Доцни замената на таблата и кредата со компјутер

Празна училница и средство за дезинфекција.

Институциите задоцнија со подготовките за далечинско учење во услови на пандемија, вели претседателката на Младинскиот образовен форум (МОФ) Стефани Спировска. Министерката за образование, Мила Царовска вели дека наскоро ќе биде промовирана единствената национална платформа за онлајн настава.

Пандемијата со ковид-19 ги извади на виделина недостатоците во образованието како и доцнењето на дигитализацијата која досега требаше да биде воспоставена, велат луѓето од оваа бранша. Еден од клучните проблеми е нееднаквоста на квалитетот на образованието кога ќе се споредат различни средини, како што е меѓу различни градови, како и меѓу урбана и рурална средина, вели претседателката на Младинскиот образовен форум (МОФ)Стефани Спировска во неделното интервју на Радио Слободна Европа, што во целост ќе биде објавено в недела.

Таа додава дека со пандемијата излезе на површина оти системот е неподготвен да обезбеди еднаков пристап до образование за сите ученици. Спировска смета дека институциите задоцнија со подготовките за далечинско учење во услови на пандемија.

„Дефинитивно се задоцни, затоа што ова не е нешто кое што не знаевме дека ќе се случи. Штом сите ние знаевме дека наставата ќе продолжи он лајн сигурно институциите знаеле пред нас. Претпоставувам дека сега се прават напори и од она што ние како организација го знаеме, меѓутоа дефинитивно се доцни и само тоа што се одложи учебната година за еден месец укажува на тоа дека дефинитивно не бевме подготвени да се соочиме со ова“, вели Спировска.

Први септември годинава се паѓа на први октомври

На новата единствена национална образовна платформа ЕДУИНО која министерката за образование Мила Царовска најави дека наскоро ќе биде промовирана, засега се поставени видео материјали за предучилишна возраст и за основните училишта, но не и за наставата во средните училишта. Претседателот на државата, Стево Пендаровски на трибината „Дигитализација и образование“ истакна дека е неспорно оти спроведувањето на наставата преку дигитални платформи е предизвик, особено за, како што вели, држава со мали ресурси.

„Достапноста на образованието за сите и надминувањето на физичките бариери е, според мене, неверојатен бенефит за секоја индивидуа и за општеството во целина. Затоа треба да бидеме подготвени да инвестираме во информатичките технологии и да ги развиваме дигиталните алатки, но пред се и над се, генерално зборувајќи, да работиме на дигиталната писменост“ изјави претседателот Пендаровски, додавајќи дека процесот на образование има и социјална димензија.

Видете и ова: Хероите на новото време подаруваат компјутери и училишен прибор

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов вели дека претходното полугодие и импровизацијата која се случуваше во образованието покажа дека образованиот систем не е подготвен за спроведување на различни типови на образование како другите развиени земји во светот. Втората работа е дека образованието доцни повеќе од една деценија во она што кај нас се вика реформа, а тоа е дигитализацијата, вели Кордалов.

„Нешто со кое денешните генерации, младите, децата и учениците живеат, функционираат и учат. Воведувањето на дигиталните алатки, воведувањето на современо образование, не денеска со појавата на коронавирусот, туку многу наназад е приоритет и обврска заради тоа што тоа е единствениот начин на замена на таблата и кредата постепено со дигитални алатки, како ќе го споиме образованието со навиките и потребите на учениците. Денеска, но и пред десетина години младите и бебињата се раѓаат со интернет“, вели Кордалов.

Тој објаснува дека основните и средношколците живеат и функционираат на дигиталните платформи, па затоа кога се креираат политики во образованието треба да се земе в предвид дека образованието треба да се прилагоди на навиките и потребите на учениците.

„Тоа е како да прилагодувате услуга на потребите на клиентите, односно на потрошувачи. Вас корисници на услугите во образованието ви се учениците и студентите, втората група ви се наставниците кои што се партнерот во спроведувањето на тој процес. Затоа дигиталното образование мора да биде приоритет и ако досега го игнориравме тој факт, конечно коронакризата покрај сите негативни работи ова го стави во врвот на приоритетите“ објаснува Кордалов.

Не заборавајте ја маската: на училиште во пандемија

Стартот на училишната година поради пандемијата со Ковид 19 е одложен за еден месец и наместо на 1 септември ќе започне на 1 октомври, а наставата за да се заштити здравјето на учениците ќе биде комбинирана, дел со присуство во училиште, а дел и онлајн. Минатата учебна година заврши со онлајн настава, оти со појава на пандемијата, на почетокот на март со одлука на владата без затворени градинките, училиштата и факултетите, а наставата се одвиваше на далечина.

Министерката за образование, Мила Царовска изјава дека наскоро ќе биде промовирана единствената национална платформа на која ќе се одвива образовниот онлајн процес. Платформата, вели Царовска, ќе биде едноствна за користење со двонасочна комуникација и направена на основа на добри практики.