Оптимисти, но без одговор на клучните прашања

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Кирил Петков

Првата средба на македонскиот и бугарскиот премиер заврши со договор за употреба на скратеното име Северна Македонија и за средби на работните групи секоја недела. Петков избегна да именува македонскиот јазик, иако рече ги почитува сите јазици во земјава.

Бугарија ќе го користи и краткото име Северна Македонија, а не само Република Северна Македонија и ќе се формираат работни групи кои ќе се среќаваат секоја недела е резултатот од првата средба меѓу македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Кирил Петков откако и двајцата ги преземаа функциите. Но, тие не одговорија на клучните прашања кои се на маса како македонскиот идентитет, барањата Бугарите да бидат внесени во македониот Устав и улогата на Бугарија во Втората Светска Војна, иако порачаа дека се оптимисти и дека ќе имаат резултати многу брзо.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бугарија ќе го користи краткото име Северна Македонија

Петков за јазикот се повика на Договорот за добрососедство

Петков го употреби краткото име, но, директно не одговори на прашањето кој јазик се зборува во земјава, туку дека дефиницијата за него е јасно прецизирана во Договорот за добрососедство и пријателство.

„Сакам да кажам многу јасно дека во нашиот договор за добрососедство имаме многу јасна дефиниција за јазикот и тезата за јазикот, како и во другите документи кои се веќе потпишани. Тука да кажам прво дека Бугарија ја поддржува и навистина ја почитува и сме многу горди дека бевме првата земја која ја призна независноста на Северна Македонија. Можам тоа мирно да го кажам и истовремено со тоа ние апсолутно го поддржуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија како и употребата на сите ваши јазици како што се опишани во Уставот. Имаме полно разбирање за тоа и ќе продолжиме да ги третираме сите прашања во тој конструктивен дух“, рече Петков.

Видете и ова: Македонија, Албанија и ЕУ – Заедно или одвоено


Ковачевски порача дека Бугарија веќе нема ја кочи употребата на краткото име и Северна Македонија испратила вербална нота до ОН во која се потврдува дека нема било каква импликација врз територијата на источниот сосед.

„Отстранувањето на прашањето за краткото име Македонија од масата на разговори преку ваков усогласен и пријателски однос со двете страни за мене претставува прв голем чекор во ова наше ново поглавје. Ваквите чекори влеваат оптимизам за иднината. Ваквите чекори водат кон посилно поврзување и кон поголема соработка помеѓу двете држави и помеѓу двата народи“, изјави премиерот Ковачевски.

Што ќе работат работните групи?

Работните групи, како што најави Ковачевски, ќе бидат од областа на инфраструктурата, образованието, економијата, трговијата и културата, каде ќе учествуваат и претставници на секторите, а ќе предлагаат заеднички проекти. Во однос на историската Комисија, како што информира Ковачевски, таа веќе има свој план за работа и треба тие да информираат за што се се договориле врз основа на методологијата и фактите на кои работат.

„Јас лично се надевам дека прво, членовите на историската Комисија ќе информираат заеднички за тоа што е договорено и дека тоа што заеднички е договорено ќе биде мост кон иднината, а не враќање кон минатото, вели Ковачевски.

Петков изрази надеж дека историската комисија, заедно со другите комисии ќе бидат корисни и ќе ги разјаснат сите прашања и ќе делуваат во различна средина преку дијалог и конструктивност. Според него, постигнатото на првата средба покажува дека донеле одлука добрососедство да има поинаква дефиниција од досега. Споед него, за разлика од досега, средбите на сите комисии, вклучително и на историската ќе обрнат внимание на работите кои ги зближуваат двете земји

„Прашањата кои не се разјаснети ќе им дадеме и подолг рок тоа да се случи. Но, важно е да се работи, да се среќаваме, да бидеме во комуникација“, додаде тој.

Во рамките на денешната посета на Петков на Македонија, двајцата премиери заеднички положија цвеќе на спомениците на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум Охридски во Скопје


Воедно Петков и Ковачевски најавија заедничка седница на двете Влади на 25 јануари. Ковачевски додаде дека следно што треба да се направи е да се финализира договорот за прекугранична соработка за периодот 2022 – 2029 година и оти најзначаен проект од оваа област е отворањето на граничниот премин Клепало со што ќе се олеснат движењата, транспортот и трговијата. Петков најави дека за два месеци се очекува реалност да биде и авиолинијата Скопје-Софија со што ќе се покаже дека добрососедството се мери практично, не само на ниво на политички изјави, туку на ниво на реални резултати.

Видете и ова: Постои ли простор за компромис со Бугарија?


Петков допатува заедно со Кристиан Вигенин, заменик-претседател на Народното Собрание, со Теодора Генчовска, министер за надворешни работи и со Николај Сабев, министер за транспорт и врски. Петков ќе има одделни средби со претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери.

Двете земји го потпишаа договорот за добросеоседство во 2017 година, а Бугарија ја усвои декларацијата во својот парламент за напредокот на Скопје и Тирана, две години подоцна, во 2019 година. Во неа се поставија голем дел од условите на чие исполнување сега инсистира Софија.

Источниот сосед почна да ја блокира македонската европска интеграција една година подоцна во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот Румен Радев почна да инсистира и на правата на македонските Бугари, а новиот премиер Петков најави формирање и на пет други работни групи поврзани со теми како економијата, културата итн, но истовремено вели дека нема да се откажат од историјата.