Достапни линкови

Македонско - бугарско одење по жица


Новиот бугарски премиер Кирил Петков ја повтори децении старата бугарска позиција дека Македонци во Бугарија нема
Новиот бугарски премиер Кирил Петков ја повтори децении старата бугарска позиција дека Македонци во Бугарија нема

Одење по жица, вака ги опишува очекувањата од средбата премиерите Ковачевски и Петков, Малинка Ристевска Јорданова, нагласувајќи дека и Скопје и Софија имаат црвени линии кои се многу различни. Пред утрешната средба јавноста е разбранува и поради ставовите за малцинските прашања.

Со почетно подигнати тензии во јавноста ќе се одвива првата средба на новите премиери на Македонија и на Бугарија Димитар Ковачевски и Кирил Петков. Најновите негодувања ги предизвика изјавата на бугарскиот премиер кој непосредно пред тргнувањето за Скопје изрично кажа дека нема македонско малцинство во Бугарија и за такво малцинство не може да се зборува.

Паралелно со ова Петков нагласи дека ќе допатува со стариот бугарски став дека „бугарското малцинство во Република Северна Македонија треба да влезе во Уставот“.

Првата реакција од Скопје стигна од новиот вицепремиер за евроинтеграции Бојан Маричиќ. И досега, нагласи тој, имавме пракса на немешање во внатрешните прашања на која било наша соседна држава.

„Тоа ни е обврска од Уставот, така што не е на Северна Македонија каде и какво малцинство има во регионот, тоа е внатрешно прашање на сите држави во регионот, вклучувајќи ја и Бугарија, а секоја група на луѓе, етничка заедница или пак политичка партија или здружение имаат право да ги бараат своите права преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права или Европската конвенција за заштита на човековите права“, рече Маричиќ.

Советот на Европа, кој што го споменува новиот вицепремир, досега има донесено 14 пресуди поради одбивањето на Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците што живеат таму. Но, ниту една од нив не е применета, а источниот сосед продолжува со одбивањето да го стори тоа, тврдеше лани за Радио Слободна Европа копретседателот на ОМО Илинден Пирин Стојко Стојков. Тој вели дека пресудите ги добиваат од 2001 досега, но официјална Софија ги игнорира.

Каков став и треба на Македонија?

Новата изјава од Петков веднаш предизвика жестока реакција од нивната организација. „Срамен почеток на мандатот на премиерот, на кого се полага толку многу надеж“, оценија од ОМО Илинден Пирин од каде што повлекоа паралела со политиките на комунистичкиот бугарски лидер Тодор Живков кој се смета за основополжник на ваквата политика на Софија кон македонското прашање.

„Но, не само Петков, туку милиони ќе ја повторат лагата дека во Бугарија нема македонско малцинство, тоа нема да ја претвори во вистина, ниту пак да ги снема Македонците. Зборовите на оние кои ја негираат вистината немаат моќ да го сменат фактот дека во Бугарија има и ќе има македонско малцинство“, наведуваат од ОМО Илиден Пирин.

Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за Европска политика ЕПИ вели дека одбивањето на Бугарија да потстапи по одлуките на Советот на Европа за Македонците што живеат таму и истовременото инсистирање за влегување на Бугарите во македонскиот Устав е еклантантен пример за „злоупотребата на Бугарија како држава членка на ЕУ да и наметнува услови на Македонија кои се надвор од сите меѓународни рамки и копенхашки критериуми“.

„И тука ние би морале да заземе малку поцврст став и би морале да инсистираме на почитување на меѓунардното право и на сите стандарди на Европската унија во оваа сфера“, вели Ристевска Јорданова.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во неколку одделни изјави ги споменуваше македонскиот идентитет и јазик но јавно не ги спомена Македонците во Бугарија. Пред да биде избран за премиер, а откако беше потврден како мандатар тој кажа дека „во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет“.

При изборот на владата во Собранието Ковачевски рече дека „за Владата не постои никаква дилема дека никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик.“ Тој нагласи и дека со Петков сакаат да воспостават нова соработка, базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет и посебност.

Одење по жица, вака ги опишува своите очекувања од средбата Ковачевски-Петков, Ристевска Јорданова, нагласувајќи дека и двете држави имаат црвени линии кои се многу различни, а дека истовремено ќе сакаат да направат напредок. На прашањето дали негирањето дека македонско малцинство таму нема е на линија и на бугарската теза дека Македонците се вештачки создаден народ од поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито и затоа ги има само на територијата на денешна Македонија, Ристевска-Јорданова нагласува дека Бугарија никогаш не се повлекла од таа теза.

„Таа е и во нивната рамковна позиција, во меморандумот, во изјавата од декември..значи досега тие не се повлекле од таа теза и таа е многу опасна и безбедносно и за стабилноста на регионот и за нас. Затоа ние треба да бидеме многу поцврсти во однос на овие прашања“ , вели Ристевска Јорданова.

РСЕ видео за зголеменото разочарување по блокадата на Софија за почеток на преговорите на Скопје

Зголемен евроскептицизам по бугарското вето за Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:25 0:00

Шест месеци не биле рок за решение

Доскорашниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров во интервју за Радио Слободна Европа лани тврдеше дека во Договорот за доброседството меѓу Скопје и Софија потпишан во 2017 година одредбата за немешање во внатрешните работи е реципрочна.Конкретно тој се повикуваше на членот 14 во кој се се наведува дека тој договор „на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се Договорните страни“.

„Членот 14 е на некој начин другата страна на заложбата за немешање во внатрешните работи бидејќи и ние и Бугарија имаме извесни права и обврски кои сме ги преземале по други меѓународни конвенции и тоа не значи немешање во внатрешните работи. На пример, Европската конвенција за човекови права и нашата улога како држава членка на Советот на Европа“, вели Димитров.

Двете земји го потпишаа договорот во 2017 година, а Бугарија ја усвои декларацијата во својот парламент за напредокот на Скопје и Тирана, две години подоцна, во 2019 година. Во неа се поставија голем дел од условите на чие исполнување сега инсистира Софија. Источниот сосед почна да ја блокира македонската европска интеграција една година подоцна во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот Румен Радев почна да инсистира и на правата на македонските Бугари, а новиот премиер Петков најави формирање и на пет други работни групи поврзани со теми како економијата, културата итн, но истовремено вели дека нема да се откажат од историјата.

Првично во интервју за Фајнешл Тајмс рече дека ќе предложат нов процес за Северна Македонија, многу брз и со ограничен период од шест месеци, но пред доаѓањето во земјава нагласи дека рокот кој го поставил бил рамка во која работните групи требало да си ја вршат својата работа и да имаат средби секој месец. Петков сега нагласи дека никогаш не дал точен рок за едно или друго решение.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG