Достапни линкови

Собрание - Ковачевски новата влада има план, опозицијата не дава поддршка


Претседателот на СДСМ и мандатар на новата македонска Влада ја претставува програмата пред пратениците во Собранието. 15.01.2022.
Претседателот на СДСМ и мандатар на новата македонска Влада ја претставува програмата пред пратениците во Собранието. 15.01.2022.

На денешната собраниска седница започна расправата за избор на новата Влада. Мандатарот Димитар Ковачевски рече дека таа ќе биде фокусирана на актуелните предизвици, особено на економската и енергетската криза. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека оваа Влада нема целосен легитимитет и побараа брзи избори.

Единствена точка на дневен ред на седницата беше избор на новата Влада која ќе ја предводи претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски. Пратениците го усвоија предложениот дневен ред, а по отворањето на претресот мандатарот во експозето рече дека новата Влада има план за решавање на актуелните проблеми во економијата и за соочување со енергетската криза и пандемијата.

Ковачевски рече дека Владата има целосен правен и политички легитимитет да даде решенија на новите и старите предизвици во државата, додавајќи дека таа исто така ќе биде фокусирана и на борбата против корупцијата, одржувањето на медиумските слободи и дека ќе ги продолжи и интензивира преговорите за решавање на спорот со Бугарија.

„Идентитетските прашања се темели на народот и на државата. За Владата не постои никаква дилема - никој не смее и нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик. Разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, бидејќи ние сме пријателска земја која развива добрососедство и бидејќи имаме исклучителен стратешки интерес да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ“, рече Ковачевски.

Пратениците ќе го разгледуваат и ќе дебатираат за составот на новата Влада, кој потоа треба да биде изгласан најдоцна до недела на полноќ. За избор на Владата е потребно просто мнозинство од 61 глас, а доколку биде изгласана Владата на Ковачевски, ќе биде единаесеттата од прогласувањето на независноста на државата во 1991 година.

ВМРО ДПМНЕ нема да ја поддржи владата на Ковачевски

По експозето на Ковачевски пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да ја поддржат новата Влада, бидејќи според нив таа е континуитет на старата.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски рече дека се потребни брзи предвремени избори, бидејќи, како што наведе, народот требал да каже дали се согласува со овие предложени политики.

Николовски рече дека претходната Влада економски ја опустошило Македонија и дека „корупцијата цвета“ во сите сектори на државата, а дека поради тоа граѓаните ги поразиле политиките на СДСМ на гласањето на локалните избори во октомври 2021. Тој исто така додаде дека се прави национално предавство во преговорите со Бугарија.

Димитар Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ откако претходниот претседател на партијата Зоран Заев поднесе оставка по изборниот пораз на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година. Заев тогаш истовремено даде оставка и од премиерската функција.

Ковачевски денеска од собраниската говорница додаде дека земјата ќе ги одржува добрососедските односи со сите соседи, а дека Владата ќе поттикне економски раст преку домашни и странски инвестиции и дека ќе спроведе стратегија за справување со енергетската криза, како и дека меѓу приоритетите ќе бидат инфраструктурни проекти како Коридор 8. Ковачевски рече дека граѓаните се изморени за да гласаат на нови брзи предвремени избори.

Новата Влада предводена од Ковачевски ќе биде составена од вкупно 19 министри. Од СДСМ ги предложи: Славица Грковска за вицепремиерка за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, за министерка за одбрана Славјанка Петровска, министер за правда Никола Тупанчевски, министер за земјоделство Љупчо Николовски, министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска, министерка за култура Бисера Костадинова Стојчевска и вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ.

На истите позиции како и во претходната Влада остануваат вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Нема да има промени ниту во кадрите на ДУИ. Артан Груби е предложен да остане прв заменик премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бујар Османи министер за надворешни работи, Крешник Бектеши министер за економија, Фатмир Бесими министер за финансии, Насер Нуредени министер за животна средина и просторно планирање. Досегашниот министер за администрација и информатичко општество Јетон Шакири е предложен да биде министер за образование.

Министерството за информатичко општество и администрација сега ќе го води Адмирим Алити од Алтернатива, од каде исто така министер за здравство ќе биде Беким Сали, а Џемал Чупи министер без ресор задолжен за дијаспора. Министер за локална самоуправа останува Горан Милевски од ЛДП.

Ковачевски го доби мандатот за составување на новата Влада од претседателот Стево Пендаровски. Новата владина коалиција е составена од СДСМ со нивните предизборни коалициски партнери, ДУИ и ДПА, а потоа се приклучи Алтернатива со што вкупно 64 пратеници ја поддржуваат владата.

Зголемување на владејачкото мнозинство од 64 пратеници се случи со влезот на Алтернатива, откако претходно Беса ја напушти претходната влада.

Заев ја напушти премиерската функција откако четири ипол години беше на чело на Владата. Тој формираше Влада прво по изборите одржани во 2016 година, а потоа и по предвремените парламентарни избори летото 2020 година.

Ковачевски ќе биде деветти премиер од независноста на државата. Прв премиер по осамостојувањето беше Никола Кљусев кој ја предводеше техничката Влада од 1991 до 1992 година. Потоа од 1992 наваму премиери беа Бранко Црвенковски, Љубчо Герогиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски, Емил Димитриев и Зоран Заев.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG