Достапни линкови

Халили – Бугарија во преговорите ќе се фокусира на економија место на историја


Халили – Не може поединец да ги продаде националните интереси со Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:37 0:00

Халили – Не може поединец да ги продаде националните интереси со Бугарија

Бугарија воведува нова стратегија во преговорите со Македонија, а тоа значи дека историските и идентитетски прашања ќе останат во втор план, а главниот фокус ќе биде ставен на соработката во економијата, образованието и информациите, вели претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили.

Господине Халили, неодамнешната прес-конференција на доскорешниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров покажа дека во владата, па и во владејачката СДСМ, има сериозно разногласие во однос на начинот за решавање на спорот со Бугарија. Како вие гледате на тоа?

Можеби имало, сега нема бидејќи Димитров веќе не е член на новата владина гарнитура. Нормално во секоја политичка партија мора да има различни мислења за да се дојде до еден конечен договор, но не значи дека работата е пропадната ако поедини членови на партија или на влада имаат други гледишта, но на крај се согласат со заеднички усвоеното. Во конкретниот случај, тоа не некои обиди да се изнуди нова позиција во идната влада што беше изгубена поради фактот што мандатарот не го предложи повторно Димитров за еден од клучните министри.

Колку таквиот настап на Димитров му штети на процесот со Бугарија во пресрет на посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Македонија. Или пак можеби, со тоа тој ѝ остави отворен простор за преговори на новата влада, со оглед на тоа што си замина?

Јас лично сметам дека Димитров не бил никаков проблем во владата, оти ако бил проблем тој ќе излегуваше одвреме-навреме со лични ставови дека во овој процес има нешто што не го прифаќа, и не само што не го прифаќа, туку и е штетно за државните интереси. Тој тоа не го направил до сега.

Имаше некои дипломатски изјави дека не се согласува.

Да, имаше некои изјави дека тоа треба да се усвои во Парламентот, но тие изјави беа во спротивност со неговата пракса на преговори за време на Преспанскиот договор. И тогаш опозицијата велеше дека Собранието треба да биде информирано за што и кој преговара и истата работа се продолжи и сега со бугарските преговори, така што јас воопшто не гледам ниедна негова аргументација дека тој навистина се бори за интересите на државата. Ние веќе имаме усвоено Декларација во Собранието со консензус на сите политички партии и политичките сили се должни таа политичка платформа да ја спроведуваат во преговорите и тука нема што да се плашиме дека може поединец да ги продаде националните интереси или да игра преку грбот на граѓаните по однос на идентитетските прашања.

Господине Халили, што очекувате од посетата на бугарскиот премиер Петков на Македонија?

Сум ја студирал оваа проблематика и сметам дека одиме по еден друг пат сега, бидејќи првиот пат изгледа дека не даваше резултати. И Бугарите веќе фатија една друга насока на патот, а тоа е дека во втор и трет ред ги оставаат историските прашања, а прашањата за соработка во економијата, образованието, информациите и социјалата доаѓаат во прв план. Тоа во суштина е една копија на договорот меѓу Франција и Германија, склучен во 1963 година, каде што со цел да се ублажат тие вековни разлики меѓу Германија и Франција, државите се договориле во иднина акцентот на соработката да го стават во овие сегменти. Според оваа концепција сега е направена концепцијата за соработка меѓу Македонија и Бугарија. Таа концепција меѓу тие две основачки на ЕУ ги дала резултатите, тоа е една соработка на подолг рок, а не ад хок решение за барање на етничкиот бекграунд на овој или оној. Тоа се разбира за малку ја одложува нашата надеж дека за брзо време ќе се отворат преговорите со унијата и дека брзо ќе се одржи меѓувладината Конференција ЕУ – Македонија, но тоа што е најважно и тоа што ни го сугерираат странските амбасадори тука е дека ние не треба премногу да се фокусираме на несогласувањата со Бугарија, заборавајќи ги домашните проблеми како што се борбата против корупцијата, организираниот криминал, нереформираното судство итн.

Имам впечаток дека не го делите оптимизмот за брз почеток на преговорите со ЕУ.

Не дека јас не ги делам, туку на нас јасно ни е речено и ако сакаме да ги разбираме работите треба да ги читаме како што се кажани. Еве на пример, претседателот на Франција Емануел Макрон изјави дека некаде после јуни, за време на чешкото претседателство, ќе може да се дојде до некаков приближен компромис и до тогаш апсолутно не треба да се надеваме на нешто што ние сакаме да се реализира сега веднаш, имајќи ги предвид работите што треба да се реализираат не само во нашата држава, туку и во Европа, вклучувајќи ги и изборите во Франција. Без завршување на целиот циклус на изборите во Франција, бидејќи Франција е претседавач, ние не можеме да дојдеме до одржување на првата Конференција. Мое лично мислење е дека ние овојпат ние ќе дојдеме до одржување на Меѓувладина конференција, но тоа ќе биде само еден стимул да се посветиме на шесте кластери. На овој начин, бидејќи Албанија не може да се одвои од овој пакет, исто како што Македонија не можеше да се одвои во 2019 и да оди сама, тогаш секоја земја ќе оди по сопствен пат. Првата одлука ќе биде да се ослободат двете земји да одат по сопствен пат. Тоа е еден извесен компромис кој ќе им овозможи и на Македонија и на Албанија да одат според сопствените заслуги. Сè додека не се дојде до тоа, тоа е тешко, но понатамошниот тек мислам дека ќе биде уште потежок и уште потрнлив, затоа што треба да дадеме резултати на секое поле, а ветото, не само на Бугарија, туку и на секоја друга држава членка, останува како потенцијал.

Како гледате на можноста за раздвојувањето на Македонија и Албанија на европскиот пат.

Сега би било добро двете држави да ги почнат преговорите заедно, а тоа може да се случи и во јуни, а потоа секоја држава ќе од по својот пат, колку заслужува толку ќе добива, независно од достигнувањата во другата држава.

Целото интервју со претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG