Отворен македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ - во Благоевград тензии

Македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.

Откако во Македонија беа отворени два бугарски клуба, денеска во Благоевград се отвори македонскиот клуб „Никола Вапцаров“. Отворањето на клубот, според основачите, е со цел да ги зближи двата народа и да ги надмине разликите.

Во присуство на засилено полициско обезбедување денеска во Благоевград се отвори македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ кое беше проследено со вербален инцидент, а на македонската делегација не и беше дозволено да положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев на градскиот плоштад.

На отворањето на клубот присуствуваа претставници од ОМО Илинден-Пирин, генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев и делегација од партијата Демократски сојуз.

Клубот е основан со финансиска помош на Македонците Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонско меѓународно здружение за човекови права во Канада, на чие чело е Бил Николов, канадски државјанин со македонско потекло.

Еден од организаторите, Милан Ризаков од ОМО „Илинден“ Пирин, посочи дека клубот кој го носи името на поетот Вапцаров се отвара во духот на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, цитирајќи ја неговата мисла „јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, посочувајќи дека меѓу дваата народи треба да се градат мостови, не ѕидови.

„Ние едноствано сакаме да сме рамноправни како останатите граѓани, сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци, а за тоа да не бидеме навредени, да можеме да се собираме и да твориме без страв, да бидеме од корист за двете држави и за двата народи затоа што им ја познаваме душата и културата“, истакна тој.

Да си Македонец не е антибугарско дело, порача Ризаков.

Атанас Мазнев, еден од основачите, упати благодарност до сите кои ги поддржале отворањето на клобот и порача дека идеите за основањето на клубот се градење на мостови меѓу двата народи и ново културно пространство во кое ќе учествуваат двете држави.

Видете и ова: Бугарски филантроп и Македонци од Канада ги финансираат културните клубови во двете земји

Мицкоски изјави дека присуствува на отворањето „за да им дадеме поддршка на нашинците во Бугарија и да испратиме јасна порака дека ние сме Македонци кои што зборуваат македонски јазик и доаѓаат од Македонија“.

„Во 21 век веќе никој не треба да има дилема, ниту воопшто да разговара. Треба да се почитува правото на самоопределување. Нашето право на самоопределување како Македонци е неприкосновено и загарантирано со сите меѓународни акти. Затоа сме денеска тука да ги поддржиме нашите Македонци во Бугарија“, рече Мицкоски.

На прашањето зошто не се почитуваат правата на бугарските Макеоднци тој рече дека со македонскиот Устав правото на сите малцинства е загарантирано и македонскиот Устав е согласно сите меѓународни правила и норми.

„Прашањето е зошто правото на Македонците во Бугарија не е признаено“, рече Мицкоски.

Присутните на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград.

Одговарајќи на прашања од бугарските медиуми, Мицкоски праша зошто пред влезот на Бугарија во Европската унија немало Македонци со бугарски пасоши и дека, како што рече, некои од нив го направиле тоа поради определени економски причини. Според него, ВМРО-ДПМНЕ не е причината што подгрева тензии, туку причината која обединува.

Бошњаковски на отворањето на клубот во Благоевград рече дека дел од луѓето ги познава и дека тие биле на средба кај претседателот Пендаровски. На прашање од бугарски новинар дали Македонија има територијални претензии кон Бугарија, Бошњаковски одговори негативно.

„Ве молам, не. Немам намера да давам изјави“, рече Бошњаковски.

Наспроти македонскиот клуб, во организација на ВМРО – Бугарско национално движење отворена е изложба со бугарското знаме и слика од цар Борис Трети и дел од македонските револуционери меѓу кои Гоце Делчев и Јане Сандански проследена со гласна музика.

Владина седница го спречила Ковачевски да присуствува

Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата изјави дека не бил на отворањето на клубот поради тоа што знаел дека ќе има владина седница посветена на спраување со енергетската криза.

„Мило ми е што македонски граѓани, вклучително и господинот Мицкоски и господин Апасиев можат слободоа да одат и да се радуваат на отворање на културен клуб во Бугарија. Сметам дека тоа е една од придобивките на договорот што го направивме со соседна Бугарија и со почетокот на преговорите со ЕУ и е среќен сум што дури и опозиција го признава тоа. Единствено што барам е да покажуваме секогаш добрососедски односи и да не нема тензии и непотребни конфликти кога се прават посети помеѓу двете држави или посети со било која држава“, рече премиерот.

Ковачевски повтори дека Владата ќе поднесе официјално барање за отворање на Културен центар во Бугарија.

Вербален инцидент

Меѓу Мицкоски и бугарски граѓанин потоа се случи вербален инцидент кога гостите и домаќините се упатија кон споменикот на таткото на Гоце Делчев. Бугарскиот граѓанин го нарече Мицкоски предавник и побарал од него да зборува бугарски по што насобраните граѓани почнале да извикуваат „Македонија, Македонија“.

Спречено положување на цвеќе на споменикот на Делчев

Делегациите од Македонија кои потоа се упатија кон споменикот на Гоце Делчев каде сакаа да положат цвеќе, беа оневозможени да го сторат тоа, од безбедносни причини.

Полицијата не дозволи пристап бидејќи пред споменикот на градскиот плоштад беа собрани приврзаници на ВМРО-Бугарско национално движење предводени од Ангел Џамбаски кои извикуваа „предавници“.

Се скандираше и „Бугарите и Македонците се еден народ“, „Слобода или смрт за Бугарија“ а се извикуваат и имињата на Гоце Делчев, Тодор Александров, Даме Груев, Ванчо Михајлов и „Хероите не умираат“.

СДСМ-Мицкоски е лицемер

Од СДСМ реагираа дека „Мицкоски е докажан лицемер, додека јавно го осудува клубот Ванчо Михајлов во Охрид, неговата партија се повикува на континуитетот на делата на Михајлов“.

„ВМРО-ДПМНЕ во чест на Ванчо Михаилов изгради спомен куќа во Штип и постави восочна фигура во природна големина во музејот во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ денеска е партија којашто е иделошки поклоник на луѓето кои што биле извршители на Третиот Рајх“, соопштија од СДСМ.

Советот на Општина Благоевград неодамна излезе со декларација со која се изразува противење на отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во овој град.
Потенцирајќи дека „Никола Јонков Вапцаров е бугарски поет“, општинските советници на Благоевград оценуваат дека формирањето на центар со неговото име во нивниот град претставува „груба провокација од нелегитимни организации“.

Веднаш потоа уследи реакција од македонското МНР, кое ги осуди „непримерните квалификации во содржината на Декларацијата на Советот на Општина Благоевград, што се однесуваат на македонскиот народ“.

Во април годинава беше отворен бугарски Културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. На отворањето присуствуваа тогашниот бугарски премиер Кирил Петков и потпретседателката Илијана Јотова. Тоа предизвика остри критики од македонските власти.

Видете и ова: Aнтифашистички пароли за отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис“во Охрид

На почетокот на овој месец, пак, беше отворен уште еден бугарски клуб со името „Цар Борис Трети“ во Охрид. На отворањето присуствуваше бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов. На отворањето имаше протести, а неколку дена подоцна беше оштетена таблата со името на клубот. Клубовите ги финансира бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски преку неговата Фондација „Бугарско сеќавање“.

Во Софија скоро две децении постои државен македонски Културно-информативен центар. Во Скопје исто така уште од 2003 година има бугарски државен Културно-информативни центар, кој е сместен токму на улица Никола Вапцаров во центарот на градот, на само стотина метри од споменикот на Александар Македонски на Плоштадот Македонија.