67 проценти од наставата се одвива преку Мајкрософт Тимс, заклучија истражувачите од ЛЕАД и „Конрад Аденауер“ кои ги презентираа наодите од националното истражување за далечинската настава.
Користењето на дигиталните алатки во наставата е подобрено и зголемено во споредба со последното тримесечје од ланската учебна година. Ова е еден од заклучоците во анализата „Далечинско учење или далеку од учење?“ на здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАР) и Фондацијата „Конрад Аденауер“. Анализата се фокусираше на наставата во средните училишта, а вакво истражување спроведоа и на крајот од минатата учебна година.
Иван Јованов од ЛЕАД на онлајн-презентирање на резултатите соопшти дека наставата сега во 67 проценти се одржува преку Мајкрософт тимс, додека лани 61 отсто од наставата била испраќање задачи и презентации на електронска пошта или смс. Но, незадоволството кај учениците е зголемено, и највисок процент односно 37,3 отсто дале просечна (3) оценка. Тие изјавиле дека имале поголем притисок, зголемен број обрвски и забелешки дека наставата не била доволно интерктивна. Според резултатите од истражувањето доминантен метод за пренесување знаење е се уште испраќање задачи на Мајкрософт тимс и Националната платформа „Едуино“. Од анкетираните (55 проценти од средношколците и 87 проценти од наставниците) оцениле дека далечинското учење им одзема уште повеќе време за разлика од второто полугодие лани.
„Едуино“ пак, само 9 проценти од наставниците ја искористиле, истакнувајќи дека има технички проблеми и нефункционалност. Поточно, кога се обидувале да се најават повеќемина, платформата не можела да го поднесе сообраќајот, не им дозволувал да се најават, па се префрлале на Мајкрософт тимс. Над половина од анкетираните наставници (51 отсто) одговориле дека ги подобриле вештините во онлајн-наставата во прво полугодие во однос на второто лани, но тоа не е постигнато со обуки, туку низ самиот процес и со вежбање.
Понатаму, наставниците истакнале дека имале малку време да се подготват за скратени програми, односно доцна биле испратени.
„Иако имаше многу технички проблеми, наставниците ги надминаа, но најголемите потешкотии доаѓаа од програмата, затоа што не беше соодветно скратена и за предметите како физичко, ликовно, музичко не беше дадено акцент како да се прилагоди. Мојот предмет, информатика, беше скратен на задачи и повторување. Програмата треба да биде изработена како што треба. Упатствата пристигнуваа премногу доцна и беа непрофесионално направени“, изјави професорка Јасмина Арсовска, која учествуваше во дискусијата по презентацијата на резултатите од истражувањето.
Професорката по спорт и спортски активности, Јасмина Бедриоска потврди дека недостасува прилагодување на нејзиниот предмет. Според неа, нивото за спорт на учениците е многу ниско.
Видете и ова: Онлајн или училница - предности и недостатоци„Учениците ми се на возраст од 14-15 година и сметам дека треба да се вметнат овие навики токму сега. Заега, целиот процес е дискусија и да им давам тема за да подготват презентација. Апсурдно е да им пуштам видеа, клипови... Зависи од секој индивидуално дали ќе ги изгледа или не, на тоа не сакам ни да мислам. Младите ни се загрижувачки, со деформитетети, со прекумерна телесна тежина и со комуникација се обидувам да стекнат здрави навики“, објасни Бедриоска, која истакна дека најчесто прашањата се за диетите.
Претставниците на невладините организации советуваа професорите да подготват забелешки и препораки од нивното искуство и да ги испратат до Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование за да можат, доколку е потребна далечинска настава од септември, да направат посоодветни подготовки и упатства за следната учебна година.
Според резултатите, 20 проценти изјавиле дека се има случено да се вклучат ученици кои не се дел од наставата, а пак 5 проценти од учениците или биле жртви или сведоци на злоупотреба на приватност и лични податоци. Еден од примерите е сликање на екранот, а потоа препраќање и објавување на тие фотографии од ученици.
Меѓу препораките на истражувачите беше и изменување на Законот за средно образование за да се воведе загарантирано ученичко учество. Таа препорака се должи на наодот од истражувањето според кое 12 отсто од учениците изјавиле дека не биле избрани претседатели на класовите. Додека 24 проценти изјавиле дека изборот бил недемократски, односно наставникот бил на некој начин инволвиран. Исто така, 50 проценти од учениците изјавиле дека не се запознаени со улогата на ученичко претставнишство.
На почетокот се обрати и Даниел Браун, официјалниот претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија, кој истакна дека предизвиците ги има во сите земјите и дека не постои земји која беше потполно подготвена.
„Пандемијата не воведе во процесот на иновации, не е се така лошо. Оваа пандемија особено во одредени области отвори нови перспективи и се надевам наскоро ќе ја надминенеме пандемијата и ќе се нормализира опшштеството и образованието“, рече Браун, кој дополни дека мора да се работи на дигитализацијата.
Во рамки на истражувањето биле испратени анкетни прашалници до 763 ученици и 390 наставници, а биле спроведени и длабински интервјуа со 20 наставници.