Покрај позитивниот тренд во однос на бројот на заболени од коронавирус во земјава, проценка на стручната јавност е учениците од основните и средните училишта да не се вратат во училишните клупи до крајот на наставната година, а тековната учебна година до крај да продолжи да се реализира преку далечинско учење.
Реакции за овој вид на учење во јавноста имаше многу, од критики за неподготвеноста на системот и системски пропусти па до охрабрувачки пораки дека ,сепак, е најважно децата да не заостануваат и да стекнуваат знаења и на поразличен начин од класичното образование.
Од министерството за образование велат дека според нивните информации нема училиште кое не организирало било каква форма на далечинско учење, односно до МОН не се пристигнати реакции од страна на училиштата за проблеми при организирањето на далечинското учење.
ВИДЕО - Одржувањето на онлајн предавањата е на задоволитено ниво, а одлуката за јунската испитна сесија наскоро ќе ја донесеме, вели ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Сепак предизвик во оваа работа беше вклучување на учениците кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, за што беа доделени картички за бесплатен интернет со цел следење на далечинско учење за над 30 илјади ученици, а во меѓувреме работиме на нотирање на учениците кои во своите домови не поседуваат никаков ИТ уред и со поддршка на бизнис заедницата истите се снабдуваат со таблет компјутери, персонални компјутери, смарт телефони и слично“, велат од МОН.
На крајот од март Владата донесе одлука за електронско оценување на учениците. Наставата, испрашувањето (полагањето испити) и оценувањето во основните, средните училишта и на факултетите ќе се одвива електронски додека трае вонредната состојба во земјава. Образовните институции сами ќе одлучуваат со кои онлајн платформи и електронски комуникации ќе се одвива наставата и оценувањето, соопштија тогаш од Владата.
Некои од родителите пак, реагираат за тоа како ќе се оценуваат децата, особено ако се земе предвид фактот дека не сите се вклучени во ваквата настава. Од Министерството за образование велат дека веќе е изработено упатство по кое наставниците ќе го вршат оценувањето.
„Во меѓувреме, наставниците добија конкретно упатство изготвено од страна на Бирото за развој на образованието за тоа како и на кој начин да се спроведува далечинското учење, да се следат постигнувањата на учениците, да се проверуваат и оценуваат тие постигнувања“, велат од ресорното министерство.
Видете и ова: Адеми - Се контролира онлајн наставата
За поранешниот министер за образование Сулејман Рушити оваа ситуација во која се затекнавме бара да се држиме до правилниците од традиционалниот образовен процес, а оценувањето да не биде приоритет, туку знаењето.
„Но бидејќи сме во оваа состојба во која треба да се вреднуваат учениците, јас не сум сигурен дека има време да се направат нови правилници, туку само да се држиме до моделите од традиционалното образобвание и така да се оценуваат учениците. Сепак за мене најважно е учениците да стекнуваат знаење што повеќе, тоа треба да е приоритет, а оценувањето не е најважно во целата оваа ситуација“, вели поранешниот министер за образование Сулејман Рушити.
Од невладините организации се скептични околу оценувањето. Велат дека со оглед на тешкотиите со кои се соочува образовниот систем нема да може да се формираат вистински оценки врз основа на делумно пренесување настава кај учениците.Од Македонскиот образовен форум велат дека проблемот е што наставата за некои предмети е непостоечка, а за некои предмети е неквалитетно спроведена и не можат да се формираат вистински оценки врз основа на делумно пренесување настава кај учениците, а проблем според нив е што некои наставници не може технички да најдат начин како да ја формулираат таа оценка.
Со ова не се согласува професорот Илчо Ацевски од средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ од Битола.
„Јас немам дилеми во однос на оценувањето. Самата платформа која ја користиме ние има квизови со различни прашања со различна тежина. Тука се разбира останува само дилема дали ќе се препишат прашањата. Но, јас како наставник можам да го ограничам времето за решавање на квизот што пократко, за да немаат време за препишување. Освен квизот внимаваме и на домашните кои сме им ги задале и проверуваме дали ги завршиле. Значи има начини, особено што јас користам и видео конференции и можам веднаш да ги вклучам во предавањето и да имаме двонасочна комуникација“, вели професор Ацевски.
Ацевски нема дилеми дека сите ученици ги следат неговите часови. Ако ученикот не може да се вклучи во живо на платформата „Зум“, тогаш јас моето предавање го прикачувам на самата платформа и секој може да го изгледа колку и да сака. Ацевски вели дека дури и кога учениците се во клупи не постои гаранција дека секое дете е подеднакво заинтересирано за часовите и лекциите кои се предаваат, па според него не треба ни сега да се бараат построги критериуми за да се мотивираат сите ученици подеднакво да бидат активни во наставата.
Министерот за образование Арбер Адеми пак во неодамнешното интервју за нашето радио изјави дека Државниот просветен инспекторат постојано врши контрола врз начинот на кој се спроведува наставата доставувајќи задолжителни прашалници до училиштата и до наставниците поврзани со организирање на онлајн наставата.
Инаку, покрај опциите за интернет едукација на Македонската радио телевизија секој работен ден оди програмата ТВ училница на која наставници од земјата предаваат различни предмети од разни одделенија. Учениците се дома од десетти март, кога владата донесе таква одлука во обид да го спречи ширењето на коронавирусот. Првично мерката беше најавена како двонеделна, но потоа се продолжи поради ширењето на вирусот, а во земјава е прогласена и вонредна состојба.