот Совет. Советникот од СДСМ, Менде Илиевски, обвини дека дел од предлозите се исти со оние од изборната програма на битолскиот градоначалник.

„99 проценти од членовите во Советот се членови на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, па ова слободно можете да го прекрстите како тело на УМС. Разгледувајќи ја програмата, најдов иницијатива за отворање на фан-шоп на ФК „Пелистер, а ФК „Пелистер“ се мачи во долгови, се мачи во постигнување на резултати, значи се зголемува иронијата. Потоа, имаат иницијатива за изградба на вештачка карпа за спортско качување, а во програмата на градоначалникот Владимир Талески од 2013 година на страница 26 убаво пишува дека до крајот на мандатот ќе биде изградена карпа за качување“, рече Илиевски.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ признаа дека претседателот на Советот е од нивните редови и дека бил предложен од Унијата на млади сили, но не гледаат никаков проблем во тоа.

„Претседателот на Советот на млади е член на ВМРО-ДПМНЕ. Беше кандидат за советник на владејачката партија. Дали младите кои доаѓаат од партија можат да бидат членови на Советот? Да се праша ова е небулоза само по себе. Јас во моментот кога сегашниот претседател на Советот на млади беше предлог од УМС, бев претседател на УМС“, рече Јовица Богоев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Безобразни обиди пред јавноста да се исполитизира нешто уште неродено, да се создаде недоверба кај младите во самото тело и да се стави етикета дека е партиско. Не сакам да му бидам адвокат на Советот на млади, ни да се бранам како советник на ВМРО-ДПМНЕ, зашто претседателот на Советот на млади бил поранешен кандидат за советник и бил висок функционер на Унијата на млади сили. Дали тоа значи дека младите кои се политички активисти ќе ги дискриминираме и ќе им забраниме да членуваат во која било невладина организација и форум?“, рече Благој Шаклевски, исто така советник од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG