Достапни линкови

Онлајн или училница - предности и недостатоци


Ученик на компјутер
Ученик на компјутер

Колку и да изгледа онлајн наставата како настава на иднината ништо не може да го замени предавањето во живо, велат некои родители. Други пак сметаат дека во време на пандемија подобро е кога училницата е мобилна.

"Поинтересно ми е да бидам на онлјан, ама подобро ми е да се гледам со другарите во школо зашто може да си играме во школскиот двор", вели за Радио Слободна Европа второоделенецот Давид, опишувајќи го искуството на најмалите основци од учењето на далечина.

Поради опасноста од корона вирусот на родителите на основците од прво до трето одделение во октомври им беше дадена можност да изберат што е најдобро - дали нивното дете ќе посетува настава со физичко присуство или од даечина.

На интернет наставата трае секој ден од 12 до 15 часот и основците може ја следат по пат на платформата Тимс на Микрософт .

Давид ни раскажа дека е задоволен од тоа како се одвива наставата на далечина, дополнувајќи дека наставата со физичко присуство, каква што е сега во училиштата само на прв поглед изгледа дека овозможува повеќе дружења со децата, но оти не е така.

"Aко се во училиште сите се со маски, малку ми е подобро да седам на компјутер, зашто јас сакам нормално да седам во школо како што беше кога немаше корона вирус", ни раскажа Давид.

Ученик на компјутер
Ученик на компјутер

Наставниците од првите денови на октомври секојдневно подготвуваат предавања на интернет за основците кои посетуваат онлајн настава.

За онлајн настава важна е умешноста на наставникот

Во наставата на далечина многу важна е умешноста на наставниците да ги претстават лекциите јасно и да ги вклучат сите ученици во активностите на часот, вели Ивана Василевска Петровска, мајката на Давид. Таа вели дека часовите фукционира добро, објаснувајќи дека еден наставник држи онлајн настава на група на деца од различни паралелки.

"Тој успева да ги вклучи сите деца во активности на часот, но и тие сами за време на одморите, наоѓаат начини како да играат преку интернет заедно. Најмногу зависи од креативноста на наставникот да направи пријатно искуство за децата на часот и да успее сите да ги вклучи и да се чувствуваат поврзани како да се физички присутни” вели Ивана Василевска Петровска.

Нејзиниот син Давид има искуство од неколку месеци со класична настава од минатата година, се до март кога поради опасноста од корона вирусот наставата за сите ученици во државата се префрли на интернет платформа.

Зборувајќи за мотивите поради кои го избрале виртуелниот концепт на следење на настава, Ивана наведува неколку причини.

“ Сметавме дека наставата со физичко присуство, со тие мерки за заштита, како дезинфекција на раце, секојдневно мерење температура на влезот, држење дистанца меѓу другарчињата и со наставникот, го губи непосредниот квалитет. И ,од друга страна, мислам дека за време на престој во училиште со такви мерки децата не се слободни да комуницираат и да се дружат меѓу себе и затоа избравме да посетува онлајн настава”вели Ивана.

Ученик на компјутер
Ученик на компјутер

Оваа учебна година има влошување на епидемиолошката состојба во земјава, но засега во МОН не се размислува за затворање на училиштата.

Министерката Мила Царовска неодамна соопшти дека од почетокот на учебната година до денес за 18 проценти се зголемил бројот на ученици кои следат онлајн настава.

МОН, кон крајот на октомври објави дека од вкупниот број 259.235 ученици на ниво на држава процентот на заразени изнесува само 0,06%, а од вкупниот број 27.955 наставници и друг кадар овој процент изнесува 0,58%, што е далеку под еден процент.

Ученик на компјутер
Ученик на компјутер

Дома не може да се научи како во училиште

Горан Димишков, татко на ученик во трето оделение смета дека и покрај пандемијата местото на децата им е во училиште. Дома не можат да научат колку што ќе научат на училиште, вели Горан. Тој оценува дека со почитување на протоколите во училиштата овозможено е да се спречи ширење на вирусот меѓу децата и наставниците.

“ На децата повеќе им се сфатливи лекциите кои што ги поминале на часови отколку пред компјутер. И наставниците потоа по цел ден дополнително ги малтретираме на телефон. А, "се кова" и карактерот од мал со тоа што еден ученик треба да стане, да се среди, да оди на школо, вака ќе стане и ќе седне пред копјутер и толку е “, ни кажа Горан Димишков.

Но, колку и да сакаат дел од родитeлите да има настава со физичко присуство, тоа не успава до крај да се оствари поради состојбата со пандемијата и зголемувањето на бројот на заразени.

Таков е случајот со синот на Горан кој по два месеци поминати во училница, од изминатата недела привремено следи настава на далечина зашто во одделението се појавил ученик кој е суспектен на ковид.

Класичниот физички модел на настава сите го опишуваат како најдобар, поради фактот дека ништо не може да го замени разговорот и дружењата во живо, но некои родители си поставуваат и прашања какви ќе бидат искуствата на оние кои првапат влегуваат во училиште - првачињата- поради промените кои ги донесе пандемијата во училниците. Бранкица Дуковски, мајка на прваче кое посетува настава со физичко присуство во училиште, за РСЕ вели дека децата немаат голема можност да комуницираат меѓу себе.

"Најмногу се одлучивме за физичко присуство за да добие слика што значи училиште, што значи да се биде ученик, да се стане наутро, да се подготви, дека училиштето си носи обврски. Но, не доби нај реална слика зашто неговата слика е дека оди на училиште за да седи сам на клупа", вели Бранкица.

Независно е колку ќе трае опасноста од корона вирусот, а со тоа и наставата од дома или во училница со маски и на дистанца.

Поради влошената епидемиолошка состојба во државата МОН деновиве донесе одлука со која им се дава можност на наставниците да држат предавања на интернет во согласност со директорите на училиштата.

Како и да е и наставниците и родителите се обидуваат ништо да не им застане на патот на учењето на децата. Па така и основецот Давид кој со помош на наставниците и на родителите се обидува од секоја ситуација да извлече максимум ни кажа дека во првото тримесечие сите оценки му се петки.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG