Пазарења за закон за ЈО поради заштита на криминалот?

Средба на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Неуспехот на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски да се договорат за законот за ЈО, според упатените, е поради партиското пазарење и недостигот од вистинска заложба за донесување законот, туку целта е исполнување на интересите на власта и на опозицијата.

За Законот за Јавно обвинителство со кој се одлучува иднината на СЈО не може и не треба да преговараат партиските лидери, бидејќи нивната основна цел е да ги истераат своите интереси и да се пазарат, коментираат упатените. Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски по нивната средба во Собранието за неуспехот на преговорите меѓусебно се обвинија за криминалот и корупцијата во редовите на власта и опозицијата.

За Заев невозможно е барањето на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола, односно со нив да раководи обвинител избран по предлог на опозицијата за конечно тие и да запрат. За Мицкоски пак главната борба била Заев да се заштити себе си, фамилијата и луѓето од власта и да ја задржи контролата на обвинителството, при што случаите како „Рекет“ и другите во кои бил инволвиран актуелниот премиер да не бидат преземени од новото обвинителство.

Со тоа се поставува прашањето дали намерите за донесување на законот се искрени или целта е да се избегне правдата?

Видете и ова: Дали криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и „Рекет“ се клучните проблеми?


Самото тоа што партиските челници решаваат за една ваква работа значи дека постојат елементи коишто се надвор од законот, постојат прекршувања на законот кои некој се обидува да ги заташка или да ги извлече надвор од решавањето на правосудните органи, вели професорката Мирјана Најчевска.

„Според мене секогаш станува збор за заташкување на прекршување на законот направени од страна на високи функционери во власта или несоодветно делување на правосудните органи и заштита на оној естаблишмент во судовите и во јавното обвинителство кој што дозволил невладеење на правото“, посочува Најчевска.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ смета дека е неприфатливо политички лидери да преговараат за законски решенија, односно да го преточуваат нивниот интерес во системски закон кој се однесува на орган кој треба да гони сторители на кривични дела, без разлика кои се и од која политичка партија доаѓаат.

„Очигледно е дека кога две партии преговараат тие имаат партиски интереси. Легитимно е да ги преточуваат своите партиски интереси што повеќе во одлуки и законски решенија за да може да ја спроведат својата политика, а тоа е секогаш да бидат на власт, затоа се бори политичка партија. Тоа е легитимно. Но, не е легитимно ако имаме трета власт, ако имаме судската власта, ако настојуваме обвинителството да биде самостојно, независно и навистина гони сторители на кривични дела, вие како две политички партии не може да се испазарите и не можете да се договорите. Секогаш едниот ќе биде против едни решенија затоа што можеби гледа дека по него опасност ќе има, а другите пак други законски решенија кои можеби нив ќе ги тангираат и тогаш немате договор“, вели Давидовиќ.

И Најчевска и Давидовиќ се согласни дека за законот најпрвин требало да расправа експертската јавност, а потоа народните избраници кои се платени за тоа од граѓаните.

„Законите се прават во рамките на Собранието. Се прават со јавни расправи, со инволвирање на стручната, академската јавност, на судиите и сл. А не како дел на она што претставува партиско пазарење“, истакнува Најчевска.

„Така да нивното пазарење и на крај договорот апсолутно е небитен ако законскиот текст и законските решенија трпат поради партиските компромиси и преговарања“, додава Давидовиќ.

Двајцата лидери ја оставија отворена можноста за нови преговори.