Како се одрази пандемијата на Ковид-19 и ограничувањето на движењето на е-трговијата?
Дефинитивно целата оваа ситуација позитивно влијае кон развојот на е-трговијата, како во светски рамки така и во земјава. Ние како Асоцијација сме во постојан контакт со нашите членки и со е-трговците кои сведочат за големиот раст на онлајн купувањето во текот на последниве два месеци.
Од друга страна, петте банки кои како услуга ја нудат е-трговијата велат дека неколкукратно е зголемен бројот на примени барања за имплементирање на онлајн продажен канал во своето работење.
Целиот овој раст е придвижен пред сè од зголемената побарувачка на производи и услуги онлајн, која понатаму резултира и со зголемена понуда од страна на постоечки и нови компании кои своите производи и услуги ги нудат онлајн.
Анализирајќи ги бројките кои се официјално објавени од Народната банка (последни податоци со 31.12.2019 година) растот на обемот на е-трговијата во 2019 година споредбено со 2018 година изнесува 23,8 проценти во однос на бројот на трансакции и 26,6 отсто во однос на вредноста на трансакции. Сепак, овие бројки не ја отсликуваат моменталната ситуација бидејќи поради Ковид-19 имаме на некој начин неприроден раст, па оттука во очекување на официјални податоци од Народната банка нашите претпоставки се дека во месеците март, април и мај оваа година е-трговијата двојно ќе расте во однос на истиот период лани.
Од аспект на бројот на е-продавници, во текот на 2019 година отворени се вкупно 149 нови со што вкупниот број се зголемил на 1.020 активни е-продавници заклучно со 31.12.2019 година.
Каква улога одигра е-трговијата во заштита на населението од вирусот?
Искрено, не сме во можност преку одредени параметри да извршиме конкретно мерење на улогата која ја има е-трговијата во заштитата на населението, но во секој случај онлајн плаќањето овозможи да се заменат традиционалните начини на купување и плаќање со дигитални и во голема мера да се почитуваат мерките за социјална дистанца и избегнување на посета на места со голема френфенција на луѓе.
Тука пред сè мислам на населението до 40-45 години, но и дел од повозрасните кои се прилагодија на новата реалност во која живееме. Велиме дека граѓаните повеќе користат онлајн услуги, а од друга страна сведоци сме на редици народ пред маркетите, банките, пунктовите за наплата на сметки за режиски трошоци. Реалноста е дека тоа е така поради скратеното работно време со кое работат сите институции и поради ограничувањата на бројот на клиенти кои можат во ист момент да бидат присутни во еден објект.
Но, во секој случај навиките се менуваат и голем дел од луѓето кои досега не го правеа тоа започнаа да купуваат онлајн во маркети, ресторани, да плаќаат сметки онлајн.
ВИДЕО - Онлајн потрага по љубов
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Свесни сме дека оваа ситуација нема наеднаш да заврши и поради тоа и во иднина ќе треба да продолжиме да функционираме на сличен начин и се повеќе да користиме дигитални услуги. Поради тоа е-продавниците сега имаат можност да бидат фер и транспарентни и да градат добри односи со купувачите со цел во иднина тие да продолжат да купуваат онлајн и да ги препорачаат на својот круг на познанства.
Видете и ова: Oнлајн како алтернатива на традиционалниот бизнис
Дали во овој период имавте заинтересирани да станат ваши членки?
Малку би го изменил ова прашање доколку дозволите. Би тргнал од тоа дали кај компаниите и претприемачите има интерес да започнат со е-трговија како примарен или секундарен канал за продажба.
Согласно информациите од банките, само во месец март вкупно 117 компании поднеле барање за овозможување на онлајн плаќање. Би сакал да напоменам дека ова се примени барања, а не нови е-продавници. За барањето да прерасне во е-продавница потребно е да помине низ процес на тестирање и имплементација како на страната на трговецот така и на страната на банката.
Споредбено со целата 2019 година кога имало 149 нови е-продавници, само за еден месец во 2020 имаме 117 барања и таа бројка не радува и нас како Асоцијација, а испраќа и позитивен сигнал за е-трговијата воопшто. Оваа динамика на раст на интересот со сигурност растеше во април, а ќе расте и во мај. Доколку банките и компаниите добро соработуваат и ако сите барања кои се доставени успеат да се имплементираат како официјални е-продавници, а под претпоставка дека во текот на цела година интересот за е-продавници ќе биде константен бројот на веб продавници на крајот на 2020 година би можел солидно да порасне за над 50 отсто, односно на крајот на годината да имаме повеќе од 1.500 активни веб продавници.
Следствено на ова, можеме да кажеме дека и бројот на заинтересирани да пристапат кон Асоцијацијата е во пораст. Само во текот на 2020 година имаме 2 нови премиум членови и 9 нови регуларни членови и со тоа бројот на членови во Асоцијацијата надминува 70 компании.
На што работи Асоцијацијата за е-трговија во моментов?
Работиме на неколку активности во моментов. Од вчера достапна е веб платформата за дигитални услуги која можете да ја погледнете на digitalniuslugi.ecommerce.mk која е изработена со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој како дел од Јавниот повик „КРЕАТОН” кој е дел од иницијативата за справување со последиците од Ковид-19. Платформата е поделена на три главни сегменти и тоа: бесплатни дигитални алатки и услуги, листа со сите е-продавници кои функционираат на ниво на нашата земја и пристап до сите компании за режиски трошоци кои нудат онлајн плаќање на сметки. Целта на оваа платформа е да го олесниме пристапот до информации на едно место и да придонесеме кон тоа граѓаните што е можно повеќе да користат дигитални услуги и со тоа да влијаеме кон промена на навиките на населението.
Друга активност на која работиме е иницијативата „eCommerce4All”, поддржана од Проекот на USAID за развој на деловниот екосистем која има за цел да едуцира што повеќе мали и средни претпријатија и физички лица што треба да знаат и применуваат за да станат е-трговци, како да ги развијат дополнително своите дигитални вештини и како да отворат дополнителен продажен канал во рамки на локален маркетплејс или сопствена веб- продавница. Како дел од оваа иницијатива, Асоцијацијата за е-трговија веќе објави Јавен повик наменет за сите кои сакаат да отворат дополнителен продажен канал, преку кој на 40 компании ќе им се одобри користење на финансиска и нефинансиска помош за имплементирање на своја веб-продавница или да се приклучат кон една од маркетплејс платформите каде што ќе имаат можност онлајн да ги понудат своите производи и услуги.