Достапни линкови

Дали криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и „Рекет“ се клучните проблеми?


Скопје- средба на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски, 11.09.2019
Скопје- средба на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски, 11.09.2019

По седумчасовната средба за Законот за Јавно обвинителство, договор нема, власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат, но и оставаат простор за нови средби и можен компромис.

Амнестија, криминал, корупција - ова се единствените слични зборови кои ги употребија лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски на нивните денешни прес конференции по ноќната средба на која не успеаја да дојдат до решение за Законот за Јавно обвинителство. И двајцата тие зборови ги употребија како епитети за политичките опоненти.

Премиерот Заев на прес конференцијата во Владата за неуспехот во преговорите го обвини тимот на ВМРО-ДПМНЕ предводен од Мицкоски.

„Постојано, секојпат, колку и да постигнеме некаков напредок на други полиња, колку и да бидеме попустливи, на крајот секојпат, постојано неизбежно кај Мицкоски сѐ се сведува на едно барање: амнестија и уништување на случаите од претходниот режим. Се соочувавме со невозможно барање против ЕУ и НАТО, против граѓаните, тие бараат предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола за конечно и да запрат. Ништо друго не беше нивна цел “, рече Заев.

Мицкоски, неколку часа подоцна од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, го обвини Заев и неговиот тим.

„Вистина е дека вчера главната борба на Зоран Заев беше да се заштити Зоран Заев, фамилијата и луѓето од власта за одговорност од криминалиите со кои тој и неговите луѓе управуваат. До доцна во ноќта имавме слика на еден очајник, потопен во криминал, кој се препотуваше, се грчеше и црвенееше, а веднаш потоа беше блед како крпа само за да задржи било каква контрола врз обвинителството“, рече Мицкоски.

Кој што предложил?

Но и по долгите пресови на првиот човек на Владата и на првиот опозиционер, останаа нејасни некои прашања. Премиерот рече дека предложиле ново Обвинителство за гонење висока корупција кое ќе го води човек по предлог на опозицијата. Тоа, според објаснувањето на Заев, би требало да формира случаи кои што се однесуваат од сега за понатаму, но може да се однесуваат и за предмети од 2013 година, од 2017 година, во зависност, како што рече, дали според кривичниот законик некој предмет е застарен или не.

„За нив беше важно единствено тоа обвинителство да ги преземе сите предмети од СЈО каде што шеф ќе биде на предлог на опозицијата. Тоа е апсолутно недозволиво затоа што не постои начин дека некој може да гарантира дека тој шеф во еден момент нема да одлучи да ги поништи сите предмети, да ги повлече, да ги одлага. Тоа е апсолутно недозволиво“, рече Заев.

За Мицкоски, пак, неприфатливо е што предметот „Рекет“ и некои други од претходно во кои беше инволвиран актуелниот премиер Заев како Поткуп и Глобал немало да биде преземени од тоа обвинителство, а не дали тоа ќе ги води предметите на СЈО оти тврди дека тоа бил предлог на власта.

„Заев предложи формирање обвинителство за висока корупција на исто ниво како обвинителството за организиран криминал и корупција, обвинителот да го предложи најголемата опозициска партија, и овие десетмина помошници на помошниците на Јанева заедно со случаите од СЈО да бидат инкорпорирани во рамките на новото обвинителство, без притоа да се почитува Законот за обвинители коишто треба практично Советот за обвинители да предложи кои обвинители треба да работат таму“, рече Мицкоски.

И покрај обвинувањата, двајцата даваат шанса на преговорите

На четири дена пред завршувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство и без донесен Закон за јавно обвинителство со кој ќе се реши иднината и на вработените и на предметите, Заев и покрај разочараноста од долгата ноќна средба, сепак не е толку песимист.

„Добро е да има договор, така и синоќа се разделивме. Добро е да имаме договор, ако имате идеја, повелете јавете се, ако имаме ќе се јавиме, да седнеме и да изнајдеме решение. Не бевме далеку, но пуста е желбата да се има контрола врз тие предмети, тоа е недозволиво“, рече Заев.

И Мицкоски остава можност за повторно барање решение.

„ Ги констатиравме позициите од двете страни, за жал, не успеавме да најдеме решение и доколку постои опција за натамошни средби оставеме простор во иднина да продолжат преговорите“, рече Мицкоски.

И актуелниот случај „Рекет“ кој го засега досегашното Специјалното обвинителство стана тема и во преговорите за законот за ЈО откако Заев прво на прес конференција рече дека лично тој мисли дека „Рекет“ води кај Мицкоски.

На ова лидерот на опозицијата возврати со папка во која тврди дека ги има исказите кои се дадени кај обвинителката која што го води предметот Рекет, наредбите за вештачење и резултатите од вештачењето. “ Тука моето име го нема, но има имиња на луѓе од власта“, рече Мицкоски, повикувајќи се дека документите му ги доставиле свиркачи, а ќе ги објавеле ако виделе дека се заташкува истрагата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG