По еден месец откако поради светската пандемија учениците не се во училници, а учењето се одвива од дома преку средствата за електронска комуникација, има различни реакции. Некои родители сметаат дека начинот е добар, а други велат дека има наставници кои не се подготвени да ги користат алатките што им се ставени на располагање.
Според упатството за оценување, наставниците можат да користат повеќе методи и техники за формативното оценување на учениците. Можат да им задаваат задачи со работа во група, да изработуваат проекти, постери и истражувачки задачи, да водат дискусии преку Скајп или Вибер, да им задаваат есејски прашања по имејл, како и да одржуваат мултимедијални презентации, тестови на знаења и контролни вежби.
Видете и ова: Адеми - Се контролира онлајн наставата
Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум вели дека за поздравување се напорите на наставниците и професорите кои обезбедуваат настава, зашто станува збор за неконвенционална ситуација во која сите се соочуваат и со технички проблеми.
Според неа, проблем е и тоа што министерството за образование и наука (МОН) повеќе се фокусира како да се спроведе наставата во основното, но оти изостанува пристап за средно образование.
„Оставено е на самата институција, односно на средното училиште самото да ја спроведе наставата и на наставниците сами да изнајдат начин иако се дадени платформи. Треба да се земе предвид и техничката подготвеност на наставниците и нивната спремност и образование како да се користат овие алатки кои се дадени на располагање“, вели Столевска.
Од МОН велат дека постојната платформа ќе ја полнат и со материјали за средните училишта. Но, Столевска вели дека за основно образование има електронски платформи eduino.gov.mk, е -училница итн, но оти се гледа дека е изоставено спроведување настава кај средно образование на формален начин.
Министерот Арбр Адеми вели дека постојат повеќе платформи и оти самите училишта треба да се определат за една од нив, односно Мајкрософт тимс или Гугл класрум, Фугл драф, Едмундо или некоја друга платформа, или пак тие да развијат своја платформа.
На прашање дали министерството има механизам да ги контролира училиштата ако не го прават тоа, тој рече дека има надлежни органи кои тоа го прават.
"Министерството не, но имаме други оперативни органи, оперативни институции кои веќе преземаат конкретни чекори, како што е Државен Просветен инспекторат, доставува прашалници до училиштата, до наставниците поврзани со организирање на онлајн наставата и ова е задолжително, сега наставниците се организираат и информациите што ги добиваме се доста охрабрувачки", изјави неодамна Адеми во интервју за Радио Слободна Европа.
Но, упатените велат дека со оглед на тешкотиите со кои се соочува образовниот систем не може да се формираат вистински оценки врз основа на делумно пренесување настава кај учениците.
Видете и ова: Онлајн наставата ги исцрпува и учениците, и наставниците, и родителите
Наставниците треба да ги внесат во електронскиот дневник оценките што ќе ги добијат учениците за време на вонредната состојба.
Наставникот треба да изработи планови за адаптација на наставата и да може тие планови електронски да им ги пренесе на учениците односно има препораки за презентации, вибер и скај дискусии и групни проекти кои децата може да ги изработуваат и врз основа на тоа наставникот да ја формулира оценката од тромесечие.
„Проблемот е што наставата за некои предмети е непостоечка, а за некои предмети е неквалитетно спроведена и не може да се формираат вистински оценки врз основа на делумно пренесување настава кај учениците, а проблем е што некои наставници не може технички да најдат начин како да ја формулираат таа оценка“, вели Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум.
Таа дополнува дека загрижува и тоа што и не се знае како и дали ќе се спрведува матурскиот испит, зашто постапката се уште не е донесена.
Министерот Адеми рече дека роковите за полагање на државната матура може да се поместат во јули наместо во јуни.