Средношколците се закануваат со бојкот на онлајн наставата доколку владата не ги прифати нивните барања за враќање во школските клупи од 1 октомври. Тие денеска протестираат во Скопје барајќи комбиниран модел за настава за средните училишта, односно училиштата да бидат отворени во местата во коишто има малку заболени со коронавирус, а другите да следат настава онлајн.
Владата пред неколку дена донесе одлука школската година, наместо на 1 септември да почне на 1 октомври, но на училиште ќе одат само учениците од прво до трето одделение. Поради пандемијата на коронавирусот, учениците од четврто до деветто одделение и средношколците ќе следат задолжителна онлајн настава. Училиштата каде што бројот на ученици во паралелка не надминува 20, и има услови да се одржува растојание од 1,5 метри може да побараат враќање на училиште и за учениците од четврто одделение и на средношколците. Владата ќе ја следи ситуацијата и ќе дава мислење дали тие може да се вратат на школо.
Градинките, основните и средните училишта и факултетите беа затворени на 11 март годинава, како дел од мерките за спречување на ширењето на новиот коронавирус. Од тогаш до крај на годината учениците следеа онлајн настава, но се покажа дека има многу проблеми во организацијата на наставата – некои ученици немаат компјутери, некои немаат стабилен интернет, а дел и од наставниците и од учениците не беа доволно спремни за користење на алатките за онлајн настава.
Средношколците бараат да се вратат на училиште зашто сметаат дека онлајн наставата е целосно неефикасна. Лука Павиќевиќ од Средношколскиот сојуз вели дека бараат од владата да им дозволи на училиштата самостојно да одлучуваат за моделот на настава кој ќе го организираат и да изготви протоколи за отворање на средните училишта. Во спротивно најавуваат бојкот на наставата.
„Се разбира дека сме загрижени. Затоа бараме таму каде што дозволува епидемиолошката слика, тие училишта или тие градови каде што има низок број на заразени или воопшти нема заразени, треба да се отворат. Каде што ќе има висок број на заразени или бројот на заразени е во подем, секако дека никој не би сакал да ризикува со отворање на училиштата“, вели тој.
Синдикатот за образование, наука и култура, пак, бара целосна онлајн настава, образложувајќи дека малите деца не можат да ги поддржуваат мерките за заштита и оти ќе биде загрозено здравјето на наставниците.
Во саботата струмичките средношколци одржаа протест барајќи враќање на училиште. Тие порачаа дека неписменоста е полош вирус.
„Бараме да се вратиме назад на настава бидејќи сите знаеме колку онлајн наставата е ефикасна и колку секој од нас го поседува потребниот електронски уред за функционирање на истата“, рече средношколката Катерина Гонева.
Во изминатите 14 дена во Струмица има 16 нови случаи на коронавирус, што е 17 случаи на 100 илјади жители. Во Ресен и во Крушево, пак, нема регистрирано нов случај на коронавирус во изминатите две недели.
Од почетокот на епидемијата во март годинава во Македонија се заразени над 14300 луѓе, 600 луѓе починаа, над 11 илјади се излекувани, а во моментов има 2668 активни случаи. Најмногу нови случаи има во Скопје, Куманово, Штип и во Гостивар.
Епидемијата почна во кинескиот град Вухан на крајот на минатата година, но оттогаш се рашири низ целиот свет. Досега има над 25 милиони заразени и над 850 илјади починати во светот. Најпогодени земји во моментов се САД, Бразил и Индија.
Речиси сите земи во светот пролетоска преземаа мерки за спречување на ширењето на болеста, меѓу кои затворање на училиштата, затворање на стопанството, карантини и полициски часови.