Опуштен активизам, односно активизмот од фотелјата е феномен за кој се дискутира уште од основањето на социјалните медиуми. Тој активизам претставува начин на поддршка на социјална или политичка кауза преку социјални медиуми или преку интернет петиции, и обично се карактеризира со вклучување на многу малку напор и посветеност. Наместо волонтирање, донирање и протестирање, корисниците лајкаат, коментираат и ре-објавуваат. Пред социјалните мрежи, покажувањето солидарност за некоја кауза обично значеше да се потрошат ресурси на тоа, во форма на време или пари. Но, откако „change.org“ ја презеде сцената, погодноста стана попривлечна. Зошто да донираме еден долар кога можеме да лајкнеме објава и да охрабриме некој друг да го стори истото? Зошто да волонтираме кога можеме да го добиеме истото задоволство со ре-објавување на истата тема? Зошто да ја жртвуваме нашата безбедност и да излеземе на улица кога можеме да ги споделиме своите мислења од удобноста на нашите каучи?
Силните емоции што можат да се предизвикаат откако ќе видите фотографија на социјалните мрежи се привремени. Можеби сме лути, згрозени, па дури и мотивирани, но набргу пораката на некоја објава е заборавена и се враќаме на секојдневното гледање филмови и серии на Нетфликс. Ние веруваме дека со препознавање на проблемот сме „го направиле нашиот дел“ и дека сега е туѓа одговорност да постапи како нас и да се надоврземе на нашиот начин на активизам. Можеби ова не е многу продуктивно, но каква штета им се создава на луѓето кога ќе ги прашаат да ре-објават нешто на социјалните мрежи?
Видете и ова: Идеологијата им продава на младите теснограда слика за светотИстражувањата сугерираат дека поверојатно е да следиме одредена кауза откако нашиот првичен чин на поддршка е приватен, наместо јавен. Ова може да се припише на теоријата во психологијата наречена теорија на само-завршување. Кога ја поддржуваме каузата јавно и луѓето ја признаваат, се чувствуваме како да сме веќе ја завршиле задачата и затоа нашата желба за позитивна морална самоперцепција е задоволена. Ова ја намалува нашата мотивација да се вклучиме во последователни просоцијални однесувања. И така, под изговор дека се „ангажираме“, ние всушност правиме лоша услуга на самите себе и уште поважно на каузата за која тврдиме дека се грижиме.
Секоја социјална кауза има привлечен хаштаг кој откако ќе се создаде, се шири како пожар. Ова навистина помага во креирањето на свеста, но минливото внимание на корисниците значи дека кога ќе се појави нов, се заборава претходниот хаштаг. Исто така, само затоа што еден проблем е во тренд, не значи дека проблемот се решава проактивно, на пример, сите знаеме дека објавувањето слика со #сиромаштија нема навистина да промени ништо.
Челси Милер, од „Марш на слободата“ во Њујорк, вели дека „По одредено време треба да почнеме разговараме за одржливоста… на кој начин ќе се осигураме дека пораката нема да заврши кога ќе се исклучат светлата и камерите“. Како што нашата приказна на Инстаграм или Фејсбук е изгубена во бездната на интернетот по 24 часа, така и нашето внимание исчезнува кон каузата. Важно е всушност да ја искористиме популарноста на хаштаговите и да ги користиме како повик за акција наместо празни зборови. Во една паметна маркетинг кампања, УНИЦЕФ истакна како лајковите на социјалните медиуми не се претвораат во долари. Тие славно напишаа: „Лајкнете нѐ на Фејсбук и ние ќе вакцинираме нула деца против детска парализа“. Тие додадоа дека немаат ништо против лајковите, но забележаа дека вакцините чинат пари и затоа ги повикаа гледачите активно да направат разлика со купување вакцини на нивната веб-страница што директно ќе играат улога во спасувањето на животот на децата.
Опуштените активисти спочесто избираат да ја измерат успешноста на движењето со квантитативна метрика. „Помогнете ни да достигнеме X број на лајкови“, „Ова беше ретвитувано X пати» или „Овој хаштаг достигна X број на луѓе“, се само неколку примери на стратегии што ги користат опуштените активисти за да утврдат успех. Апсурдно е да се види како произволна бројка е целта отколку намерата да се донесат конкретни промени.
Друга причина за загриженост е поларизирачката содржина на некои објави. Наместо објективно да се адресира некој проблем, опуштените активисти користат омраза или расудување како алатка за да привлечат внимание. Да, ние мора да не се согласуваме и да дебатираме со луѓето од другата страна на некое прашање, но важно е да се стори тоа на граѓански начин. Не можеме да погледнеме еден пост и бесконечно да раскажуваме за истиот, исфрлајќи омраза кон секој што не се согласува со нашата позиција. Додека се популарни овие трендови, важно е да се потсетиме дека Твитер-војните се залудни и дека убедувањето некого во коментари е како да ја удирате главата од ѕид.
Сепак,опуштениот активизам не го брише фактот дека има активисти кои вистински создаваат влијание и го користат потенцијалот на социјалните медиуми да донесат промени. Овие креатори на содржини користат генијални начини што им овозможуваат на оние кои немаат капитал да придонесат кон важни каузи. На пример, некои создаваат монетизирани видеа на Јутуб на кои приходите од рекламите се пренасочуваат за да ги поддржат напорите за застапување, финансиските средства за кауција и да им помогнат на семејствата на жртвите.
Но, што можеме ние неактивистите да направиме за да се вклучиме? Па, наместо да станеме жртви на перформативен активизам (да помагаме за поголем социјален капитал наместо од вистински намери), мора да го направиме првиот чекор напред прашувајќи се каква улога можеме да играме за да донесеме промени. Ако не можеме да напишеме чек, можеме да волонтираме еден час за да им помогнеме на невладините организации да соберат потписи за петиција. Наместо да објавуваме за тоа како сакаме да го решиме глобалниот глад, можеме да готвиме оброк и да го споделиме со некој на улица. Наместо да напаѓате на социјалните мрежи што сè треба да се коригира, можеме да излеземе со мали решенија што може да се реализираат и да ги спроведуваме во нашето секојдневие. Како што рече Тревор Ноа, „ако верувате во праведна цел, не можете да седите дома и да напаѓате на Твитер. Тоа не ве прави активист, ве прави поранешен претседател на САД“.
Активизмот на социјалните медиуми е ефективен само кога тоа се прави на значаен начин. Постапките, колку и да се мали, ќе го променат светот; но хаштагови со алитерации нема. И затоа, мора да ја преиспитаме улогата на социјалните медиуми во промовирање на каузите за кои се грижиме. Револуциите може да започнат на социјалните мрежи, но нема да успеат доколку не волонтираме, не протестираме и не гласаме, бидејќи е крајно време да сфатиме дека правдата не е само уште тренд.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.